Македонија
По тричасовна пауза продолжува расправата на ДИК за приговорите на СДСМ и ДУИ за избирачкиот список
Државната изборна комисија во четвртокот ја започна отворената седница со единствена точка на дневен ред разгледување и одлучување по поднесените барања на политичките партии ДУИ и СДСМ во врска со членот 49 – а од Изборниот законик.
Претседателит на ДИК, Никола Рилковски, на почетокот од своето излагање истакна дека и двете политички партии кои поднеле приговор до комисијата го испочитувале рокот од пет дена и ја искористиле можноста да достават вакви барања за да дадат свои забелешки за избирачкиот список во однос на доставување на барања за дополнување и бришење на податоци во избирачкиот список.
Расправата по однос на барањата на ДУИ и СДСМ ја започна заменик претседателот Субхи Јакупи кој побара доставените докази, во кои се наведува дека поголеми групи лица пријавени се со место на живеење на иста адреса, кои стигнале со барањата уште еднаш да се проверат во МВР за да се утврди дали навистина пријавените лица од избирачкиот список живеат на наведените адреси, по што за таа цел побара пауза на седницата од три часа.
Претседателот Рилковски повикувајќи се на деловничкото право ја одобри оваа тричасовна пауза по што настана жестока расправија меѓу членовите на комисијата.
Најостри во својата реакција беа членовите Сашо Срцев и Анета Стефановска, кои потенцираа дека Рилковски нема такво право и побараа најпрво сите да се произнесат па потоа да се одлучи дали всушност е потребен увид од страна на МВР.
Анета Стефановска истакна дека ваквата одлука на Рилковски е намерна и со цел да се закочи изборниот процес потенцирајќи притоа дека бил прекршен деловникот за работа бидејќи во него не била предвидена ваква деловничка пауза.
„Ако претседателот на комисијата дава ваква пауза на барање на еден член на комисијата, тогаш што ќе се случи доколку сите поединечно го направиме истото, мислам дека ова е обид за кочење на изборниот процес”, истакна Стефановска додавајќи дека претседателот на ДИК им го ускратил демократското право сите да се произнесат по однос на поднесените барања.
Според роковникот, пет дена по јавниот увид во списокот, ДИК истиот го доставува до политичките партии, а тие во рок од 5 дена имаат право да достават забелешки за изменувања, по што после 3 дена за забелешките се изнесува Државната изборна комисија.
Во изминатиот период ДУИ поднесе приговор со барање од избирачкиот список да се избришат 453 лица кои треба да гласаат во амбасадата во Тирана, а станува збор за лица кои имаат место на живеење на адреси и во општина Центар, и во Кичево и во Ресен.
СДСМ поднесе приговор во кој изрази сомнеж за веродостојноста на податоците на 22 илјади гласачи од 22 општини./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Заедничка изјава и рамка за договор за балансирана трговија со САД и за царински тарифи на одредени производи и индустрии до 0%, ова е политика на конкретни резултати
Продлабочување на стратешко партнерство со САД: силна поддршка и нови економски перспективи за Македонија.
По договорот за партнерство со Обединетото Кралство и затворањето на постмониторинг дијалогот со Советот на Европа по цели 26 години, доцна синоќа Белата куќа објави Заедничка изјава меѓу САД и Македонија за реципрочна трговија, објави премиерот Христијан Мицкоски.
Оваа изјава, додава тој, претставува јасен сигнал за продлабочување на стратешкото партнерство и потврда за силната поддршка што Македонија ја ужива од САД. Таа, како што вели, го трасира патот кон сеопфатен договор кој ќе обезбеди тарифи не повисоки од 15%, а за одредени производи и индустрии и до 0%, отворајќи нови можности за извоз, инвестиции и економски раст.
„Со ваквите чекори ја зацврстуваме позицијата на Македонија како доверлив и предвидлив партнер, градиме економија со повисок стандард и ја унапредуваме нашата меѓународна позиција.
Ова е политика на конкретни резултати. Чекор по чекор, со јасна визија и стабилна поддршка од нашите стратешки сојузници“.
Македонија
Ова е веќе ВМРО-ОКГ, нема демократија ниту во името, велат од СДСМ
Сопруга на градоначалник на ВМРО назначена за член на Судски совет. Советник на Мицкоски во Уставниот суд. Татко на министер е советник во Владата Мицкоски, истакнуваат од СДСМ.
„161 тендер за семејната фрима на Томовски, каде е неговиот татко но и негов близок роднина.
51 тендер за омилената фирма на ВМРО преку општините. А тендерските шеми со поврзани фирми водат до таткото на Нелоски, шефот на кабинет на Мицкоски.
Во Алта Банка цела структура на ВМРО. Од Кадиевска Војновиќ, поранешна членка на Извршниот комитет на ВМРО па до баџанакот на Тошковски.
Во Народна банка, за Гувернер, наместо експерт – Трајко Славески, поранешен министер во времето на Груевски.
На чело на АНБ, претседателот на Градскиот комитет на ВМРО.
Томовски назначен за втор организациски секретар во ВМРО, да организира тендери.
Сменети сите потпретседатели во ВМРО, останат е само чуварот на фотелјата Мицкоски“.
Ова, додаваат од СДСМ, не е само непотизам и партизација, ова е ОКГ – Организирана криминална група.
„ВМРО-ОКГ. Нема демократија ниту во името.
Македонијо, 2016 ни чука на врата, ни се враќа Никола Груевски“.
Македонија
Мицкоски во Германија: Разговараме и привлекуваме реномирани светски компании кои веруваат во потенцијалот на нашата држава
Денеска во Минхен остварив работна средба со менаџментот на германскиот гигант Schwarz Group, под чија капа работат светски познатите брендови „Lidl“ и „Kaufland“, објави на социјалните мрежи премиерот Христијан Мицкоски кој од денеска е во Германија, каде ќе присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција.
„Разговаравме за нивните планови за инвестиции, отворање нови работни места и модернизација на трговскиот сектор во нашата земја.
Ги отвораме вратите за домашните компании да ги пласираат своите производи во големите европски синџири.
Продолжуваме да разговараме и привлекуваме реномирани светски компании кои веруваат во потенцијалот на нашата држава“, пишува Мицкоски во објавата на социјалните мрежи.

