Македонија
Запленета стока ќе им се дели на социјално загрозените граѓани
Обувки, текстилни производи, прибор и опрема за домаќинство се само дел од производите запленети на граничните премини во државава кои ќе им бидат доделени на социјално загрозените семејства.
Ваква одлука донесоа Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, директорот на Царинската управа, Ванчо Каргов, и директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Башким Амети кои истакнаа дека станува збор за 76 илјади парчиња разновидна стока и истите ќе бидат дистрибуирани и донирани преку Центрите за социјална работа до крајните корисници, односно до граѓаните во социјален ризик.
„Оваа акција во која учествуваат трите институции продолжува засилено и во наредниот период, при што се планира доделување на дополнителна роба. Знаеме дека предизвиците од социјален карактер не се решаваат одеднаш, туку потребни се систем на мерки и иницијатива, наша посебна цел е да покажеме дека државата посветува должно внимание и конкретна помош на сите граѓани од социјален ризик“ истакна Спасов.
За добивање на ваква помош корисниците ќе треба да поднесат барање до Центрите за социјална работа, кои пак истата ќе треба да ја распределат според идентификационите податоци за членови на домаќинството или семејството, бројот на членови , како и податоци за условите за живеење.
Спасов истакна дека корисниците помошта ќе може да ја добијат од 4 јануари заклучно до 10 јануари 2014 година.
За бесплатно распределената и отстапена стока ќе се води точна евиденција која центрите за социјална работа ќе ја доставуваат до министерството, каде ќе се содржат податоци за крајните корисници и количината и основот врз кој е направена распределбата на донацијата./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

