Македонија
Законите за медиуми и новиот состав на Лустрациска денеска пред пратениците
Продолжува 82 – та седница на која на дневен ред е Предлог одлуката за избор на новиот состав на Комисијата за верификација на фактите.
За време на оваа седница предвидено е и разгледување на Предлог законот за реализација на инфраструктурен проект за изградба на магистрален гасовод, Делница „Клечовце – Блок станица 5“, како и измените и дополнувањата на законите за данокот на добивка, за персоналниот данок на доход, за филмската дејност и за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на Законот за медиуми, на Изборниот законик и на Кривичниот законик, сите по скратена постапка.
Пратениците ќе расправаат и за Предлог законот за дополнување на Законот за земање и пресадување на делови на човечкото тело заради лекување, измените и дополнувањата на Законот за лековите и медицинските помагала и на Законот за здравствена заштита, сите во прво читање.
Откако вчера ја завршија расправата, пратениците денеска само ќе гласаат по измените и дополнувањата на законите за експропријација, за вршење сметководствени работи, за Законот за игрите на среќа и за забавните игри, за Законот за јавните набавки, како и за дополнувањата на Законот за користење и располагање со средствата на државните органи, сите во прво читање./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма
Иновативната формулација на „Алкалоид“ АД за лекот со додадена вредност „Омепразол“ во течна форма, готов за употреба, прва од ваков тип во светски рамки, е прогласена за „Патент на годината за 2023“ од Државниот завод за индустриска сопственост, во рамките на пригодното одбележување на Светскиот ден на интелектуалната сопственост – 26 април.
Меѓународната патентна пријава на „Алкалоид“ за „Oмепразол“ во течна форма беше поднесена на 17 април 2020 година, со опфат на голем број региони и земји, меѓу кои земјите од Европската Унија, САД, Канада, Кина, земјите од Евроазиската економска унија и други. Патентната пријава при Европскиот завод за патенти, чии ингеренции опфаќаат патентни активности во 39 земји во Европа, беше одобрена на 3 август минатата година и валидирана во триесетина земји, меѓу кои и Македонија.
Патентот на „Алкалоид“ АД ја заштитува течната фармацевтска дозна форма на „Омепразол“, која се базира на два посебни раствори содржани во двокоморско пакување, кое при отворањето автоматски ги меша двата раствора и така се добива готовиот течен омперазол за употреба. Овој препарат е наменет, пред сѐ, за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеалната рефлуксна болест (ГЕРБ) кај малите деца кои не можат да голтаат таблети, како и кај возрасните пациенти кои имаат тешкотии со голтањето (пациети со дисфагија) и неможност за голтање (пациенти со поставени сонди за гастрично хранење и/или геријатриски пациенти).
Државниот завод за индустриска сопственост е основан на 1 декември 1993 година како самостоен орган на државната управа и е надлежен за вршење на работите во врска со стекнувањето и со заштитата на правата од индустриска сопственост кои опфаќаат патенти, индустриски дизајни, трговски марки и ознаки за потеклото на производите. Оваа институција триесетта година по ред традиционално организира активности во насока на афирмација на улогата на индустриската сопственост во поттикнувањето иновации и креативни творби.
ПР
Македонија
Први и шести мај неработни за сите граѓани на Македонија, трети мај за граѓаните од православна вероисповед
Министерството за труд и социјална политика, согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07) соопштува дека:
1 мај 2024 година (среда), Денот на трудот е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
03 мај 2024 година (петок), Велики Петок, петок пред Велигден, е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед во Република Северна Македонија.
06 мај 2024 година (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден според православниот календар, е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
Министерството за труд и социјална политика на граѓаните им ги честита престојните празници.
Македонија
(Видео) Сајкоски: Да донесеме уште поголема победа на 8 мај за просперитетна влада на ВМРО-ДПМНЕ
„Денес продолжуваме со активностите тука во Охрид, вчера поминавме прекрасни митинзи со огромна поддршка од граѓаните. Останаа уште неколку денови“, рече Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5 и ги повика сите да се приклучат и да донесат уште поголема победа во вториот круг.
„Сакам да ја изразам мојата благодарност и горд сум на тоа што го направивме во првиот круг, што ја дадовте вашата огромна поддршка за нашиот кандидат за претседател Гордана Силјановска Давкова.
Сакам да ве повикам и во вториот круг референдумски да излеземе за да можеме да ја реализираме Платформа 1198, за да може да реализираме многу проекти за регионов и нашава држава, да донесеме подобар економски развој и раст, да донесеме подобро образование и здравство, да донесеме подобар живот за сите. Затоа на 8 мај излезете сите да се активираме да кажеме НЕ за ова што се случуваше досега и да дадеме шанса за просперитетна влада која ќе ја носи Македонија напред“, изјави Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5.