Македонија
Дискусија за евроинтеграцијата на Македонија
Дискусија и промоција на тема „Интеграција на Македонија во Европската унија – утврдување уставни импликации и опции поврзани со политичките критериуми“, ќе се одржи во среда во просториите на МАНУ.
Иницијативата е во насока на навремено утврдување и дебатирање на уставните измени и прилагодувања за пристапување во ЕУ, како и обезбедување на соодветна подготвеност на националните институции да ги прифатат обврските кои претстојат од примената на правото на ЕУ.
На настанот ќе се обратат Владо Камбовски, претседател на МАНУ, Билјана Бришкоска-Бошковски, заменик министер за правда, како и Роберт Лидл, раководител за политички прашања, правда и внатрешни работи во делегацијата на ЕУ. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Владата најави вонредни контроли на фирмите за медицински канабис
Владата на 149-тата седница одлучи да ги задолжи надлежните институции да спроведат вонредни контроли на сите фирми што имаат одобрение за одгледување и производство на канабис за медицински цели и во рок од 45 дена да достават извештај. Како што појаснуваат, контролите се со цел да се спречи индустриско нелегално производство и пласман на домашниот и меѓународниот пазар.
Воедно, ќе бидат именувани членовите на меѓуресорската државна комисија за борба против недозволено производство, трговија и злоупотреба на дроги. Од Владата посочуваат дека комисијата, формирана во 2017 година, досега не била активна и немала резултати, поради што во иднина ќе се бараат редовни извештаи за нејзината работа.
На истата седница е донесена и одлука за конечно решавање на проблемот со паркирањето во Клиничкиот кампус „Мајка Тереза“. Со одлуката се создава правна основа за потпишување договор меѓу Министерството за здравство и Градот Скопје.
Министерството за здравство во рок од три месеци го завршило процесот на регистрација на парцелите во Катастар и изработка на соодветни елаборати, со што се отвора можност за изградба на модерен и функционален паркинг, вклучително и катни гаражи, како и воведување софтверско решение за управување. Според Владата, проектот треба да обезбеди подобри услови за пациентите, здравствените работници и граѓаните што ги користат услугите на кампусот.
Владата го усвои и Предлог-законот за Советот на јавни обвинители, кој заедно со Предлог-законот за Јавно обвинителство добил позитивно мислење од Венецијанската комисија. Според информацијата, усвојувањето на овие закони во Собранието ќе значи исполнување на чекор од Реформската агенда.
„Нашата цел како Влада е да воспоставиме неселективност во постапувањето и да преземаме политики во интерес на граѓаните“, порачаа од Владата, додавајќи дека продолжуваат со реализација на програмата за обезбедување подобар, поквалитетен и побезбеден живот за сите.
Македонија
Владина делегација на средби во УНЕСКО: Потврдена определбата на државата за спроведување на преземените обврски за заштита на Охридскиот Регион
Владина делегација во состав Александар Николоски, заменик-претседател на Владата и министер за транспорт и врски, Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Љутков, министер за култура и туризам; Муамет Хоџа, министер за животна средина и просторно планирање; како и градоначалниците на Општина Охрид и Општина Струга, Кирил Пецаков и Менди Ќира, вчера и денес престојуваа во работна посета на Париз, каде остварија средби со високи претставници на УНЕСКО.
На средбите со генералниот директор на УНЕСКО, Калед Ел-Енани, претседателот на 43-та Генерална конференција на УНЕСКО, Конгкер Мохамад Талха, и претседателот на Извршниот одбор на УНЕСКО, Насер бин Хамад Ал Хинзаб, беше разговарано за значењето на УНЕСКО во современиот свет како единствена мултилатерална организација што промовира дијалог и меѓународна соработка во областите на образованието, науката, културата и комуникациите.
Во фокусот на разговорите беше состојбата на Охридскиот Регион како природно и културно светско наследство, при што беше нагласена важноста од континуирана и навремена имплементација на препораките за заштита, со цел зачувување на неговиот статус на Листата на светско наследство.
За време на средбите беше потврдена определбата на државата за спроведување на преземените обврски за заштита на Охридскиот Регион, како и подготвеноста за продолжување на соработката со Република Албанија во рамки на постојните механизми, со цел обезбедување долгорочна и одржлива заштита на регионот.
Македонија
Утре променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд
Времето утре, променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.

