Македонија
Промовирана едицијата „Пишаната оставина на Павел Шатев“

Доколку не би постоеле големите луѓе и настани во историјата на Македонија би се изгубила можноста за наше препознавање меѓу нациите, а без нивните подвизи, дела и херојства би била празна историјата и културата на нашиот народ, порача премиерот Никола Груевски на промоцијата на капиталната едиција во девет тома „Пишаната оставина на Павел Шатев“ во Музејот на македонската борба за независност и самостојност.
„Се наоѓаме пред оставштината на големиот македонски гемиџија, револуционер и политичар Павел Шатев, човекот кој повеќе од 50 години активно и служеше на идејата за ослободување на Македонија. Едицијата е од особено значење зашто вакви пишани сведоштва, мемоари и осведочени сеќавања на револуционери кои оставиле значаен белег во македонската историја се прилично ретки. За среќа постојат и дејци, како што е Павел Шатев, кои успеале да запишат дел од она што го проживеале и за што се залагале и жртвувале во минатото“, потенцираше премиерот.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска посочи дека по цели 62 години од смртта на големиот македонски револуционер македонската научна јавност и читателската публика во нашата држава, за првпат ќе има можност, изворно да се запознае со неговото дело гледано низ призмата на неговата публицистичка активност.
„Денеска ја промовираме капиталната едиција во девет тома, „Пишаната оставина на Павел Шатев“, која е проект на Министерството за култура, преку кој се обидуваме пред светот да ја презентираме нашата вистина, вистината за Македонија“, изјави Канческа-Милевска.
Таа потенцираше дека оставнина на Шатев е многу голема и пред се се состои од ракописи посветени на историјата на Македонија, на македонското револуционерно движење и на истакнати македонски револуционери.
Деветте тома се базираат на 4.000 страници во ракопис оставина на Шатев. Првите четири тома се насловени „Историја на Македонија“, „Борис Сарафов – биографија“, „Спомени“ и „Полициско досие (досие УДБА)“. Петтиот том е „Записи за нацијата и државата“, шестиот „Македонија и балканскиот проблем“, седмиот е „Македонија под ропство“, осмиот е насловен „Документи“, а деветиот „Заточението во Сахара – Фезан“.
Павел Шатев е непосреден учесник и активен сведок на речиси сите етапи на македонското револуционерно минато: учесник во солунските атентати во 1903 година, активист во организациите на македонската емиграција во Бугарија и член на раководството на Македонската емигрантска федеративна организација и на ВМРО (Обединета). По ослободувањето на Македонија се вклучил во државниот и политичкиот живот на новата македонска власт со членувањето во АСНОМ, како член на првата влада на Федерална Македонија, како министер за правосудство, потпретседател на Президиумот на АСНОМ и сојузен пратеник во Уставотворното собрание на Југославија./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.