Македонија
ДЗС ја следи состојбата со поплавените подрачја
Територијата на Република Македонија изминатиот период беше зафатена со врнежи од дожд, кои немаат предизвикано сериозни последици врз станбените објекти, деловните објекти, земјоделските површини, патиштата, мостовите и слично, освен на некои поединечни места, соопшти во петокот Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Подрачните одделенија на ДЗС континуирано ја следат состојбата, вршат увид на лице место во одредени потенцијални критични подрачја. Доколку има потреба ДЗС е подготвена да преземе соодветни мерки за заштита и спасување со ангажирање на тимовите за брз одговор и единиците за заштита и спасување од поплави, ставање во функционална употреба на пумпите за исцрпување на вода, обезбедување и поделба на вреќи за песок за правење одбрамбени насипи, ангажирање на градежни машини за интервенции на речните корита, расчистување на тесните грла околу мостовите и слично.Во изминатиот период на територија на Република Македонија забележано е излевање на водите на реката Пчиња во Старо Нагоричане, во близина на меморијалниот комплекс и за таа намена дадени се 750 вреќи за песок со кои е направен одбрамбен насип. 1500 вреќи за песок се дадени на општина Куманово за заштита на населбата Средорек. Во општина Пробиштип забележано е подигнување на подземните води во рудникот Добрево кај Пробиштип, каде е поставен дизел агрегат со капацитет од 3000 л/мин за исцрпување на водите при што ангажиран е уште еден дизел агрегат од страна Дирекцијата за заштита и спасување. Според информациите од лице место очекуваме водата од рудникот да биде исцрпена до среда наредната недела. На патниот правец Пробиштип – Свети Николе извршен е увид на состојбата на мостот на река Киселица каде е констатирано дека просторот околу мостот е обраснат со трски при што механизација од општина Пробиштип го средува просторот. Мостот на реката не е загрозен и патниот правец е во функција. Во општина Чешиново Облешево имаше поплавување на дел од оризовите полиња. Со механизација ангажирана од општината се прави одбрамбен насип. Поплавување на земјоделска површина од околу 6-7 хектари имаше во општина Липково, но водата е повлечена и состојбата не е загрозувачкаВо наредниот период Дирекцијата за заштита и спасување преку своите подрачни одделенија ќе ја следи состојбата и во зависност од потребата ќе презема и спроведува оперативни активности за заштита и спасување на населението и материјалните добра од евентуалните поплави. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

