Македонија
Избирачкиот список да се проверува на терен
Избирачките списоци да се проверуваат на терен преку прашалници, со цел да се регистрира точноста на податоците во нив, препорача во стратегијата, во петок експертот на ОБСЕ, Џон Арон, пред членовите на Државната изборна комисија.
Истражувањето кое би се спровело во одредени избирачки места, и на околу 20.000 испитаници, треба да ги потврди или демантира сомнежите околу квалитетот на списоците, како што е можноста веќе починати лица сè уште да имаат право на глас.
Да се утврди дали постојат гласачи со право на глас, а не се заведени во избирачкиот список, како и можноста од двојност во гласањето, кога едно лице гласа во две различни избирачки места.
Големата диспропорционалност во бројот на гласачи регистрирана по изборни места, Арон ја истакна како сериозна. Имено, просечниот број на гласачи во едно место се движи околу 800. Во Чаир, на едно место има регистрирано 200-300 гласачи, а на друго 1.110 до 1.200 гласачи. Според него, тоа е неверојатно и треба добро да се провери.
Истражувањето треба да ги опфати и адресите, на кои се наоѓаат голем број гласачи, бидејќи воочено е на една адреса да има од 100, па дури и неколку илјади гласачи. Но, ова, според него, веројатно се работи за села, каде што граѓаните не се заведени под одредено име на улица и број. Прашалникот би опфатил различни етнички групи и би се спроведувал околу една недела.
Истражувањето ќе го опфати и проблемот со евентуалната појава на лица кои се во списокот, но не живеат во државата. Во проверката нема да бидат опфатени потешкотиите за попишување на гласачите од дијаспората.
Препорачува оваа проверка да се спроведе најдоцна три месеци по завршувањето на претседателските избори во март.
Дамјан Манчевски од СДСМ смета дека тоа може да се направи и пред изборите, доколку има политичка волја.
Никола Тодоров, како претставник на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека не е утврдено дали тие луѓе што ќе одат на терен ќе имаат право да ги легитимираат граѓаните.
Претставничката на Дирекцијата за заштита на личните податоци рече дека секое мешање на политичките партии во Избирачкиот список, би се сметало за кршење на Законот./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

