Македонија
(Видео) 82-годишен бездомник 12 години води битка да добие пензија
Бездомниците почнаа да се враќаат во прифатниот центар во Чичино Село. Утрово три семејства, вкупно десет луѓе, се сместија во реновираната барака. Некои од нив се повратници во прифатниот центар. Неврие Идризи, бремена со седмо дете, е меѓу повратниците. Не сака да зборува пред камера. Вели дека во центарот имало семејство што ги тероризирало сите жители, но кога слушнала дека се иселило, одлучила да се врати. Живеела во прифатилиштата во Катланово, во Љубанци, а сега доаѓа од дворот на студентскиот дом „Стив Наумов“ во Автокоманда бидејќи Општина Гази Баба, минатата недела ги иселила. Треба да се породи во октомври, па се радува што ќе ги има основните услови за бебето.
Ајтен Мустафа, раководителка на прифатниот центар за бездомници во Чичино Село, ја сместила Неврие овде.
„Неврие со семејството, сите женски лица, ќе се сместат во една соба, ќе добијат покривки, хигиенски средства и ќе се вклучат во програмата за храна, ќе добиваат појадок, ручек и вечера“, рече раководителката Мустафа.
Со новите 10 прифатилиштето во Чичино Село има 53 жители. Најстариот од нив има 82 години. Благоја Давитковски е задоволен од сметувањето, но се жали дека не може да се избори за пензија.
„Овде сум 2,5 години. Дојдов од улица. Така живеев три години. Ме пронајдоа на станица по иницијатива од луѓе и ме сместија тука. Имам еден многу важен проблем, среќа што дојдовте баш во овој момент. Дванаесет години имам поднесено барање за пензија. Дванаесет години го влечкаат предметот. Трета година предметот лежи во Управен суд. Чекаат да заврши барателот и да се направи природен отпис“, ни се пожали Давитковски.
Од Министерството за труд и социјала велат дека го следат случајот на Давитковски, му понудиле и правна помош и нему и на сите други бездомници сместени во Чичино Село. Во текот на оваа недела најавија дека тој ќе биде сместен во домот за стари лица „Мајка Тереза“.
На помош од државата се надева и 72- годишната Благица Микиќ. Таа најдолго живее во прифатниот центар во Чичино Село, цели 13 години. Тука ѝ починал едниот син пред три години, а другиот заминал на школување во странство. Сега најголем другар ѝ е кучето Рекс, го чува во дворчето пред бараката. Таа е сместена во нереновираната барака во центарот.
„Чекам стан. Сега во Бутел почнале да градат, се надевам дека ќе добијам. Бев во Владата, сите документи ми се средени, па сега со Господ напред. Овде веќе не е за мене. Еве овде покривот тече, нема кој да ми го поправи, ќе ми влезе вода, не дај боже, ќе се запали“, вели Микиќ, која пред да дојде во Чичино Село осум години живеела во напуштените судски бараки во Бутел.
Во истата барака дом си направиле и Азбија Мемедовски и Албер Османи. Имаат четири мали деца, па центарот им доделил две соби.
„Претходно, бевме сместени во домот ‘Ранка Милановиќ’, таму не беше добро. Имаме кујна, имаме каде да ги переме алиштата, имаме сè. Тука сме како во наша куќа. Децата ни беа тепани од наставничката во ‘Ранка’, затоа не ги пуштавме на училиште. Сега тука ќе одат од септември“, велат Азбија и Албер.
Албер одвреме-навреме работи кога ќе дојде некој да побара работници, а Азбија ја одржува бараката. Вели дека тоа е обврска на сите станари, но сите биле постари, па затоа обврската си ја презела на себе.
Најмлад жител на Чичино Село е 19-месечната Ангела. Тука живее со мајка си повеќе од една година.
Наташа Станоевиќ, в.д. директор на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Скопје, вели дека во моментот имаат евидентирано речиси 150 бездомници во Скопје.
„Во моментот во Чичино Село престојуваат 53 лица, а во ‘Ранка Милановиќ’ меѓу 90 и 100 лица. Тоа се лица што се евидентирани и сместени во овој или во другиот објект. Сместувањето во Чичино Село оди на доброволна база, за лицата се грижат психолог, социјален рабтник и правник. Им помагаат да извадат лична документација ако ја немаат, да си обезбедат документи за здравствена заштита и да си ги обезбедат потребните лекарства“, вели директорката Стојановиќ.
За некои од бездомниците сместени во „Ранка Милановиќ“ во изградба е нов прифатен центар во Визбегово. Од Министерството за труд велат дека во Визбегово ќе бидат поставени 34 контејнери, во кои ќе може да се сместат 17 семејства. Изградбата на новото прифатлиште се очекува да заврши најдоцна до 20 септември. Теренот е подготвен, следува фаза во која ќе се поставуваат контејнерите. На оваа локација чекаат семејствата што живееја под Калето, а со одлука на Владата беа сместени во прифатилиштето во Автокоманда.
На бездомниците во Скопје им стои на располагање и прифатилиштето во Момин Поток.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

