Македонија
Македонските овоштари по квалитет и иновации во Србија и Италија

Група македонски земјоделци, претежно производители на јаболка и јагоди денеска заминуваат на неколку-дневна техничка мисија во Србија и Италија
Група македонски земјоделци, претежно производители на јаболка и јагоди денеска заминуваат на неколку-дневна техничка мисија во Србија и Италија.
Членовите на скопското здружение на градинари “КАВАРЏИК”, Групата за развој на потсекторот Јаболка од Ресен како и членови на здружението на производители на јагоди од Виница ќе се запознаваат со техничките иновации и достигнувања во производството на садници на јаболка и јагоди и технологии на нивно производство на отворено и во заштитен простор.
Воедно, преку посетата на водечки расадници и фабрики (за производство на системи за наводнување, органски, органско-минерални, течни и други видови ѓубрива) во околината на Белград, Верона, Ферара и Болоња, нашите земјоделци ќе имаат можност да воспостават и директни деловни контакти.
Техничката мисија е организирана со поддршка од ГТЗ (Германска Техничка Соработка) проектот: “Воведување на ЕУ директиви во македонската земјоделска политика и поддршка на соработката во земјоделско-прехранбениот сектор со земјите од регионот” и од Федерацијата на фармерите. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од понеделник ново депо на „Пајак“ службата на ПОЦ

Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“- Скопје ги известува граѓаните дека од 17 март ќе биде отворено новото депо на пајак-службата на претпријатието, на новата локација до улица и мост Беласица под Железничката станица.
Новото депо ќе биде посветено на поддршка на процесот на управување со паркирање, одржување и чистење на јавните површини, како и за да обезбеди поголема ефикасност во секојдневното функционирање на паркинг услугите. Се очекува оваа нова локација да донесе значителни придобивки во контекст на зголемување на безбедноста и редот во урбаната средина. Ова е дел од пошироката стратегија на Општина Центар и ЈП ПОЦ за подобрување на инфраструктурата и услугите во градот.
„Во новата локација нудиме подобри услови за лежарина на возилата и полесен и побрз пристап. Површината на депото изнесува 2250 м2 и на истата се поставени нови куќарки за вработени и опслужување на корисниците. Изведена е водоводна и електрична мрежа за потребите на депото, потоа беше заградено со ограда, поставен е видео надзор на целата локација, обележана е сообраќајна сигнализација. Поставени се нови контролни рампи кои ќе бидат контролирани безжично. Со отворањето на новото депо, го подобруваме капацитетот и оперативната ефикасност на нашето претпријатие, што ќе овозможи побрзо реагирање и поголема флексибилност во нашето секојдневно работење“, изјави Душко Коцевски, директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар.
Веќе од 17 март (понеделник), сите возила кои ќе бидат подигнати од службата може да се преземат од новата локација.
Македонија
ДУИ: Секој обид за оспорување на Законот за употреба на јазиците е обид за оспорување на Охридскиот договор и уставниот поредок на Северна Македонија

„Денес ја одбележуваме четвртата годишнина од потпишувањето на Законот за употреба на јазиците – моментот кога беше заокружен легислативниот дел од Охридскиот рамковен договор, со што албанскиот јазик го доби заслуженото место во нашиот мултиетнички државен систем“, велат од ДУИ.
„Овој закон не беше само правна регулатива, туку историски чин што ја запечати еднаквоста и институционалната стабилност на земјата.
Но, четири години подоцна, анти-Охридските духови повторно се разбудија за да го нападнат најчувствителното прашање, токму таму каде што синџирот е најслаб – во прашањето на јазикот, најсилниот симбол на еднаквоста и меѓуетничката хармонија.
Обидите за доведување во прашање на уставноста на овој закон не се ништо друго освен напад врз самите темели на соживотот и евроатлантската ориентација на земјата.
ДУИ ја смета оваа политички мотивирана интервенција за регресивен чин кој не е насочен кон правда и институционален поредок, туку кон создавање тензии и отворање на старите рани од минатото.
Секој обид за оспорување на Законот за употреба на јазиците е обид за оспорување на Охридскиот договор и уставниот поредок на Северна Македонија.
Им упатуваме апел на сите државни институции и меѓународни фактори да не дозволат земјата да се лизне во патот на ревизионизмот, кој може да доведе до длабока политичка и институционална криза со непредвидливи последици.
ДУИ со сите демократски средства ќе го брани Законот за употреба на јазиците и нема да дозволи враќање назад. Јазичната еднаквост е неприкосновено право и ќе остане такво“, соопштуваат од ДУИ.
Македонија
Герасимовски: Крводарителска акција в понеделник во општинската сала на Совет – биди нечиј херој

Општина Центар во соработка со Црвениот крст на општинска организација Центар по повод денот на крводарителството, организира крводарителска акција која ќе се одржи во понеделник (17 март), во периодот од 09:00 до 13:00 часот, во Сала на Совет на Општина Центар, барака 6.
Градоначалникот Горан Герасимовски, ги повикува сите жители на Центар да се приклучат на оваа важна акција. Чинот на дарување крв е едноставен начин да се спасат животи и да се покаже солидарност. Со секое дарување стануваме дел од процесот на спасување и помагање на оние во најголема животна опасност.
„Дарувањето крв не е само можност да помогнеме, туку и начин да ја изразиме нашата човечност. Со дарувањето, директно придонесуваме во спасување животи и ја поттикнуваме културата на хуманост во нашата заедница. Ги повикувам сите центарци да се приклучат на акцијата, секој може да биде нечиј херој. Во понеделник да даруваме крв и да им помогнеме на оние кои им е најпотребно“, истакнува Герасимовски.
Долгогодишната соработка на Општина Центар со Црвениот Крст, како и континуираната организација на крводарителски акции се од суштинска важност за позитивни промени и поттик на солидарноста во општеството, додаваат од општината.