Македонија
Централна прослава за денот на националното знаме на Албанците во Зајас

Централната манифестација за годишнината од денот на националното знаме на Албанците ќе се одржи во четврток на пладне во Зајас.
По повод празникот, денеска ќе биде отворен меморијалниот центар „Албанска Мајка“ кој што се гради по повод 100 годишнината на Балканските Војни.
Активностите за денот на знамето се под покровителство на претседателот на Демоктарската унија за интеграции, Али Ахмети, а во соопштението од партијата е нагласено дека е обезбеден и превод на македонски јазик. /крај/со
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Најдобрите кадри, веднаш по дипломирањето да бидат дел од безбедносниот систем: Тошковски со раководството на Факултетот за безбедност

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари средба со раководството на Факултетот за безбедност – Скопје на која се разговараше за партнерството меѓу академската заедница и Министерството за внатрешни работи, насочено кон јакнење на институционалните капацитети и унапредување на полициската професија.
„Со новиот Закон за внатрешни работи ќе се овозможи законска основа за вработување на студенти од високообразовни институции со кои МВР има потпишано договор за соработка. Тоа ќе овозможи најдобрите млади кадри, веднаш по дипломирањето да станат дел од безбедносниот систем на државата.
Истовремено, разговаравме и за вклучување на стручниот кадар од факултетот во процесите на континуирана едукација и дообука на полициските службеници, како дел од долгорочна стратегија за унапредување на професионалните вештини и стандардите во МВР.“, потенцираше министерот Тошковски на средбата.
Дополнително, во рамки на подготовките за реактивирање на Средното полициско училиште, се разгледа можноста токму наставниот кадар од Факултетот за безбедност да го даде својот придонес и во едукацијата на идните полициски генерации.
Двете страни се сложија ова се конкретни, одржливи чекори што ја поврзуваат науката и практиката во интерес на посилна, обучена и модерна полиција во служба на граѓаните.
Македонија
(Видео) Усвоен Предлог-законот за правична застапеност, Мицкоски очекува администрацијата да биде вистински сервис на граѓаните

Од првиот ден на мандатот, Владата што ја предводам е посветена на унапредувањето на добрите меѓуетнички односи како еден од најважните императиви за стабилна, праведна и европска држава.
Оваа определба добива уште поголема тежина ако се има предвид хаосот, поделбите, клиентелизмот и масовните злоупотреби што зад себе ги остави минатата влада, истакна премиерот Христијан Мицкоски.
Тој дополни дека должност и обврска на Владата е да се издигне над таквата наследена состојба и да гради институции што не делат, туку обединуваат и што ги отвораат вратите за најдобрите, најобразованите и најуспешните.
„Денес, Владата го усвои Предлог-законот за соодветна и правична застапеност, закон со кој отвораме ново поглавје на професионализам во јавниот сектор на државно и на локално ниво.
Овој закон има една јасна цел: администрацијата да биде вистински сервис на сите граѓани, но изградена врз заслуги, знаење, професионалност и интегритет, согласно Уставот и Охридскиот рамковен договор.
За разлика од времето кога партиска книшка беше поважна од дипломата и стручноста, ние поставуваме нов стандард: знаење, интегритет и заслуги.
Имаме обврска, после толку години на злоупотреби, да раскрстиме со минатото, градејќи институции кои не ги поддржуваат послушните, туку ги вреднуваат способните.
Јавен сектор каде што млад човек со квалитет може да напредува“.
Овој Предлог-закон како што најави Мицкоски ќе биде доставен на разгледување до Венецијанската комисија, затоа што како што рече сакаат највисоки стандарди и целосна усогласеност со европските вредности.
Законот, според неговата најава, ќе биде поднесен до Собранието откако ќе се добие мислењето од Венецијанската комисија.
„Ова не е чекор како што одредени политички партии сакаат да го злоупотребат против овој или оној.
Ова е одговорност кон сите.
Градиме држава што е праведна кон сите, што ги почитува сите и која напредува само ако напредува и секој еден граѓанин во неа.
Со овој закон, воспоставуваме баланс и го поставуваме и темелот на професионална, транспарентна, модерна и мултиетнички силна администрација“.
Според Мицкоски, силна и стручна администрација не е прашање на етничка припадност, таа е еднакво важна, како што рече, за секој граѓанин, без разлика од која заедница доаѓа.
„Кога институциите се праведни и ефикасни, сите граѓани добиваат подобра услуга.
Тоа е темелот на трајна меѓуетничка доверба и вистинска сплотеност.
Законот е гаранција дека етничките заедници ќе бидат соодветно и правично застапени, но истовремено во таков еден процес тој ќе ги штити квалитетите на сите етнички заедници.
Овој закон е одличен баланс и поттик за квалитетите и ги штити правата на сите. Им честитам на коалицијата ВЛЕН и на другите претставници на етничките заедници, ова е многу важен закон за македонците, за Албанците, за Турците, за Ромите, за Бошњаците, за Србите, за Власите и за сите, затоа што е закон кој ќе стимулира и ќе дава шанса, истовремено запазувајќи го квалитетот“, нагласи Мицкоски.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Цепелак: искажана загриженост за актуелната безбедносна состојба во светот

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со Генералниот секретар на Постојаниот арбитражен суд во Хаг, Марцин Цепелак, на којашто беше искажана загриженост за актуелната безбедносна состојба во светот и ја истакна потребата од праведен и постојан мир.
Според Сиљановска-Давкова, решенијата за денешните предизвици мора да се бараат во рамките на мултилатералниот систем, при што се заложи за зајакнување на улогата на Генералното собрание и преиспитување на механизмите за одлучување на Советот за безбедност.
Во време на зголемени глобални тензии, оцени таа, институциите како Постојаниот арбитражен суд се неопходни за зачувување на меѓународниот мир и стабилност. Таа укажа дека за сите држави, а особено за малите и средните, почитувањето на меѓународното право претставува не само правна обврска, туку и морален императив.
Претседателката ја истакна нашата подготвеност за зајакнување на соработката со ПАС преку потпишување меморандуми за разбирање, развивање партнерство со универзитетите и можности за пракса на младите професионалци во областа на меѓународното право, со што се согласи Генералниот Секретар на судот, Марцин Цепелак.
Тој ја запозна претседателката со историјата на Палатата на мирот во којашто е сместен Постојаниот арбитражен суд, со работата на судот и процедурите на одлучување.