Македонија
„40 милиони евра изгубени – дебакл на Европската агенда на сите фронтови“, велат од ДУИ
„Во сенка на големиот дебакл во Европскиот парламент поминува веста дека државата изгуби речиси 40 милиони евра од Планот за раст на Европската Унија. Овие средства не беа симболични. Тие беа наменети за поддршка на реформите што директно влијаат врз економијата, енергетиката, образованието и стандардот на граѓаните“, велат од ДУИ.
„Но, неспособноста, некоординираноста и институционалниот хаос станаа пречка дури и за повлекување на веќе одобрени фондови. Министерството за енергетика доби негативна оценка од Брисел за реформите што требаше да ги спроведе до декември 2024 година, со што државата остана без 2,1 милион евра.
Истото министерство не ги исполни ниту обврските за јуни 2025 година, со што се изгубија уште најмалку 10 милиони.
Министерството за финансии, пак, со ист таков неуспех, го загуби најголемиот дел од очекуваните 4,2 милиони евра. Три министерства, три сериозни институции, и ниту едно чувство на итност, одговорност. Северна Македонија требаше да добие 17 милиони евра за реформите до декември и уште 70 милиони за обврските до јуни. Наместо тоа, добивме празна реформска каса, изгубен кредибилитет и понижување пред европските партнери. Во време кога регионот напредува, нашата држава сама си поставува сопки, блокирајќи го патот не само кон ЕУ, туку и кон нормалноста.
Ова е дебакл на портфолиото на Министерството за европски прашања, во чија надлежност е следење, координација, контрола, подготвеност и одржување на капацитетите за апсорпцијата на странската помош, особено таа од ЕУ
Ова е модел на владеење кој произведува застој, несигурност и економска штета. Владата не ја изгуби само довербата на Брисел, таа ја губи и довербата на сопствените граѓани.
Никој не може да зборува за развој и просперитет, додека паралелно го блокира пристапот до фондови што се заслужени, не подарени.
ДУИ бара итна објаснување: кој е одговорен за оваа загуба и што ќе преземе Владата за да спречи нова катастрофа.
Зашто држава која не знае да ги искористи шансите, нема право да се жали на пречките. И додека граѓаните се соочуваат со зголемени трошоци, инфлација и институционален хаос, Владата дозволува 40 милиони евра да испарат без глас, без реакција. Тоа не е реформа. Тоа е саморазорување“, се наведува во соопштението на ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре врнежи од дожд а на планините снег
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса утре попладне, во текот на ноќта и во недела ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 25 l/m²). Локално ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во понеделник во текот на ноќта и во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Утре ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен, а во недела од северозападен правец.
Во Скопје, од утре од попладневните часови до недела ќе има повремени врнежи од дожд, со услови за појава на грмежи. Утре ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен, а во недела од северозападен правец. Во вторник се очекуваат нови врнежи од дожд, кои на повисоките делови од котлината ќе преминуваат во снег.
Македонија
Ѓорѓиевски: Започна реконструкцијата на улицата ,,Лазар Трповски” во Чаир
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски заедно со градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, го означија почетокот на реконструкцијата на улица „Лазар Трповски“, една од најзначајните сообраќајни артерии во овој дел од градот. Овој проект е клучен за обезбедување поголема безбедност, ред и ново достоинство за граѓаните на Чаир, посочуваат од Град Скопје.
„Станува збор за целосна реконструкција со нов асфалт на двете коловозни ленти, изградба на стандардизирани тротоари, велосипедски патеки од двете страни, уредени паркинг-простори и современ систем за јавно осветлување. Со ова се става безбедноста на прво место за сите учесници во сообраќајот, вклучително возачи, пешаци и велосипедисти. Улицата „Лазар Трповски“, која во минатото беше позната како критична точка за сообраќајни незгоди, добива инфраструктура по европски стандарди која обезбедува јасна сигнализација, подобрена прегледност и функционални решенија што одговараат на реалните потреби на граѓаните.
Градот Скопје продолжува со инфраструктурните инвестиции и до крајот на годината ќе започне постапката за целосна реконструкција и проширување на булеварот „Цветан Димов“, кој секојдневно го користат повеќе од 100.000 граѓани и кој поврзува неколку скопски општини. Овој проект ќе овозможи трајно решение за метежот и небезбедноста, ставајќи крај на долгогодишниот сообраќаен хаос на оваа делница“.
Македонија
Манасиевски: Обвинителката Кадриу сведочи дека Филипче немал ниту елаборат за струја за модуларната болница во Тетово
Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција изјави дека, според сведоштвото на поранешната обвинителка Лејла Кадриу, поранешниот министер за здравство Венко Филипче ја составувал техничката спецификација за модуларната болница во Тетово, без да изготви елаборат за електрична енергија, а трагичниот пожар можел да биде спречен.
„Кадриу потврдува дека работата е забошотена. Таа била повикана вечерта на трагедијата да учествува во истрагата, а потоа дошол и Јовевски со свои обвинители, за кои таа вели дека имале обврска да ја држат истрагата под контрола“, рече Манасиевски.
Тој додаде дека, според Кадриу, модуларните болници биле изградени од панели со пурпена кои чинеле 5–6 евра по метар, додека пожароотпорните панели со камена волна чинеле околу 17 евра.
„Сите модуларни болници чинеле околу 300.000 евра, а за нив биле обезбедени 30 милиони евра од Светската банка. Каде се тие пари – нема одговор. Можеби се наоѓаат во некоја акција во индиска авиокомпанија, стан во Дубаи или фирма во Бугарија“, изјави Манасиевски.
Тој истакна дека трагедијата со 14 загинати во Тетово можела да биде избегната.
„За жал, трагедијата во Тетово во која загинаа 14 наши сограѓани, можела да биде и спречена доколку Филипче потпишал минимум технички спецификации и ако направил елаборат за електрична енергија, со кои не би дошло до спој во електричната енергија и доколку панелите биле малку поскапи и подобри, можеби и ќе се избегнел пожарот. Но, Филипче по се изгледа алчен за парите, искористил минимум од обезбедените средства. Згора на се, ова можеби би било спречено и доколку Филипче ја прифател понудата на тогашниот медицински директор во тетовската болница, кој понудил сместување на КОВИД пациенти, на двата спрата кои биле слободни во истоимената болница каде тие биле оставени така празни. Филипче ова го одбил поради тоа што овие модуларни болници морале да бидат изградени“, рече Манасиевски.
Во изјавата, Манасиевски тврди дека вистинските виновници не се зад решетки, а дека „оние кои нуделе други решенија сега се осудени само на три години“.
„Вистинскиот виновник денес води политичка партија во опозиција“, заврши тој, најавувајќи нови информации утре, вклучително и околу тоа зошто обвинителката Кадриу била суспендирана.

