Македонија
АРМ ќе добие помодерни и пософистицирани воздухоплови
Свеченост по повод Денот на воздухопловната бригада (вбр) се одржа во вторник во касарната „Страшо Пинџур” во Петровец.
На свеченоста присуствуваа: Заменик министерот за одбрана на Република Македонија Емил Димитриев, државниот секретар во МО на Република Македонија Сашо Стефаноски, Заменикот на командантот на ЗОК бригаден генерал Мухамед Рацај и други високи гости.
Заменик министерот за одбрана, Димитриев, во обраќањето најпрво им го честита денот на припадниците на воздухопловната бригада, притоа нагласувајќи дека она што е постигнато во текот на минатите 22 години е резултат на вештините, способностите, колективниот дух, врвниот професионализам и патриотизам на посветени и горди припадници на АРМ.
Заменик министерот наведе дека воздухопловите кои ги поседуваме во иднина ќе се модернизираат со пософистицирани и понапредни варијанти. Димитриев го искористи обраќањето и за потенцирање на Балканската регионална иницијатива за против воздушна одбрана која ќе овозможи развивање и поврзување на националните капацитети за воздушно набљудување и јавување.
На крај заменик министерот наведе дека ова е неговото последно обраќање од оваа функција, што беше можност да се заблагодари и да потенцира дека уште многу може да се направи во одбраната. Воедно тој од говорницата вети дека како пратеник силно ќе ја поддржува Армијата на Република Македонија наведувајќи дека на АРМ и следат убави денови.
Командантот на воздухопловната бригада, полковник Кире Колески, истакна дека овој празник побудува доза на емоции и ги прави горди за она што е постигнато. Резултат на тоа, наведе полковникот, е и фактот дека оваа година за прв пат ќе ги добиеме и првите обучени пилоти од Центарот за обука на пилоти кои се обучувани според најдобрите стандарди и секако за потребите на АРМ.
На свеченоста, по повод Денот на вбр беа доделени стимулативни мерки на повеќе припадници од единицата, а на крајот прославата се заврши со воздухопловно дефиле, статички дисплеј и тактичко-технички збор на опремата која ја поседуваат единиците од составот на вбр.
Вбр се формираше на 10 април 1992 година со одлука на Претседателот на Република Македонија како команда на против воздушната одбрана и военото воздухопловство (ПВО и ВВ). Во 2005 година со програмата за реконструкција на АРМ, воздухопловната бригада се трансформираше во воздухопловен ВИНГ (воздухопловна извидувачка напаѓачка група), а од 2012 година повторно се формира воздухопловна бригада во составот на Здружената Оперативна Команда. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

