Македонија
Нуклеарка во Мариово?
Македонија би требала наскоро да почне со изградба на нуклеарна централа, за таа да може да профункционира во 2025 година
Македонија би требала наскоро да почне со изградба на нуклеарна централа, за таа да може да профункционира во 2025 година.
Ова се предвидува во Националната енергетска стратегија изработена од Македонската академија за науки и уметности (МАНУ), која во денешното интервју за „Дневник“, пошироко ја образложува академик Глигор Каневче.
Изградбата на домашна нуклеарка ќе значи ангажирање голем број наши фирми. Се работи за армија луѓе при изградбата плус приближно еден вработен на еден мегават моќност што значи уште 1.000 вработени во нуклеарната централа“, смета Каневче.
Според него, локацијата на нуклеарна централа, најверојатно би била во Мариово, затоа што тој терен е многу поволен и од сеизмички и од аспект на населеност.
„Во нашиот план предвидуваме нуклеарката да почне да работи по 2025 година. Таа би била на некој начин алтернатива на можните термоцентрали на јаглен со подземен коп“, вели Каневче.
Тој појаснува дека нуклеарката би била спас, со оглед на високата цена која што треба да се плати за испуштање на стакленичките гасови од централите на јаглен.
„Значи, овие планови многу ќе зависат од сценаријата во светот и Европа за намалување на стакленичките гасови според протоколот од Кјото. Ние сигурно до тогаш ќе бидеме во ЕУ и ќе мора да ги исполниме обврските. Со оглед на тоа дека периодот за изградба на нуклеарните централи е многу долг, преку 15 години од првичните акции. За да може македонската нуклеарка по 2025 година да работи ние мораме да започнеме со активностите сега“, потенцира академик Каневче.
Според Националната енергетска стратегија на МАНУ, на Македонија предвидува до 2020 година и’ се потребни речиси три милијарди евра инвестиции во енергетскиот систем. /крај/дневник/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.

