Македонија
Иванов: Тимски работиме и затоа постигнуваме сè
„Продолжуваме со исто темпо и ист интензитет затоа што знаме што сакаме и знаеме каде одиме. Затоа што за нас изборот е Македонија, истакна претседателскиот кандидат од ВМРО – ДПМНЕ, Ѓорѓе Иванов, на митингот во Гевгелија и им се заблагодари на гевгеличани за поддршката што му ја даваат истакнувајќи дека секогаш кога ќе дојдел во овој град се чувствувал како дома.
„Таа поддршка ја добив зашто знаевете дека сум искрен, чесен и вреден. Таков и останав. Пред пет години ми ја дадовте поддршката и за мојата програма. Сега го дадов отчетот. Се што беше во програмата е исполнето. Се изградија многу патишта, училишта, болници. За сето она на кое укажувавте, и за сето она за кое имавте потреба се реагираше навреме. Работевме како тим за Македонија. Работевме сложно и единствено. Сега сум повторно меѓу вас со нова програма за нова доверба”, им порача Иванов на гевгеличани.
Кандидатот на ВМРО – ДПМНЕ пред присутните истакна дека кога расте економијата, расте се и дека денеска нема сегмент во кој не се чувствува економската ревитализација.
„Тимски работиме и затоа постигнуваме се. Пред 10 години кога доаѓав во Гевгелија гледав тажна глетка, затворени фабрики, луѓе оставени сами на себе, исушени лозја. Сега гледам нови лозови насади, патишта, оранжерии, индустриски зони, ветерен парк. Сосема нов лик на Повардарието, нов лик на Македонија. За тоа е потребна посветеност и љубов за државата што ја имаат младите луѓе предводени од премиерот Никола Груевски. Затоа ги поддржав пред пет години, а ги поддржувам и сега, истакна Иванов.
Тој исто така нагласи дека изминатите шест години биле тешки за економиите од светот но и на нашата економија обременета од светската економска криза, но сепак, како што рече, и во такви услови Македонија успеа да отвори 120.000 работни места.
„За време на мојот мандат се случи светска економска криза. Од 2008 г. многу силни економии тешко се справуваат со овие предизвици. Во такви услови, во Македонија успеавме да отвориме 120.000 нови работни места. Да се градат автопатишта и фабрики. Затоа расте економијата. А кога расте економијата растат и платите, и пензиите и субвенциите. Нема сегмент каде не се чувствуваат позитивните промени од се она што е направено, Работевме вредно и тимски. Зашто кога се работи тимски се победува”, рече Иванов.
Иванов и порача на политичката елита на јужниот сесед дека може да дојде во Гевгелија и да види како луѓето можат да живеат едни со други, а не едни покрај други.
„Ние немаме никакви непријателски чувства за нашите соседи. Дојдете во Гевгелија и ќе видите како се работи сложно”, порача Иванов./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

