Македонија
Иванов: Македонскиот модел се залага за почитување и прифаќање на различноста
Во новата дигитална ера, нетолерантноста се шири со се поголема брзина, а говорот на омраза во своето ширење секогаш се труди да биде во чекор со времето, па така резултат на ова се стереотипите и предрасудите, а жртвите на овој вирус се другите, различните и поинаквите, истакна претседателот Ѓорге Иванов во говорот пред присутните на конференцијата за политички и меѓурелигиски дијалог и култура на толеранција, организирана од МАНУ во пресрет на 16 ноември, Меѓународниот ден на толеранцијата
Македонското општество мора да се соочи со предизвиците на современиот свет, а неопходно е создавање на механизми за борба против говорот на омразата на интернетот, без ограничување на слободата на изразувањето, смета Иванов, додавајќи дека неодамнешниот избор на Македонија за членка на Советот за човекови права, е привилегија, но и обврска за земјата.
„Пред само три дена, Република Македонија беше избрана за членка на Советот за човекови права на Обединетите нации. Тоа е признание, привилегија, но и голема обврска. Континуирано и на дело, Република Македонија се залага за заштита и за промовирање на човековите права и правото на човечко достоинство. Говорот на омраза е повредување на правото на човечко достоинство. Омразата на дело, пак, води до повредување на основните човекови права. Затоа борбата против говорот на омраза е дел од мисијата за заштита и за промовирање на човековите права“, изјави претседателот.
Во поглед на толеранцијата, Иванов вели дека таа секогаш се јавува во заемниот однос, и таа е можна само кога постои баланс меѓу припаѓањето и дистанцирањето.
„Толеранцијата секогаш се јавува во односот кон другиот. Нема толеранција без другиот. Ниту, пак, идентитетот е целосен без идентитетот на другиот. Човекот припаѓа кон одредена етничка, религиска, јазична и културна матрица. Македонскиот етнички, религиски и јазичен мозаик ги вклучува идентитетите на Македонците, Албанците, Ромите, Турците, Србите, Власите, Бошњаците… На христијаните, муслиманите, Евреите… Секој човек истовремено ѝ припаѓа на сопствената матрица и е дистанциран од матриците на другите. Толеранцијата е можна само кога постои баланс меѓу припаѓањето и дистанцирањето“, порача Иванов, додавајќи дека македонскиот модел, е модел на интеграција без асимилација, модел на почитување и прифаќање на различност и дека во срцевината на македонскиот модел е сфаќањето дека другите култури и религии не се закана за нечиј идентитет, туку потенцијален извор на негово збогатување./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

