Македонија
Подигнат споменик на борците на ДАГ
Во организација на Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес, во саботата на влезот на Катлановска бања беше откриен Споменик на ранетите и починатите Македонци и Грци – борци на Демократската армија на Грција (ДАГ) во Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, лекувани во Болницата во Катлановска бања 1947-1948 година.
На откривањето на споменикот присуствуваа делегации на речиси сите здруженија на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Република Македонија, како и бројни граѓани.
На почеток се одржа панихида за починатите борци на која богослужеа свештенослужители од Скопската епархија на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, со благослов на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан. По панихидата пригодни обраќања пред присутните одржаа претседателот на Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН Ташко Јованов претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров и професор д-р Виолета Ачковска. Спомени од прифатот на ранетите и болните борци на ДАГ во Македонија евоцираше Раде Гогов Црноречки, автор на книгата “Лекување на борците на ДАГ во Македонија”, како организатор и одговорен за прифатот на ранетите од Грција во Македонија во 1947 година.
По откривањето, свежо цвеќе на Споменикот, положија делегации на општина Петровец, Катлановска бања, Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН, Светскиот Македонски Конгрес, Здружението на Сетинци, Попадинци и Крушодари од Лерин – Скопје, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Битола, Здружението на политичките затвореници судени, прогонувани и затворани за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија ЅВЕЗДА од Велес, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија СВЕТИ ГЕРМАН од Скопје, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија СОНЦЕТО ОД КУТЛЕШ од Скопје и Славјанскиот универзитет од Свети Николе, а потоа уследи културно-уметничка програма со учениците и студентите од Ансамблот “Македонија” со песни и носии од Егејот, оперската певица Валентина Демитриоска и Ристо Краповски. Стихови рецитираа поетесата Виолета Сековска и поетот Мирче Нешовски.
„Една строго чувана воена тајна, после речиси седумдесет години, денес, за првпат се одбележува со Споменик во Катлановска бања. Споменикот кој денес го откриваме ќе остане траен паметник за местото каде во 1947-1948 година се лекувани ранетите Македонци и Грци борци на Демократската Армија на Грција (ДАГ) од Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година. Споменикот е помен и траен спомен и за сите ранети кои овде починаа и никогаш никаде оттука не заминаа. Нивните души и денес над нас бдеат, со Споменикот внесовме нивно смирение, да има каде да се собереме кога ќе сакаме овде да им се поклониме. Споменикот претставува сведоштво за помошта која тогашна Југославија преку Македонија им ја даваше на антифашистите и борците за слобода, правда и демократија во јужниот сосед Хеленската Република”, рече во своето обраќање претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со Мицкоски и ВМРО нема поголеми плати ниту во Армијата, велат од СДСМ
Две години нема зголемување на платите во Армијата, со Мицкоски и ВМРО нема поголеми плати ниту во одбраната, велат од СДСМ.
Во времето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, платите растеа во сите сектори, платите псотојано се зголемуваа 7 години а парите завршуваа кај граѓаните.
„Со ВМРО парите завршуваат во криминални тендери, Владата на Мицкоски нема пари за поголеми плати во Армијата, нема пари за поголема минимална плата, нема пари за поголеми плати.
Криминалот и корупција заедно со политиките на изолација на владата на Мицкоски директно се одразуваат на влошување на економијата, значат помалку пари, преполовени инвестиции, несигурност“.
Според СДСМ, дупката во буџетот е огромна, недостасуваат, како што велат, од околу 2 милијарди евра.
„Тоа носат политиките на изолација, на анти ЕУ кампања и против САД. Затоа со ВМРО сме во група на земји со Сомалија.
Одбрана на земјата е многу важно прашање, како членка на НАТО мора да имаме силна одбрана, задоволни и мотивирани војници“.
Македонија
САД нема да им даваат визи, Мицкоски конечно најде стратегија како да ги задржи младите во Македонија, вели Жерновски
Поранешниот амбасадор на Македонија во Романија и поранешен заменик-министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, со критики за владината политика по одлуката на САД за суспендирање на имигрантските визи.
„Нема виза ни за периметарот. Браво за Мицкоски! Конечно најде „стратегија“ како да ги задржи младите во Македонија – така што САД нема да им даваат визи“, напиша на социјалните мрежи Жерновски.
„Не со подобри плати, не со квалитетно образование, не со сигурни институции, туку со меѓународни рестрикции.
Од една страна, владата зборува дека ќе направи сè младите да останат дома. Од друга страна, под нејзино водство, Македонија завршува на листа на земји за кои САД ја суспендираат имигрантската политика. Ако ова е планот – тогаш навистина функционира: не заминуваш затоа што сакаш, туку затоа што не можеш.
Ова не е политика за младите, туку политика на затворање. Наместо да создаде услови поради кои младите би избрале да останат, власта создава услови поради кои светот им ги затвора вратите.
Мицкоски ветува иднина во Македонија, а испорачува изолација.
Ветува надеж, а носи рестрикции.
Ветува перспектива, а добивме повик за будење од реалноста.
Неговите „одлични, специјални односи“ со САД и со Трамп се толку одлични, што реалноста ни донесе повисоки царини за македонските производи и суспендирани визи за македонските граѓани.
Мицкоски веќе втора година нè убедува дека е „во периметарот на Трамп“, па затоа сето ова е резултат на лажно прикажаните односи и слабата дипломатија.
Погубно е вината да ја бараме во САД, бидејќи проблемот лежи во митот за „прв другар со Трамп“, кој мит е креиран и постои само во домашната пропаганда. Затоа, ова не е проблем на Вашингтон, туку на неспособната и саморекламерска надворешна политика, која повеќе служи за па-ар стратегија, отколку за заштита на интересите на македонските граѓани.
Вистинската опозиција денес има обврска да го каже ова јасно: додека Мицкоски зборува за пријателства, Македонија плаќа цена.
А тоа е најсилниот доказ дека „специјалните односи“ постојат само во неговите изјави – не и во реалниот свет“, објави Жерновски.
Македонија
Хоџа со делегација од СКСЗМ: Бизнис секторот важен партнер во усогласувањето на еколошките политики со реалните потреби на економијата
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денес одржа работен состанок со делегација од Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ), предводена од в.д. претседателот Нухи Алиу.
За време на состанокот, на кој членовите на комората му го честитаа мандатот на Хоџа, беше договорено страните да го продлабочат институционалното партнерство и размената на идеи за прашања од заеднички интерес.
На состанокот се разговараше за теми поврзани со имплементацијата на еколошките стандарди, просторното планирање, управувањето со отпадот, енергетската ефикасност, како и влијанието на еколошките политики врз економскиот развој и бизнис-климата во регионот каде што дејствува СКСЗМ.
Хоџа истакна дека Министерството за животна средина и просторно планирање го смета бизнис-секторот за важен партнер во изградбата на одржлив развој и усогласувањето на еколошките политики со реалните потреби на економијата. Тој нагласи колку е значаен отворениот дијалог и континуираната комуникација за пронаоѓање практични и избалансирани решенија.
Претставниците на СКСЗМ изразија подготвеност за понатамошна соработка, претставувајќи ги предизвиците со кои се соочуваат бизнисите, како и конкретни предлози за подобрување на процедурите и поддршка на зелени инвестиции.

