Македонија
Македонци развија прва мултиплатформска апликација за вежбање во светот
Прва во светот мултиплатформска апликација за вежбање, наменета за мобилни телефони, деновиве изработија група македонски програмери
Прва во светот мултиплатформска апликација за вежбање, наменета за мобилни телефони, деновиве изработија група македонски програмери.
Апликацијата наречена SportyPal го поврзува активниот спортски живот на современиот човек со неговите секојдневни комуникациски потреби. Мошне практичната програма овозможува непречено спортување во природа а при тоа корисникот останува поврзан со неговото деловно и приватно окружување.
SportyPal е дело на групацијата CreationPal, која ја сочинуваат млади успешни македонски програмери, кои за Макфакс, откриваат дека македонските граѓани ексклузивно наскоро бесплатно ќе може да ја користат апликацијата, истовремено кога таа ќе биде промовирана на светскиот пазар.
„Од Македонија во светот многу малку излегува комерцијален софтвер за персонална употреба во светски рамки“, потенцираат од CreationPal, појаснувајќи дека промоцијата на оваа апликација има за цел да ја претстави Македонија како земја која по технолошките иновации може да се носи и со најразвиените земји.
Апликацијата, која освен на повеќето светски јазици е преведена и на македонски, е едноставна за користење и има одличен дизајн, а е наменета за луѓе кои сакаат да спортуваат, се грижат за своето физичко здравје, како и за професионални спортисти.
Апликацијата, може да ја содржат сите мобилни телефони што поддржуваат GPS, поради што таа поседува и многу прецизна мапа, која на корисникот му овозможува увид во движењето.
Творците на апликацијата откриваат дека благодарение на мобилниот телефон, човекот додека вежба има увид во своите медицински параметри и постигнати резултати, кои потоа благодарение на поврзаноста на апликацијата со интернет, може да ги сподели со пријателите.
Идните планови на младите програмери се програмата да се доразвие во интелигентен тренер, како и да се поврзе со сајтови за разновидни диети, кои дополнително би му помогнале на корисникот да живее здрав живот благодарение на технологијата.
Слична апликација, но во многу поедноставна форма, на светскиот пазар од поголемите компании, има развиено единствено Нокиа, со тоа што се работи за програма која ја поддржуваат само нејзините телефони.
„Тимот е многу задоволен заради тоа што во рекордно време, за помалку од шест месеци, успеаја да направат платформа за сите телефони, кои се интегрирани преку заедничка WEB апликација“, додаваат од CreationPal, од каде при тоа откриваат и дека идејата за апликацијата, освен што потекнува од потребата да се направи спој на корисното и актуелното, се темели и на желбата на младите програмери да се справат со технолошкиот предизвик./крај/мс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

