Македонија
Почнува наградната игра „Фискална во рака – награда без мака“
Од денеска почнува наградната игра „Фискална во рака – награда без мака“ којашто ќе трае до крајот на 2014 година.
Нејзиниот почеток официјално го означи вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески со претставници на Државната лотарија на Македонија, која е организатор на извлекувањата.
Собраните најмалку 20 фискални сметки треба да се стават во бел плик со стандардна големина и да се пратат на адресата: Државна лотарија на Македонија, бул. „Гоце Делчев“ бр. 8, Поштенски фах 363, со назнака: За наградната игра „Фискална во рака – награда без мака“. Нема ограничувања на износот на сметката, ниту на бројот на испратени плика, на кои не смее да стои името на испраќачот, туку неговите податоци (име и презиме, адреса и тел. број) се запишуваат на ливче и се ставаат во пликот заедно со сметките.Првото извлекување ќе биде на 30 декември 2013 во живо на Македонската телевизија по Дневник 2, а во секое наредно коло ќе учествуваат и ковертите од претходните извлекувања.
Министерот Ставрески денеска на прес-конференција соопшти дека за да им излезе на граѓаните во пресрет, Министерството за финансии решило да бидат прифатени и фискалните сметки по 15 ноември, кога беше објавена наградната игра.
Новина е збогатувањето на наградниот фонд така што за една година додека таа трае ќе бидат доделени три стана, три дуќани и девет автомобили, покрај вредносните ваучери од 3.000 до 60.000 денари.
Становите се од по 52 метри квадратни, а дуќаните по 30 квадрати, лоцирани во Аеродром, на ул. Трета ударна бригада. Тие се обезбедени од Владарта на РМ, од Фондот за станови и деловни простории што ги гради АД за станбен и деловен простор. По еден стан и еден дуќан ќе бидат извлекувани на шест месеци – првите на 30-ти овој месец, следните на 30 јуни 2014, и последниот стан и дуќан на 30 декември 2014, кога ќе заврши наградната игра.
По првото коло, на 30 декември 2013, следните ќе бидат на секои шест недели, и на секое ќе биде извлекуван по еден автомобил од средна класа (вкупно девет). Извлекувањата ќе бидат во ист термин (понеделник на МТВ по Дневникот 2).
На МТВ секој понеделник од 20 часот ќе има и 15-минутна контактна емисија, на која граѓаните ќе може да се пријавуваат да присуствуваат на извлекувањата и да добиваат информации за наградната игра, за која детали, исто така, има и на веб-страниците на Министерството за финансии и на Државната лотарија на Македонија. Водителот од МТВ Димитар е заштитно лице на играта и ќе ја води, а ќе му помага водителката Ведрана.
Очекува дека вкупниот фонд за сите награди (станови, дуќани, автомобили и стоковни награди) ќе се движи од 350.000 до 400.000 евра./крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

