Македонија
Заеднички контакт центар за полициска соработка меѓу Македонија и Србија

Заедничкиот контакт центар за полициска соработка „Табановце“ ќе биде уште една вредна алатка во процесот на директната прекугранична соработка помеѓу полициските служби на Македонија и Србија, особено во делот на размената на информации, истакна меѓу другото министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на отворањето на Заедничкиот контакт центар за полициска сорабoтка – „Табановце“ на кое што присуствуваше и српскиот премиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.
Министерката Јанкулоска нагласи дека покрај тоа што овој центар ќе ги собере на едно место надлежните служби на двете земји и ќе овозможи зајакнување на меѓусебната доверба и побрза размена на информации, неговото ставање во функција воедно значи и уште еден практичен показ за натамошна конкретна имплементација на одредбите содржани во Конвенцијата за полициска соработка во ЈИЕ, чија што потписничка е и Македонија.
„Контакт центарот „Табановце“, сосема сигурно ќе претставува одлична поддршка за оперативните активности на двете полициски служби, при што тој со примена на релативно едноставни процедури е дизајниран да овозможува брза размена на информации и брзи одговори на барања од сите области на граничното работење. Тоа се разбира го прави идеален механизам во секојдневните потреби на полето на граничното работење“, потенцираше министерката Јанкулоска.
Од своја страна српскиот премиер и министер за внатрешни работи Дачиќ истакна дека денешниот чин е уште една потврда на интензивната и блиска соработка што во континуитет ја имаат двете министерства, и дека таквите пријателски и отворени релации ќе продолжат и во иднина.
Контакт центарот за полициска соработка ќе функционира на граничен премин кој што со преку 4.000.000 патници годишно, е еден од најголемите и најфреквентните гранични премини за патен сообраќај на Македонија.
Инаку, на средбата Јанкулоска и Дачиќ го парафираа Протоколот меѓу МВР на Република Македонија и МВР на Република Србија за соработка во текот на туристичката сезона во Република Македонија, а наедно министерката Јанкулоска на Дачиќ му го врачи и предлог-текстот на Протоколот меѓу двете министерства за прекугранично константно гонење што се очекува наскоро да се финализира и да биде потпишан./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сообраќајот се одвива непречено, по суви коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Мостот на река Вардар на регионалниот пат Р1312, кај Башино село е затворен за секаков вид на сообраќај.
Македонија
Денес во Дебар Маало настан по повод 73. роденден на големиот драмски автор Горан Стефановски

По повод 73. роденден на големиот драмски автор Горан Стефановски, денеска, кај спомен-клупата во Дебар Маало ќе се одржи настанот „Горан е тука“.
Како што стои во соопштението на Општина Центар, на одбележувањето ќе настапи музичката група „Аудио Скопје“ и ќе се читаат одбрани текстови од и за Горан, во изведба на Саша Димитриевска, Мирјана Трпковска – Костовска и Трајанка Илиева – Вељиќ.
Со свои настапи, додаваат, ќе се приклучат и пријатели од неговата младост, актери и уметници, Дарко Вељиќ ќе изведе пантомима, додека неговиот син Игор Стефановски ќе приреди музички сет како симболичен поздрав до ликот и духот на својот татко.
-Горан Стефановски не беше само писател – тој беше совеста на едно време, гласот што не потсетува кои сме и каде одиме. Неговите зборови сè уште одекнуваат во културниот простор на Македонија, во нашите мисли, во улиците на Дебар Маало. Со секој збор што го напишал, тој создал светови во кои се огледува нашето минато и иднина. За нас е чест што преку овој настан, дел од Програмата за култура за 2025, му оддаваме почит на еден од најголемите умови што ги имала оваа земја. Придружете ни се во овој свечен и искрен омаж на човекот чиј дух продолжува да живее преку неговите реченици и идеи. Горан не е само спомен – тој е присуство. Горан е тука, вели градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.
Организатор на настанот е Здружението на граѓани Тим Театрос К од Скопје, кое со години го негува сеќавањето на Стефановски.
Македонија
Денес и утре облачно, од вторник сонце

Времето во Македонија денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени локални врнежи од дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и услови за изолирана појава на град.
Во Скопје, променливо облачно, попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на град.
Утре времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремен локален дожд, претежно во западните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од источен правец. Минималната температура ќе се движи од 5 до 11, а максимална од 15 до 22 целзиусови степени.
Од вторник ќе имаме сончево време со мала локална облачност. Максималните температури ќе се движат од 18 до 25 целзиусови степени.