Македонија
Почина сопственикот на МТМ телевизија
По неколкумесечно боледување, почина сопственикот на скопската телевизија МТМ, Стојан Давчев.
Роден е во 1945 година во штипското село Сарчиево. Дипломирал на Електро-техничкиот факултет во Белград на отсекот електроника и телекомуникации во 1969 година. Од 1982 година е соспственик и генерален директор на фирмата ДАСТО, а од 1992 и на Телевизија МТМ. Пред тоа стекнува работно искуство како електро инженер во секторот телекомуникации, а од 1970-1981 раководи со секторот на среднобранови предаватели во Радио Телевизија Скопје. Својата стручност како електро инженер ја доусовршува во повеќе реномирани светски компании за телекомуникации.
Стојан Давчев е истакнат бизнисмен и менаџер, кој повеќе од 30 години успешно опстојува на територијата на бивша Југославија, на Балканот, во Европа, Азија, Африка, САД и Канада. Со својата визија и мисија за развој на телекомуникациите во регионот и пошироко, создаде компанија која повеќе од три децении е водечки производител на повеќе од 400 различни производи наменети за професионална телекомуникациска опрема. Негово дело се компаниите Дасто, МТМ, Дасто Семтел, Дасто Бетел, Дасто Монтел и Дасто Амтел.
За својата работа и стручност има добиено многу награди, дипломи, благодарници и највискоки професионални признанија. Во 2010 година доби плакета за значајни остварувања поврзани со високообразовната, научноистражувачката и културната дејност, како и за афирмација на универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Македонија и во странство. Повеќе години беше претседател на Надзорниот Одбор на Стопанската комора на Македонија, а покрај придонесот за стопанството во земјата, беше и голем општественик.
Го врати духот и животот во неговото родно Сарчиево со големиот проект, обновата на селската црквичка во респектабилен манастирски комплекс „Света Петка“, каде двапати беше постигнат Гинисов рекорд за најголем котел сварен грав, манифестација по која за Сарчиево и Македонија се слушна надалеку во светот.
Комеморацијата во негова чест ќе се одржи в сабота од 10 до 11 часот на градските гробишта Бутел, а ќе биде погребан во манастирот „Света Петка“ во Сарчиево во 13 часот./крај/со
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

