Македонија
Министерот Адеми на Самитот за води во Унгарија

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми, од вторник до петок ќе престојува во Будимпешта, Унгарија, на Самитот за води.
Самитот е организиран од страна на Унгарската влада, во соработка со системот на ОН и Светскиот совет за води, и е еден од најголемите настани на годината поврзани со водите и нивното пречистување.
Главната цел на Самитот за води во Будимпешта е да се сумираат различните случувања во рамките на системот на ОН и надвор од него во поглед на подготовката на целите поврзани со водите за развојната агенда по Рио + 20.
Во текот на овие четири дена, владите (од развиените земји и од земјите во развој), меѓународните организации, финансиските институции, компаниите и граѓанското општество и науката ќе се соберат во Будимпешта со цел да дискутираат за најсериозните предизвици на водите и нивното пречистување.
Како составен дел на Самитот ќе биде организирана и изложба за води и пречистување, која ќе се фокусира на чисти, иновативни и достапни решенија на полето на водите и пречистувањето. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обвинение за поранешниот директор на затворот во Шуто Оризари – допуштал осуденици да си одат дома и на приватни локации

Јавен обвинител од специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција поднесе обвинителен предлог против поранешниот директор на КПУ Затвор Скопје, Филип Андов – Сокол, и уште седум вработени, поради злоупотреба на службена положба.
Според обвинението, тие во периодот од март до јули 2024 година, овозможиле незаконски погодности за петмина осуденици, вклучително и спроведување до нивни домови и други локации за приватни потреби, соопшти Обвинителството.
Постапката беше отворена во февруари против десет лица, но за две е донесено решение за отфрлање поради недостиг на докази. Тогаш беше соопштено дека петмина осуденици од затворот во Шуто Оризари незаконски биле привремено ослободувани по 8 до 10 часа.
Македонија
Муцунски во Охрид домаќин на шефот на албанската дипломатија: во фокус на средбата – унапредувањето на добрососедските односи и продлабочувањето на соработката

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Охрид беше домаќин на својот албански колега, министерот за надворешни работи на Албанија, Игли Хасани.
Во фокус на средбата беше унапредувањето на добрососедските односи и продлабочувањето на соработката меѓу двете земји во сите области од заемен интерес, со акцент на прашања од економската сфера – трговската размена, инвестициските можности и инфраструктурните проекти кои ги поврзуваат земјите долж Коридорот 8.
Двајцата министри разговараа и за тековните евроинтегративни процеси, регионалната соработка и можностите за меѓусебна поддршка на кандидатурите во рамки на регионалните иницијативи и мултилатералните организации, извести Министерството за надворешни работи.
Во рамки на посетата, министрите Муцунски и Хасани присуствуваа на церемонијата на свеченото отворање на Генералниот конзулат на Република Албанија во Струга, што претставува значаен чекор во насока на продлабочување на конзуларната, но и политичко-економската соработка меѓу двете земји.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: За разлика од порано, сега се реагира веднаш за пожарите

СДС повторно бесрамно лаже за пожарот кој се случи во текот на вчерашниот ден во Чучер Сандево. СДС беше власт 7 години и наместо да се позанимава со набавка на возила, модернизација или пак да покрене некаков чекор за борбата со огнените стихии, тие гледаа од каде тендер да наместат и да ќарат провизии, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од СДСМ.
За разлика од порано кога државата во летните периоди беше во пламен, велат од ВМРО-ДПМНЕ, сега се реагира веднаш.
Од партијата информираат дека 38 возила се ставени во употреба за гаснење на пожарите и дека Македонија за прв пат со оваа Влада добива интервентна пожарна со 50 специјализирани возила за гаснење на шумски пожари, кои имаат одлични карактеристики и капацитети за справување со тешко достапни терени.
„Армиските и полициските возила се пренаменети и ставени на располагање на Владата и на Дирекцијата за заштита и спасување со цел зголемување на капацитетите за справување со пожарите во земјава. Со пренамена на полициски и армиски возила државата заштедува неколку десетици милиони евра, а се зголемуваат капацитетите за гаснење на пожари. На располагање се и по два полициски и армиски хеликоптери кои се подготвени доколку има поголеми пожари и огнени стихии. По 400 евра за 400 невработени се предвидени за сезонски работници за борбата со пожарите низ државата. Имаме план, Македонија ќе ги зачува белите дробови“, пишува во реакцијата.