Македонија
УЈП ќе го испитува имотот на Заев и на функционери од ВМРО-ДПМНЕ
Откако деновиве градоначалникот на Струмица и лидер на СДСМ, Зоран Заев, беше обвинуван од владејачката партија дека давал тендери на блиски, со што извршил непотизам, Управата за јавни приходи (УЈП) му пратила писмо за проверка на имотната состојба на сите членови на неговото семејство.
На денешната седница наменета за поставување пратенички прашања, Оливер Спасовски од СДСМ, праша дали УЈП ќе биде толку експедитивен, да ја испита и имотната состојба на министерката за внатрешни Гордана Јанкулоска, којашто, според нив, за пет години само од министерска плата го зголемила своето богатство за четири пати, како и имотната состојба на пратеникот Влатко Ѓорчев.
Премиерот Никола Груевски рече дека го разбира неговиот напор во оваа ситуација, кога неговиот лидер не е баш во најдобра позиција, а на прашањето дали УЈП може да провери состојба на функционери на ВМРО-ДПМНЕ, тој рече дека ги повикува тоа и да го направат што поскоро.
За трговската војна со Косово, од пред некој ден, Спасов праша дали се пресметани загубите во оваа трговска војна.
„Знам дека имавме затворање на границата, целата работа траеше една недела. До овој момент немаме пријавено никакви загуби, од ниту една страна. Беше кус период. Нема од некоја страна пријавено загуби“, рече Груевски.
„Не знам кој треба да ви пријави, може ќе пресметате дека имате и ќар од она што наплаќавте од граѓаните на Косово, но тоа треба да се каже“, реплицираше Спасов.
Марјанчо Николов од СДСМ праша зошто завршната сметка за Буџетот за 2012 година, која Владата треба да поднесе до 30-ти јуни и да ја достави до Собрание уште ја нема. Каде е и дали некој ќе поднесе одговорност?
„Сакате ли да сокриете каде потрошивте 2,5 милијарди на граѓаните? Неподнесувањето на завршната сметка, носењето на Буџетот за 2013 со исфрлање на новинарите и пратениците од Собрание, носи сомнеж дека матно се трошат парите“, рече Николов.
Премиерот одговори дека ништо не кријат и дека завршната сметка утре (во петок) ќе биде доставена, бидејќи во средата на владина седница била усвоена, а досега не била доставена заради технички причини. Посочи дека сакале да ја достават заедно со извештајот на Државниот завод за ревизија.
„Зборуваме за непочитување на закон. На пример, деновиве во Велес затворени се преку 70 дуќани за 100 денари разлика во промет и ќе платат казна од 3.250 евра… А никој за 2,5 милијарди евра нема да поднесе одговорност…Скапа е таа техничка грешка, 100 милиони евра скапа. Ако промовираме еднаквост пред законот, некој треба да поднесе одговорност“, додаде Николов./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: ВМРО-ДПМНЕ освои 59 мандати, СДСМ 19, Европски фронт 18, ВЛЕН 13, Левица 6 и ЗНАМ 5 мандати
Државната изборна комисија ги објави првичните резултати за парламентарните избори, а бројките ги потврдија пресметките на партиските штабови.
„На ниво на држава по мандати коалицијата ’Твоја Македонија’ со ВМРО-ДПМНЕ освои 59 мандати, коалиција ’За европска иднина’ со СДСМ 19 мандати. Коалицијата ’Европски фронт’ има 18 мандати, коалиција ВЛЕН 13 мандати, политичка партија Левица 6 мандати и ЗНАМ 5 мандати. Може да се случат некои мали промени да претрпат овие бројки. 94,05 е голем процент на обработени податоци, не верувам дека ќе има некои сериозни промени. Тоа ќе го знаеме веќе утре“, рече претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Вечерва почнаа да течат и рокови за приговори за парламентарните избори. Приговори за текот на гласањето може да се поднесат до 19 часот на десетти мај, а приговори за сумирање и утврдување резултати до 32.30 часот исто така на десетти мај.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ја слави двојната победа, Мицкоски порача: Сите кои што мислеа дека можат да ја уништат Македонија, завршија на буниште
Членовите на партијата ВМРО-ДПМНЕ, заедно со своите симпатизери ја слават победата на претседателските и парламентарните избори на плоштадот во Скопје.
На насобраните луѓе им се обрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Ја ослободивме Македонија. Сите тие кои што мислеа дека можат да ја ограбат Македонија, да ја понижат, да ја уништат, денеска завршија на буниште, а набргу ќе одговараат“, порача тој.
Мицкоски претходно ги повика граѓаните да дојдат на плоштадите низ сите градови на Македонија заедно да ја прослават победата.
Македонија
Ахмети: ДУИ е втора сила во државата
ДУИ е втора сила во државата, изјави вечерва лидерот на интегративците, Али Ахмети.
„Ние Европскиот фронт сме втора сила во државата. Ние всушност го имавме ВМРО-ДПМНЕ како главен противник, затоа што ВМРО многу му помогна на Влен, но разликата помеѓу Европскиот фронт и Влен е преку 30.000 гласови“, рече Ахмети.
Според официјалните податоци на ДИК, ДУИ освои 18 мандати, коалицијата Влен освои 13 мандати.
ВМРО-ДПМНЕ која извои убедлива победа со 59 пратеници и ќе го добие мандатот за формирање Влада, најави дека ќе почне преговори со Влен за коалицирање. Партискиот лидер, Христијан Мицкоски и вечерва повтори дека е време ДУИ да замине во опозиција.