Македонија
Презентиран Македонскиот информативен систем за шумски пожари
Македонскиот информативен систем за шумски пожари беше презентиран во среда, а по тој повод, се обрати и министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.
Според него, реализацијата на овој проект, претставува само една од повеќето активности кои во континуитет се преземаат од страна на македонската Влада, со цел зајакнување на капацитетите на националните институции за превенција и справување со шумските пожари.
„Системот се темели на современата информатичка технологија, односно интегрирана и веб базирана ГИС платформа, кој поврзува повеќе институции кои имаат споделена улога во заштитата од шумските пожари. Интегрирани се податоците од УХМР, кои се обезбедуваат од сателитската и приземната мерна мрежа за временските состојби, извршена е целосна инвенторизација на шумите во државна сопственост и воспоставена е ГИС база со потребните податоци за шумите, воспоставена е база со податоци за ресурсите и капацитетите на надлежните институции, како и многу други податоци кои се од интерес за ефикасно менаџирање на ризикот од шумски пожари”, рече Ивановски.
Македонскиот информативен систем за шумски пожари претставува современ Географски информациски систем, кој ќе ја зајакне меѓуинституционалната комуникација, координација и брза размена на податоци. Во голема мера тој ќе придонесе за воспоставувањето на Националната инфраструктура на просторни податоци, за која неодамна беше донесен и предметниот закон.
Системот во јули минатата година беше ставен во почетна оперативна употреба, со додавање на нови карти, нови алатки и функции, со што на корисниците им се обезбедува лесен, брз и разбирлив пристап. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претпладне услови за магла, преку денот сончево со умерена локална облачност
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината со услови за појава на магла. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно и суво време со постудени утра. Во текот на денот ќе преовладува сончево со мала до умерена облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на магла.
Македонија
Несреќа на магистралниот пат кај село Дабиле, Струмица: сообраќајот во прекин
Од 02:15 часот сообраќајот на магистрален пат А4 кај село Дабиле Струмица е во прекин поради случена сообраќајна незгода, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Коцевски: Ако градоначалникот Ѓорѓиевски има докази за злоупотреби во јавните претпријатија нека пријави
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, доколку има докази за злоупотреби во јавните претпријатија, е надлежен тоа да го пријави во Министерството за внатрешни работи или во Јавното обвинителство.
„Во однос на изјавите на градоначалникот, ќе кажам дека тој како градоначалник, доколку има докази и е надлежен, тоа може да го пријави на надлежните органи – МВР, и да ги достави тие документи евентуално во Јавното обвинителство. И досега Обвинителството така постапувало, што значи дека ќе постапува и натаму. Ако има злоупотреби, стоиме на располагање“, изјави Коцевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски претходно на социјалните мрежи објави дека во скопските јавни претпријатија се отпуштени 500 лица кои со месеци или години не доаѓале на работа, и дека нема да има толеранција за такви случаи.
Дополнително во телевизиско гостување, Ѓорѓиевски објасни дека до него пристигнале документи кои укажуваат на можни незаконитости во работењето на повеќе претпријатија.

