Македонија
Џафери-Бусек: Регионалната соработка полезна за земјите од ЈИЕ

Министерот за одбрана на Република Македонија, Талат Џафери, во четврток во Скопје се сретна со Ерхард Бусек, претседател на европскиот форум „Алпбах“, како и поранешен специјален координатор на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа.
Министерот Џафери, на средбата го запозна својот соговорник за актуелните напори и иницијативи на Министерството, на патот кон евроатлантските интеграции, со посебен акцент на регионалната соработка и добрососедските односи.
Во таа насока, министерот Џафери и Бусек се согласија дека регионалната соработка има позитивно влијание врз развојот на земјите од Југоисточна Европа. Дополнително, министерот информираше и за неколку регионални иницијативи и процеси, како и за успешното прераснување на Регионалниот центар за односи со јавноста во 26. центар на Партнерството за мир.
Воедно, тема на разговор беше и учеството на Република Македонија во меѓународните операции предводени од НАТО – ИСАФ, Авганистан, потоа од Европската Унија – Алтеа, БиХ, од Обединетите Нации – УНИФИЛ, Либан, како и логистичката поддршка која Република Македонија ја дава за силите КФОР на Косово.
Во контекст на Европската Унија, соговорниците разговараа и за искуствата на државата од учеството во борбената група на ЕУ во втората половина на 2012 година, предводена од СР Германија, како и за претстојното учество во борбената група на ЕУ во втората половина на 2014 година, предводена од Белгија.
Европскиот форум „Алпбах“, чиј претседател е Ерхард Бусек, е основан 1945 година. Тој претставува интердисциплинарна платформа за наука, политика бизнис и култура. Целта на форумот е креирање на дијалог во насока на намалување на генерациските, идеолошките и сите останати јазови кои го делат светот. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Перински: Година на конкретни проекти и стратешки чекори за локален развој

По повод една година од формирањето на Владата, министерот за локална самоуправа Златко Перински нагласи дека Министерството ја потврдило својата улога како двигател на рамномерен развој и партнер на секоја општина и секој граѓанин.
„Направивме реална проценка на состојбите на терен и увидовме дека на општините им е потребен енергетски поттик за да се заживее локалната економија и да се подобри инфраструктурата“, истакна Перински.
Рекордна распределба на јавни средства
Преку Потпрограмата АА за инфраструктурни проекти во општините, беа аплицирани околу 1200 капитални проекти, со вкупна инвестиција од 20 милијарди денари. Во рамки на првиот јавен повик за 2024 година се финансирани 288 проекти, а на вториот повик се одобрени 829 проекти во вредност од речиси 14 милијарди денари.
Поддршка за рамномерен развој
Во 2024 и 2025 година, преку Програмата за рамномерен регионален развој, се поддржани 176 проекти насочени кон подобрување на состојбите во планските региони, селата и урбаните средини. Дополнително, преку Програмата за намалување на регионалните диспаритети, одобрени се 38 проекти во вредност од над 87 милиони денари.
Во партнерство со Швајцарската агенција за развој и соработка, завршени се 10 регионални проекти, меѓу кои реконструкција на болници, домови за стари лица и превенција од пожари.
Дигитализација и ЕУ-поддршка
Министерството активно работи на дигитализација на општинските услуги, во координација со Министерството за дигитална трансформација. Паралелно, во соработка со Делегацијата на ЕУ, се спроведуваат осум проекти во финална фаза со вкупна вредност од над 336 милиони денари – меѓу нив: „Чист Аеродром“, „Зелена Општина Охрид“ и „Паметен велосипедски град Струмица“.
Законски измени и нови иницијативи
Завршена е постапката за измена на Законот за локална самоуправа, со акцент на локалната демократија и можноста за отповикување на градоначалник, во согласност со препораките на Венецијанската комисија.
Покрај тоа, Министерството работи на формирање Ресурсен центар за поддршка на општините, со фокус на административна обука, проектен менаџмент и дигитална трансформација. За оваа намена се предвидени 5 милиони денари.
Преку ИПА 3 – проекти со соседите
Активни се програми за прекугранична соработка со пет соседни земји – Грција, Бугарија, Србија, Албанија и Косово. Како стратешки важни, Перински ги издвои проектите за граничните премини Клепало и Маркова Нога, со потенцијал за економски развој и поттикнување на туризмот.
„Сѐ што спроведовме оваа година е насочено кон унапредување на квалитетот на живот на сите граѓани. Ќе продолжиме посветено да одговараме на нивните реални потреби и очекувања“, порача министерот Перински.
Македонија
Од денеска до вторник топлотен бран во Македонија, се активираат препораките за заштита на населението

Министерството за здравство ја информира јавноста дека во согласност со прогнозите од УХМР и врз основа на акцискиот план за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението 2025 – 2030 година, почнувајќи од денеска (петок, 4 јули), се активира фаза 3, што ќе трае до 8 јули, вторник.
На предлог на Министерството, Владата ги донесе следните препораки:
– Ослободување од работни обврски бремени жени и лица постари од 60 години. Оваа препорака не се однесува на вработени во критичната инфраструктура (здравство, полиција, армија, транспорт, енергетика, јавни комунални претпријатија);
– Одложување на работниот процес во критичните часови (11 – 17 часот) за работници изложени на директна топлина;
– Работа од далечина, флексибилно или двократно работно време, каде што е изводливо;
– Работодавците да обезбедат микроклиматски услови за работа во согласност со акцискиот план: простории со температура до 25°C, освен таму каде што природата на работниот процес налага поинаку;
– Активирање планови за вонредни услови, сите здравствени установи, установи за згрижување стари лица и образовни институции да постапат во согласност со интерните протоколи за кризна состојба.

Извор: УХРМ
До вторник ќе се задржи многу топло време со дневна температура насекаде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C. Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.
Во среда и четврток ќе дува засилен северен ветер, кој ќе предизвика значително опаѓање на дневната температура.
Македонија
Рекордна потрошувачка на вода во Скопје, неконтролирано се вадат бавчи и се мијат автомобили, велат од „Водовод“

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, во согласност со системот за мониторинг и мерење на дневната потрошувачка на вода, констатира енормно зголемена потрошувачка на водата, особено во попладневните часови.
Конкретно, на 23 јуни дневната потрошувачка на вода изнесуваше рекордни 356.000 м3, што би значело потрошувачка од 700 литри вода на жител.
Потрошувачката е предизвикана од неконтролирано трошење на водата за полевање зеленило, бавчи и ниви, за миење автомобили, за полнење базени. Воедно, апелираат до сите граѓани на градот Скопје на совесно и рационално користење и употреба на водата.
„Апелираме до граѓаните на град Скопје, доколку забележат див приклучок, да го пријават на 02 3073 010, [email protected] или www.vodovod-skopje.com.mk“, велат од „Водовод“.
Со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснадбувањето до сите корисници во град Скопје.