Македонија
517 пациенти од Ковид-19 се лекуваат на инфективните одделенија во земјава
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците низ земјава се лекуваат вкупно 517 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот, известува Министерството за здравство.
Според податоците од таму, во болницата во Битола се хоспитализирани 33 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19.
Во болницата во Штип се хоспитализирани 40 пациенти.
На инфективното одделение во Тетово има 20 пациенти, во Велес се лекуваат 34 болни, а во Куманово 71 пациент позитивен и суспектен на Ковид- 19.
Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 60 пациенти, во Прилеп 84, во ковид центарот во Гостивар 17, а во Струга 18 пациенти.
Во болницата во Струмица хоспитализирани се 27 пациенти, во Кочани 6 во Кичево 11, Кавадарци 58, во Гевгелија 15 лица, а во Дебар 13 позитивни и суспектни на коронавирусот, посочуваат од МЗ.
Според последните анализи од таму, вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 860 и има околу 370 празни болнички кревети во ковид-центрите.
Од министерството информираат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.
Министерството, велат од оваа институција, има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ: Скандалозни изјави на Таравари за заробување на државата со политички конструкции
Демократската унија за интеграција остро реагира на денешните скандалозни изјави на Арбен Таравари за наводни истражни процеси креирани, режирани и оркестрирани од Владата против политичките противници, соопштијка од партијата.
„Вакви изјави со прогонителски политички конструкции во минатото даваа и други членови на Владата без етнички легитимитет, со што ја презедоа улогата на сценарист, истражител, обвинител и судија. Овие закани со конструкции и политички прогон, како и притисоци врз истрагата и обвинителството никого не плашат, туку ја покажуваат скандалозната и неприфатлива тенденција на практикување на заробена држава од власта. ДУИ поддржува неселективното владеење на правото и бара меѓународно следена проверка на сите носители на политички функции“, велат од партијата.
Според ДУИ, сите нелегитимни албански експоненти во Владата континуирано се прозивани за големи коруптивни афери од страна на ВМРО ДПМНЕ и нивниот кредибилитет е нула во однос на доброто владеење, напротив мора да сносат одговорност за нивните злоупотреби.
Од партијата на Ахмети оценуваат дека сите овие изјави ги читаат Брисел и Вашингтон затоа што не оддалечуваат од владеењето на правото и европските вредности и ги враќаат застарените времиња на конструкции со политички лов на вештерки.
Македонија
Почина владиката Тимотеј
Дебарско кичевскиот Митрополит Тимотеј, починал денеска во болница. Тимотеј неколку дена бил на болничко лекување поради проблеми со срцето, објави „Религија.мк“.
Тимотеј е роден на 20 октомври 1951 година во Младо Нагоричане, Кумановско како Славе Јовановски. Во 1976 година дипломирал на Богословскиот факултет. Потоа работи како службеник во Македонската архиепископија. Од страна на Синодот бил испратен во Рим каде ги завршил ориенталните студии и магистратура. На богословскиот факултет во Скопје извесно време Јовановски работел и како професор, а е поставен и за в.д. ректор на Македонската православна богословија.
Во Монашки потстриг примал на 10 септември 1981 година во Бигорскиот манастир, а на 11 септември 1981 година бил ракоположен за јероѓакон во истиот манастир. На 13 септември 1981 година бил ракоположен за јеромонах во Кичевскиот манастир, а за архимандрит бил произведен во манастирот „Свети Наум Охридски“ во Битола.
По изборот за епископ на 20 септември 1981 година бил хиротонисан за архијереј на МПЦ во црквата „Свети Димитриј“ во Скопје. Од 21 септември 1981 година бил назначен за Митрополит Австралиски и администратор на Дебарско-кичевската епархија. Со Австралиската епархија раководел до 1995 година, од кога продолжил да раководи со Дебарско-кичевската епархија како Митрополит Дебарско-кичевски.
Македонија
ДУИ: Министерот Фатмир Лимани ги блокира албанските општини од политички причини
ДУИ обвинува дека министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани од политички причини го држи во заложништво почетокот на работата на предучилишната установа Валбона Зимбери- Валбона 2001 година, во село Матејч и отворањето на првата детска градинка на ниво на општина Харачиново.
Градоначалникот на општина Липково Еркан Арифи и градоначалникот на општина Арачиново, Ридван Ибрахими протестираа пред Министерството за социјална политика, демографија и млади, односно пред канцеларијата на министерот Фатмир Лимани, велејќи дека тој е главниот и единствен виновник што на децата од Арачиново и Липково им е скратено загарантирано право со закон, да престојуваат во просториите на предучилишните установи, градинки и на нивните родители што не можат да ги сместат своите деца под организирана грижа.
„Градинките во овие две општини Арачиново и Липково, се подготвени да примат деца од предучилишна возраст во своите простори, завршени се сите технички и административни процедури, единственото нешто што го спречува отворањето на вратите на овие објекти посветени на најмалите, е неподготвеноста на овој човек да ги процесира согласностите за вработување на потребниот кадар, кои се веќе дадени од Министерството за финансии од пред неколку недели“, велат од ДУИ.
Од партијата велат дека и покрај тоа што, општинската администрација неколку пати ги коригирала табелите што ги враќало Министерството, во најкус можен рок ги коригирала според барањето и за истата постапка веќе е дадена согласност од Министерството за финансии, но министерот Фатмир Лимани без никакво образложение или оправдување одлучил да ги блокира согласностите во неговите фиоки, не пуштајќи ги во процедура, а воедно со тоа ги блокира и вработувањата кои се неопходни за функционирање на предучилипните установи.