Македонија
Ивановски на информатичка конференција во Софија
Македонскиот министер за информатичко општество Иво Ивановски денеска треба да учествува на информатичка конференција во Бугарија
Македонскиот министер за информатичко општество Иво Ивановски денеска треба да учествува на информатичка конференција во Бугарија.
Предвидено е Ивановски да има обраќање на 10-тата јубилејна Национална конференција за е-Governance, што денеска се одржува во Софија.
За време на посетата на Бугарија, Ивановски треба да оствари средби и со својот домаќин бугарскиот министер за државна администрација и административни реформи Николај Василев и со претставници на Државната агенција за информациони технологии.
Како што соопшти владината прес служба, се очекува на овие средби да бидат разменети искуствата на двете земји од областа на информатичкото општество, а ќе биде разгледана можноста за соработка на ова поле. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Судскиот совет ќе формира комисија за постапките што се воделе против Јованов кој ја прегази Фросина: „По увидот во сите списи ќе кажеме дали има пропуст“
Судскиот совет ќе формира комисија која ќе утврдува дали имало пропусти во претходните постапки кои се воделе против 20-годишникот, Васил Јованов, кој смртно ја прегази, Фросина Кулакова, на булеварот Партизански одреди.
„Започнавме, разгледуваме, а утре и формално ќе биде формирана комисија од страна на Судскиот совет. По извршениот увид во сите тие списи ќе излеземе со став и ќе кажеме дали имало пропуст или не. Предмет на разгледување е општо се за што имаше забелешки во јавноста, по сето тоа ќе се постапува“, изјави Камбовски.
Тој пред два дена рече дека во моментот не треба да се носат одлуки или да се изведуваат заклучоци, но не ја исклучи можноста повторно да се разгледаат досегашните случаи против Јованов. Во врска со прашањето за тоа какви казни определуваат судовите, Камбовски тогаш изјави дека недостига официјална анализа, која би покажала дали навистина секогаш се оди со поблаги казни оти законот предвидува најблага казна од 4 години, но највисока од 20 години затвор. Тој смета дека драконски казни нема да го решат проблемот.
Фросина Кулакова беше прегазена на пешачки премин на булеварот Партизански одреди во Скопје на 29 јануари од 20-годишниот Васил Јованов за кого беше објавено дека возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло. Јавноста дополнително се вознемири по информациите дека возачот им бил познат на органите од постапка во која лани му се судело за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и прекурсори, но судот му одредил мерка поправен дом, третирајќи го како помлад полнолетник. И претходно предизвикал сообраќајка без возачка дозвола, но се спогодиле со оштетената страна.
Македонија
Муцунски во работна посета на Австралија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во периодот од 6 до 13 февруари 2025 година ќе престојува во работна посета на Австралија, што претставува прва посета на македонски министер за надворешни работи по пауза од 15 години.
Во рамки на интензивната политичка агенда, планирана е средба со министерката за надворешни работи на Австралија, Пени Вонг (Penny Wong), на која ќе бидат потврдени добрите и пријателски билатерални односи, како и можностите за нивно натамошно продлабочување, особено на економски план. На средбата се очекува и размена на мислења за актуелните меѓународни прашања.
Покрај политичките средби, агендата на министерот вклучува активности за економска промоција на земјата, како и бројни средби со истакнати стопанственици и претставници на бизнис-секторот. Во рамките на посетата, министерот Муцунски ќе оствари и средби со македонски и австралиски бизнисмени, како и со членови на Групата за пријателство со нашата земја во Парламентот на Австралија.
Во фокусот на посетата ќе биде и средба со претставници на македонската дијаспора во Австралија. Министерот ќе даде и интервју за државното SBS радио на македонски јазик, во кое ќе се осврне на актуелните политики и приоритети во односите помеѓу двете земји.
Македонија
Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита
Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец Јануари 2025 година.
Со цел да се избегне метеж пред и во банките при исплата на правата, за корисниците кои не користат картички, исплатата ќе се спроведе во 2 групи во сите отворени филијали и експозитури на банките, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето и тоа:
05.02.2025 – А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л, Љ
06.02.2025– М, Н, Њ, О, П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.