Македонија
Груевски – Мијатовиќ: Владата ќе придонесува за подобрување на стандардите во медиумите
Премиерот Никола Груевски оствари средба со претставничката на ОБСЕ за медиуми, Дуња Мијатовиќ, на која се разговарало за повеќе актуелни прашања и теми од сферата на медиумите.
Премиерот Груевски ја истакна подготвеноста и отворената волја на Владата активно да продолжи да придонесува за подобрување на стандардите во областа на медиумите посочувајќи дека со носењето на решенијата за Законот за медиуми и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е направен значителен чекор напред во тоа поле. Тој истакна дека на тој начин прецизно се дефинирани и законски регулирани повеќе области.
Груевски истакна дека примарната задача на новите законски решенија е обезбедување и поттикнување на развој на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, како и развој на медиумската сфера и независната продукција, поттикнување на културата на јавен дијалог во насока на заштита и поттикнување на творештвото, слободата, образовниот и научниот развој.
Претставничката за медиуми на ОБСЕ, Дуња Мијатовиќ го поздрави носењето на таквите законски решенија, истакнувајќи дека компаративно гледано спаѓаат меѓу подобрите во регионот. Истовремено, посочи дека преостанува процесот на нивна имплементација што ќе зависи од волјата, капацитетите и подготвеноста на сите чинители во тој процес.
Премиерот Груевски даде силна поддршка на имплементацијата на донесените законски решенија упатувајќи благодарност до претставниците на ОБСЕ за поддршката и нивната вклученост во тој процес.
Мијатовиќ информираше дека Македонија ќе биде домаќин на регионалната медиумска конференција која ќе се одржи во Скопје.
Соговорниците на средбата се согласија дека заеднички ќе продолжат да придонесуваат за унапредување на стандардите и обезбедување на развој во медиумската сфера./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во наредните десет дена изменет сообраќаен режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта
СВР Охрид информира дека од денеска во наредните десет дена, на сила ќе бидат измените на сообраќајниот режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта, општина Дебрца.
„На овој патен потег, сообраќајот ќе се одвива наизменично по левата сообраќајна лента гледано во правец од Охрид кон Кичево поради што, апелираме до возачите, крајно внимателно и со прилагодена брзина да ги управуваат своите патнички и други моторни возила и во согласност со поставената хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација“, соопштуваат од СВР Охрид.
Македонија
СДСМ: „Тефтерчињата“ во судството од времето на Никола Груевски се вратија
„Го сменија јавниот обвинител за да постават обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник од ДПМНЕ назначија за член на Судскиот совет, поставија партиски човек во Советот за јавни обвинители. ‘Тефтерчињата’ во судството од времето на Никола Груевски се вратија“, велат од СДСМ.
„Сите знаат, следува целосно погребување на правдата. Со неуставна Резолуција во Собранието ДПМНЕ-ЗНАМ ја гушат демократијата, слободата на говор и се обидува да ја замолчи опозицијата да не зборува за договорот мигранти за пари.
Дури и Катица Јанева ја пуштија од затвор. Три години порано ја пуштија надвор од затвор за 3 месеци да тера кампања. Copy-paste сценарија како методите на Никола Груевски и Вучиќ. Режим 2.0.
Затоа е потребен широк фронт за правда на сите слободоумни граѓани, опозициски партии, прогресивни сили, здруженија. Заедно ќе ја одбраниме демократијата, заедно ќе ја одбраниме Македонија!“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Гаши се сретна со амбасадорката на Монголија: 30 години дипломатски и пријателски односи
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, заедно со Пратеничката група за соработка со Парламентот на Монголија, оствари средба со нерезидентната амбасадорка на Монголија, Сајана Лкхагвасурин.
Претседателот Гаши изрази задоволство од средбата во време кога се навршуваат 30 години дипломатски односи меѓу двете земји и надеж дека овој јубилеј ќе отвори едно ново поглавје на заедничка соработка. Иако нашата земја е кандидат за членство во ЕУ, сепак е отворена за соработка со сите држави во светот.
Исто така, Гаши искажа почит кон Монголија од историски аспект – преку Џингис-хан и од современ аспект – како силен мост меѓу Истокот и Западот.

Како претседател на законодавниот дом, ќе се заложи за продлабочување на односите на парламентарно, но и државно ниво. Преку заемни посети и размена на искуства, да се изградат мостови на соработка.
Амбасадорката изрази задоволство од одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи и најави низа свечени настани во таа чест. Таа информира за формирањето на парламентарна група за соработка со Македонското собрание, која е во тек во Монголскиот парламент, што ќе доведе до зајакнати парламентарните релации. Во насока на приближување на народите, беше посочено и што поскоро воведување на безвизен режим, како бенефит за двете земји.

Претседателката на Пратеничката група за соработка, Мерита Колчи-Коџаџику, ја искористи можноста да се заблагодари и на почесниот конзул на Монголија во нашата земја, Литов Намдагжанчивин, за неговиот труд и посветеност на зближување на двете земји. Во годината што претстои, најави интензивирана соработка, посебно на културно и туристичко поле. Во овој контекст се надоврзаа и пратениците Тони Јаревски и Драган Недељковиќ, кои упатија заложби за зголемена културна размена и преточување на иницијативите во конкретен документ за соработка.

