Македонија
ЗПММ: Состојбата во медиумите станува алармантна со новиот Закон за филмски фонд
Здружението на приватни електронски медиуми на Македонија против новиот Закон за филмска дејност, според кој се предвидува околу 1,1 отсто од бруто приходот на телевизиите на годишно ниво да оди за Агенцијата за филм, која треба да се формира на местото на Филмскиот фонд кој функционираше досега.
Според Здружението, заедно со претходните давачки коишто ги имаат медиумите за авторски права, секоја компанија ќе треба годишно да издвои осум отсто од вкупниот бруто приход.
„На овој начин државата станува ‘ортак’ со медиумите. Ако на ова се додадат и процентите кои ги плаќаме за авторските права, според последните измени во Законот за авторски и сродни права, состојбата станува и повеќе од алармантна. Веќе една година предупредуваме на штетата која ќе се предизвика со последните случувања во медиумската сфера во Македонија. Со двете здруженија за наплата на авторските права, а сега и со новиот надоместок за Агенцијата за филм процентот кој ќе треба да го издвојат медиумите за истото е неверојатни 5-6, а можеби и повеќе проценти од бруто приходот. Која е таа компанија која може да преживее на пазарот без 8 отсто од приходот годишно. Медиумите плаќаат вработени, придонеси, се купува опрема, се плаќаат даноци. Тоа се многу пари, се вложува, а често годината може да се заврши и во минус, а сепак, близу 8 отсто од вкупниот приход треба да се плати за оваа намена“, предупредуваат од ЗПММ
Собранието на Македонија го донесе овој Закон на седницата која се одржа на 31-ви мај оваа година. Директорот на оваа агенција ќе го именува и разрешува Владата. Законот треба да стапи на сила на 1-ви јануари идната година.
Со новите измени се засегнати и кабелските оператори, кои ќе треба да издвојат 2,5 отсто од вкупниот приход. Субјектите кои обезбедуваат само интернет услуги ќе платат 2,5 отсто, додека правните лица кои вршат кино-прикажување ќе издвојуваат 5 отсто. Компаниите кои вршат дистрибуција, изнајмување или продажба на филмови ќе треба да платат 3 отсто, додека оние кои приредуваат игри на среќа или забавни игри ќе треба да платат 1,3 отсто од приходот./крај/мф/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Темелно се реконструира месната заедница во Драчево
Започнати се градежните работи за темелна реконструкција на објектот на месната заедница во населба Драчево. Реконструкцијата опфаќа целосна санација на кровот и обнова на фасадата, што ќе придонесе за унапредување на енергетската ефикасност.
Предвидена е комплетна замена на електричната инсталација, водоводната и канализационата мрежа, а греењето и ладењето во новиот објект ќе се одвива со инвертер сплит системи.
Покрај надворешната обнова, објектот ќе добие и целосно нова функционална внатрешност, прилагодена на современите потреби на граѓаните.
„Со реконструкцијата се подобруваат и конструктивните и функционалните својства на објектот, кој подолг период беше во лоша состојба. Новата месна заедница ќе обезбеди модерен, безбеден и квалитетен простор за одржување на состаноци, активности и услуги за жителите на Драчево“, велат од Општина Кисела Вода.
Проектот се реализира со средства од Владината програма за капитални инвестиции, финансирана преку унгарскиот кредит, и претставува дел од пошироката стратегија за рамномерен развој на сите населени места во Општина Кисела Вода.
Македонија
Муцунски на проштална средба со амбасадорката Агелер
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски информираше дека денеска остварил проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Ангела Агелер.
Како што наведе Муцунски, на средбата изразил благодарност за нејзиниот севкупен ангажман и значајниот придонес во унапредувањето на политичката и економската соработка, како и за јакнењето на стратешкото партнерство и одличните билатерални односи меѓу двете земји за време на нејзиниот мандат.
На средбата било изразено заемно задоволство од континуитетот на политичкиот дијалог на високо ниво и од развојот на соработката во сите области од заемен интерес.
Муцунски информираше дека биле разменети и мислења за актуелните геополитички случувања и безбедносни предизвици, при што била потврдена заедничката посветеност на стабилноста на Западен Балкан и силното сојузништво во рамките на НАТО.
Македонија
Како членка на НАТО, не ни прилегаат технички влади, а предвремените избори носат нестабилност, рече Гаши
Претседателот на Собранието Африм Гаши изјави дека е поборник на идејата за одржување редовни избори, оценувајќи дека честите предвремени избори создаваат политичка и економска нестабилност.
На брифинг со новинарите, Гаши посочи дека мандатите треба да се завршуваат до крај, а граѓаните да ги оценуваат политичките субјекти според реализираните ветувања. Тој нагласи дека одлуката за избори ја носат пратениците, односно политичката волја на 61 пратеник.
Во однос на Пржинската влада, Гаши оцени дека, како стабилна држава и членка на НАТО, Северна Македонија нема потреба од технички влади за организирање избори, посочувајќи дека изборните процеси во последниот период поминуваат без сериозни забелешки.
Гаши информира дека на координацијата со координаторите на пратеничките групи повикал на усогласување за изборот на Народниот правобранител, нагласувајќи дека постапката е доведена до пленарна седница и дека таа ќе биде свикана штом ќе има политички договор.
Тој соопшти и дека Собранието чека допис од министерот за правда Игор Филков за формирање работна група за Изборниот законик.
Во однос на наводите од СДСМ дека не бил испратен допис за Анкетната комисија за трагедијата во Кочани, Гаши рече дека тоа не е точно и дека пратеничките групи треба да ги достават своите предлози до Комисијата за избори и именувања.

