Македонија
Магла на Стража, се препорачува внимателно возење
Сообраќајот на сите државни патишта во Македонија се одвива без забрани и застои, по претежно влажни коловози. Појава на магла со видливост од 70 до 100 метри има на планинскиот премин Стража.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево и Берово – Виница, каде е можна почеста појава на одрони.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
Нa граничните премини нема подолготрајни задржувања за влез и за излез од државата. /крај/амсм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Граѓаните ќе стават крај на криминалот и корупцијата на ДПМНЕ!
„АКТ откри корупциска мрежа, систем преку кој милиони евра пари на граѓаните завршуваат кај фирми блиски до власта преку наместени тендери. Додека тече грабеж на народот каснат исплатите за породилното, доцни поврат на ДДВ, доцни социјалната помош, се намалува буџетот за болните од ретки болести, нема пари за поголеми плати и пензии“, соопшти СДСМ.
„Граѓаните едвај врзуваат крај со крај а власта се богати преку наместени тендери и сомнителни зделки.
Само една фирма добила дури 161 тендер, во вредност од 5,3 милиони евра. Втора фирма инкасирала 9 милиони евра со двајца вработени и отворена лани.
Ова е организирано испумпување на граѓаните на кое мора да му се стави крај! АКТ најавува нова дигитална платформа нова алатка во борбата против корупцијата и криминалот.
Граѓаните ќе стават крај на криминалот и корупцијата. Власта ќе ја вратиме назад во рацете на граѓаните.
Не е крај кога ќе каже Мицкоски туку обратно, граѓаните кажуваат кога е крај! Тоа на сите нека им биде јасно! Сите ќе одговарате! Работата не е завршена“, се вели во соопштението на СДСМ.
Македонија
„Влен“: Правичната застапеност добива европски печат и наскоро ќе влезе во Парламентот
„ВЛЕН затвора еднаш засекогаш едно од најголемите поглавја на политичката измама против Албанците: прашањето за правична и соодветна застапеност. Новиот закон за правична и соодветна застапеност е најјасен доказ дека она што две децении се користеше како слоган, алиби и алатка за политичка уцена, денес станува законски, мерлив и применлив стандард“, велат од „Влен“.
„За прв пат, правичната застапеност не останува заложник на политичката волја на владите, партиските пазарења или изборните манипулации, туку е регулирана со јасен, обврзувачки и надгледлив закон. Со овој закон, ВЛЕН ја затвора клучната алка на Охридскиот Договор.
Фактите се неоспорни: Венецијанската комисија, највисокиот европски орган за уставни и правни прашања, исто така даде позитивно мислење за истиот закон. Ова дефинитивно ја побива пропагандата на ДУИ, која со години зборуваше за застапеност, но никогаш немаше храброст, волја и политичка чесност да ја регулира со закон.
ВЛЕН го направи она што другите само го ветуваа. Денес, правичната и соодветната застапеност се трансформира во правен механизам што гарантира вистинска еднаквост, транспарентност и правда за сите граѓани, без оглед на припадноста и без партиски посредници.
Се очекува законот наскоро да влезе во собраниска процедура, а ВЛЕН ги повикува сите пратеници, без исклучок, да се вратат на разумот, одговорноста и јавниот интерес. Ова не е партиски закон, туку закон за еднаквост, закон за правда и закон за европската иднина на земјата“, соопшти „Влен“.
Македонија
„Ако лажат британските медиуми и „нема легални и нелегални мигранти“ – Мицкоски нека ја потпише Резолуцијата!“, бара СДСМ
„Христијан Мицкоски тврди дека британските медиуми, кои објавија дека се договара прифаќање мигранти во Македонија за пари, лажат. Исто така, тврди дека „нема легални и нелегални мигранти“. Значи, според Мицкоски, сите лажат“, велат од СДСМ.
„Ако е навистина така, тогаш зошто Мицкоски не ја потпишува Резолуцијата? Што чека? Зошто одолговлекува и бега?
Еве, нека ја потпише Резолуцијата на СДСМ. Со само еден потпис ќе ги расчисти сите сомнежи и дилеми.
Ние сме конструктивни и транспарентни од првиот ден. Резолуцијата е јавно објавена и сите ја видоа.
Граѓаните бараат дела – конкретен чекор од Мицкоски, а не празни зборови.
Затоа што за граѓаните неговите зборови одамна не важат, поради сите ветувања што не ги исполни. Како и ветувањето дека ќе се повлече од политиката ако се докаже поврзаност со Агенцијата за обезбедување во Кочани. А има и многу други неисполнети ветувања. Списокот е долг.
Мицкоски веднаш нека ја потпише Резолуцијата, а не да ја руши со контра Резолуции. Потпиши и нема мигранти. Толку е едноставно.
Ако одбива да потпише – тогаш сè е јасно: Мицкоски не ја зборува вистината, а договор за мигранти сепак има“, соопшти СДСМ.

