Македонија
45-годишен скопјанец почина од коронавирус на пат кон болница
Четириесет и петгодишен пациент од Скопје заболен од коронавирус починал на пат кон болницата „8 Септември“.

Според информација од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во дополнителниот извештај, кој е испратен попладнево, пациентот од Скопје бил тестиран и потврден позитивен на Ковид-19 преку Ветеринарниот факултет, се наведува во соопштението на Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јамалов: Буџетот за јавна безбедност драматично зголемен на 14,55 милијарди денари
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јамалов, го презентира предлог-буџетот за Министерството за внатрешни работи за 2026-та година. Според него, станува збор за финансиски план со цел да ја модернизира полицијата и да ја подигне оперативната готовност на повисоко ниво, а со тоа да обезбеди поквалитетни услуги за сите.
„Само во програмата „безбедност“, за идната година предвидени се 16,4 милијарди денари, што претставува зголемување во споредба со овогодинешниот буџет. Додека пак потпрограмата „јавна безбедност“ добива 14,55 милијарди денари, што е драматично зголемување од 17,9%, односно дополнителни 2,2 милијарди денари. Повисоки се и средствата предвидени за плати и надоместоци, за што се предвидени 11,3 милијарди денари, односно 3,7% повеќе. Јасна порака дека државата инвестира во стабилноста и сигурноста“, рече тој.
Преку предлог буџетот, додаде Јамалов, јасна е и намерата на Владата дополнително да ги унапреди и професионализира полициските служби.
„За реформи во полицијата се предвидени 1,24 милијарди денари. Центарот за обука добива 75 милиони денари, за континуирано стручно унапредување на кадрите. Додека пак за борба против тргување со луѓе и илегална миграција се предвидуваат 1 милион и 250 илјади денари, што е зголемување од 25%, директно насочено кон јакнење на контролата врз тоа кој се поминува низ Македонија“, рече пратеникот.
Јамалов истакна дека најзначително зголемени вложувања има во опрема, нови возила, современи технолошки системи и модернизирани простории, клучни за поефикасно и модерно функционирање на МВР, а со тоа, како што кажа, и зголемен морал и елан кај полициските службеници.
Македонија
Мицкоски: Суштината е во тоа да нѐ оценуваат за реформите, а не според билатералните прашања и спорови
Суштината е во тоа да нѐ оценуваат за реформите, а не според билатералните прашања и спорови, изјави премиерот Христијан Мицкоски, по Самитот на лидерите од Западен Балкан за планот за раст што се одржува во Тирана, Албанија.
„Доволно долго сме во овој процес повеќе од 25 години, 20 години откако сме земја кандидат и навистина тоа што ние го доживеавме попатно не би сакал никој друг да го доживее. Но, очигледно е дека кога еднаш ќе воспоставите некој исклучок како правило тоа станува правило и понатаму и другите земји членки можат да се повикаат на тој исклучок кој што претходно е воспоставен и да прерасне како правило. Така што навистина не гледам повеќе суштина ако билатералните проблеми и билатералните спорови се тие кои што одлучуваат дали земјите треба да станат полноправни членки во рамките на ЕУ. За мене суштината која што ја гледам е испораката, реформите, чекорите кои што ги исполнуваат. И се додека тоа е врз системот на испорака, тогаш апсолутно ние како држава ќе бидеме компетитивни и убеден сум дека ние ќе бидеме тие кои што први ќе стигнат до конечната цел“, рече Мицкоски.
На новинарско прашање, дали има омекнување во ставовите на европјаните, Мицкоски вели дека повеќе е концентриран на чекорите кои се дел од развојната агенда, односно развојниот план.
„Па зависи во кој дел. Јас повеќе сум концентриран овде на чекорите кои се дел од развојната агенда, односно развојниот план. Оние чекори кои што останаа во грејс период, а кои што претходно не беа испорачани, поради паузата за локалните избори, ние веднаш после завршувањето на локалните избори се фативме за работа и жестока испорака и до крајот на годината очекувам најмалку 8, а можеби и 10 од 12 неисполнети чекори, да бидат реализирани. Остануваат 2 проблематични. Првиот е субвенцијата за електричната енергија која што Владата преку своите механизми ја овозможува за граѓаните, бидејќи цениме дека доколку тоа не се случи, сметките за електрична енергија на граѓаните ќе се поскапат за најмалку 35, 40 проценти. И тој чекор рековме не можеме да го исполниме и нема да го исполниме во овој момент. И вториот е адаптацијата на Изборниот законик. Знаете таму какви политички гимнастики се случуваат во парламентот и тој е еден од оние закони во кои што пратениците можат да прават филибастеринг во рамките на парламентот. Така што се останато, останатите 10 за нас се реалност и мислам дека ќе успееме во рамките на крајот на оваа година или евентуално во првите 2 недели од следната година да го испорачаме тоа“, рече Мицкоски.
Македонија
Нема повеќе вработувања со телефонски повик „сакам моето дете да биде ваков или онаков доктор“, Алиу ги преброи лекарите во државата
Тргнувајќи од ставот дека здравството не може да се реформира на слепо, министерот за здравство Азир Алиу денес презентираше резултати од анализата на капацитетите на сите јавни и приватни здравствени установи кои нудат услуги покриени од Фондот за здравствено осигурување. Граѓаните веќе можат на веб-страницата на „Мој термин“ да проверат во која институција какви лекари има, од кои има недостаток, колку медицински сестри има, каде нема кардиолози, гинеколози и педијатри, а пребројан е и немедицинскиот кадар во здравствените институции.
Анализата покажа дека во земјава има 3.779 здравствени установи од кои 2.942 се во мрежата здравствени установи, а надвор од мрежата се 837.
Од установите кои се во мрежата здравствени установи 2.830 се приватни, а 112 се јавни.

Приватното здравство што работи со Фондот има 9.040 лекари, а во јавното се 4.746
„Бројот на вработените во јавниот и приватниот сектор изнесува 32.383 од кои 18.536 се во јавни здравствени установи додека 13.847 се во приватните здравствени установи. Од 13.847 вработени 9.040 се лекари и членови на тимови во примарно здравство, а 4.807 се останатите вработени во приватните здравствени установи во здравствениот сектор. Од 18.536 вработени во јавното здравство, лекари и медицински соработници на секундарно и терциерно ниво се 4.746 додека медицински сестри се 7.003 во јавните здравствени установи како и останат медицински и немедициснки кадар во кој се опфатени над 550 називи според меѓународна класификација како возачи на Брза помош, хигиеничари, магационери, клинички фармацевти и друго“, кажа министерот Алиу.
Податоците се подредени по специјалност, по профил и по тип на установа. Министерот Алиу најави дека тоа е почеток на воспоставување регистар на работници во областа здравство кај нас каде што секој податок може да се гледа во реално време и да се креираат здравствени политики базирани на точни и навреме ажурирани податоци.
Анализата покажува колку медицински сестри, доктори, фармацевти, онколози, кардиолози, анестезиолози ни требаат во државата и со овие податоци веќе се креира матрица на човечки ресурси која ќе биде главен и единствен патоказ за нови вработувања.
„Имаме голема бројка доктори во области кои да кажеме се комерцијални, а помалку имаме во профили кои ни се неопходни во здравствениот систем, но немало интерес да продолжат понатаму. Веќе нема да биде така бидејќи ние како Министерство за здравство ги отвораме слободните места за специјализации. Ве уверувам дека брзо ќе дојде тој период, најверојатно за месец, месец и пол, ќе видите дека сите слободни места што ќе ги отвориме ќе бидат базирани на оваа табела. Нема да бидат базирани телефонски повик од типот сакам моето дете да биде ваков или таков доктор“, рече министерот Алиу.
Многумина од здравствените работници може да бидат и прераспределени на места каде што има потреба од нив место да останат на места каде што се превработени, а главен приоритет и за прераспределувањата и за новите вработувања ќе биде анализата на капацитетите.

Новите вработуватња во здравството ќе бидат базирани на потребите место на желбите како досега, рече министерот Алиу
Анализата е резултат на темелен институционален процес на вкрстување на податоци од Централниот регистар, Агенција за вработување, Лекарска комора, Стоматолошка комора, Фармацевтска комора, Управа за електронско здравство како и Фондот за здравствено осигурување. Ажурирањето на листата на капацитети со кои располага здравството министерот Алиу најави дека ќе биде законска обврска на што веќе се работи за да може во секој момент да се знае што недостасува, аи да се креира националната стратегија за следните десет години во соработка со Министерството за образование.
Министерот Алиу рече дека во последната деценија бројот на лекари и медицински сестри бележи минимално зголемување, но и понатаму недостатокот од ваков вид кадар е голем и нема да се реши за брзо време.
Бројот на лекари од 265 на 100.000 жители во 2010 година се зголемил на 296 на 100.000 жители во 2020 година, но тоа е далку од просекот на ЕУ кој е 412 лекари на 100.000 жители.
Бројот на медицински сестри исто така се зголемил од 356 на 100.000 жители во 2010 година на 440 на 100.000 жители во 2020 година што едвај е половина од ЕУ стандардите кои што велат дека требаат 838 сестри на 100.000 жители.

