Македонија
Потпишан договор за соработка меѓу македонската и белгиската полиција
Договор за продлабочување на соработката во борбата против организираниот криминал, посебно во делот на недозволена трговија на дрога, криумчарење мигранти и компјутерски криминал, потпишаа во четврток во Брисел министрите за внатрешни работи на Македонија и на Белгија, Гордана Јанкулоска и Жоел Милке.
Со договорот се отвара можноста во иднина македонските возачки дозволи да бидат признаени во Белгија.
„Денеска потпишавме многу важен договор за Министерствата за внатрешни работи на Република Македонија и на Белгија оти истиот е правна основа за полициска соработка меѓу двете земји кои ги дефинираат клучните области во кои постои широко поле за продлабочување на соработката. Овој договор овозможува директна, непосредна соработка меѓу полициите од двете земји во однос на прашањата од клучен интерес, а кои претставуваат глобални проблеми и закани за светот во денешницата. Договорот ќе ни овозможи да формираме заеднички истражни тимови што ќе работат на прашања поврзани со глабалните закани како што се сајбер-тероризмот, тероризмот, недозволена трговија со дрога и оружје и луѓе и продлабочување на полициската соработка во областа на организираниот криминал“, рече министерката Јанкулоска по официјалното потпишување на договорот.
Според Јанкулоска, важноста на договорот е поголема и поради тоа што истиот е прв договор од ваков вид меѓу Македонија и Белгија и значи широко поле за понатамошни нови иницијативи кои би се однесувале и во заедничкиот тренинг и усогласување на најдобрите практики на полициите на двете земји.
„Веруваме дека овој договор ќе значи нов дополнителен импулс во нашата соработка и во периодот што следи. А, со министерката Милке се договоривме веднаш да креираме акциски планови во однос на приоритетните задачи и да почнеме да постапуваме без никакво одлагање“, додаде Јанкулоска.
Шефицата на белгиската полиција, пак, потенцира дека Македонија, направила големи напори за реформи во делот со лажните азиланти.
„Има некои тешкотии и треба да се справиме со овој вид на проблеми, но во моментов нема зголемување на овој проблем, иако треба да ги решиме постоечките проблеми, потенцира Милке. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 09:00 до 12:00 часот дел од корисниците, на село Горно Соње, општина Сопиште.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 11 степени
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Од среда времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини со врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во среда засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

