Македонија
Македонските извозници не ги користат потенцијалите на рускиот пазар

Деблокирање на македонските извозни потенцијали на рускиот пазар е тема на деловната средба
Деблокирање на македонските извозни потенцијали на рускиот пазар е тема на деловната средба организирана од Македонско-Руската Стопанска комора и руската амбасадата во Македонија.
Организаторите на настанот направија анализа на реалните состојби во економските односи на двете земји која покажа дека неодржувањето на меѓувладината комисија во голем дел ги отежнува или блокира извозните активности на компаниите, со тоа отежнувајќи го и нивното вкупно работење.
Подготвување стратегија за развој на деловните односи и намалување на дефицитот, создавање проект за промоција на Македонија во регионите на рускиот пазар, како и идеја за канцеларија во Москва за економско лобирање кај потенцијалните руски партнери и создавање мешовити компании. Ова се само некои од предлозите за деблокирање на македонските извозни потенцијали на рускиот пазар. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Новинарите сè уште без правда за нападите на 27 април: ЗНМ со реакција на одлуките на Апелациониот суд

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изразува сериозна загриженост поради последните одлуки на Апелациониот суд Скопје од април 2025 година, со кои беа одбиени жалбите на новинарите нападнати за време на насилствата во Собранието на 27 април 2017 година.
„Овој датум останува запаметен како ден кога брутално беа прекршени правата на новинарите и медиумските работници. Наместо да биде потврдено дека нападите и заканите кон новинари се неприфатливи, судот испраќа порака дека ваквите дела може да поминат неказнето. Ваквите одлуки го поткопуваат правото на безбедно и слободно новинарство.
ЗНМ укажува и на контроверзните ставови во образложението на судот, каде што се тврди дека слободата на изразување не важи кога има насилни настани. Овој став е спротивен на претходните три одлуки на Уставниот суд, како и на Европската конвенција за човекови права и на Уставот на државата. Уставниот суд веќе еднаш пресуди дека ваквото толкување е погрешно и го нарушува правото на изразување“.
ЗНМ смета дека е особено проблематично што судот ја минимизира обврската на државата да ги заштити новинарите сугерирајќи дека таа заштита не треба да биде „преголем товар“ за институциите. Ваквиот пристап, како што велат, остава впечаток дека институциите се повеќе загрижени за сопствениот комодитет отколку за заштита на основните човекови права.
Според ЗНМ, иако конкретните одлуки на Уставниот суд се однесуваа на друг предмет, тие се конечни, обврзувачки и важат за сите институции – вклучително и за Апелациониот суд. Непочитувањето на овие обврски е сериозен удар врз владеењето на правото.
„Последните пресуди на Апелациониот суд Скопје се однесуваат на колегите Наташа Стојановска, Билјана Николовска, Игор Јанковски и Томе Ангеловски – новинари кои и по осум години чекаат правда. Овие одлуки покажуваат дека правната заштита на новинарите и натаму е слаба, а неказнивоста на насилниците создава страв и несигурност кај сите оние што секојдневно известуваат за прашања од јавен интерес“.
ЗНМ апелира до судските и до другите надлежни институции да ги преиспитаат овие одлуки и да осигурат дека новинарите ќе добијат соодветна правна заштита. Како што нагласуваат, нападот врз новинар е напад врз демократијата и секој таков чин мора да биде истражен и санкциониран.
Најавуваат дека ЗНМ ќе продолжи будно да го следи развојот на овие случаи и ќе се залага за целосна правда за сите новинари жртви на насилство.
Македонија
Пет пациенти денеска се враќаат од Србија, во странство хоспитализирани уште 38

Министерството за здравство информира дека денеска пет пациенти од повредените во трагедијата во Кочани ќе се вратат од лекување од Клиничкиот центар во Србија по што, во согласност со протоколот, тројца ќе бидат под опсервација на Клиниката за пулмологија и по еден пациент на Клиниката за пластична хирургија и во Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“.
Во текот на вчерашниот ден еден пациент се врати од лекување од Хрватска и се наоѓа под опсервација на Клиниката за пластична хирургија, со што во странските медицински центри остануваат на лекување уште 38 пациенти.
Во земјата во моментот се лекуваат 7 пациенти, од кои во Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ се хоспитализирани вкупно 4 пациенти, на Клиниката за пластична хирургија еден пациент, а во приватната болница „Систина“ двајца пациенти.
Министерството за здравство континуирано ја следи состојбата со повредените пациенти со цел обезбедување најдобар можен третман, како и натамошна рехабилитација, нагласуваат од Министерството.
Македонија
Општина Аеродром добива нов сквер

Општина Аеродром добива нов сквер меѓу кулите кај поранешната слаткарница „Стела“, во внатрешниот дел покрај булеварот АСНОМ во населбата Јане Сандански.
„Станува збор за целосна реконструкција на плочникот меѓу зградите на површина од околу 2.800 м2, со што овој простор ќе добие нов сјај со содржини приспособени за сите генерации. Покрај замената на старите и дотраени плочки, скверот ќе биде опремен со комплетно нова урбана опрема, односно нови клупи, нови канти за отпадоци, како и со хортикултурно уредување“, соопштија од Општината.
Реконструкцијата на оваа локација ќе го опфати и детското игралиште, каде што ќе бидат поставени нови забавни реквизити и подлога.
Проектот е финансиски поддржан од Владата и е во вредност од 10 милиони денари.