Македонија
Сообраќајот и натаму отежнат

Сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци во утринските часови се одвива исклучително отежнато и забавено
Сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци во утринските часови се одвива исклучително отежнато и забавено во зимски услови со остатоци од снег на коловозите поради интензивните врнежи од снег низ целата држава.
Поради врнежите од снег забележана е и намалена видливост што дополнително го отежнува возењето, велат од АМСМ.
Поради интензивни врнежи од снег и големи остатоци на коловозот, патниот правец Дебар-Струга е затворен за тешки товарни возила.
Забрана за движење на тешките товарни возила има на патните правци Гостивар-Кичево преку планинскиот превој Стража и Жеровница – Дебар.
На овие патни правци за сите останати возила задолжителна е употребата на зимска опрема. Забрана за движење на сите видови на возила има на патниот правец Маврово – Жеровница.
На патните правци Битола-Ресен преку Ѓавато и Ресен-Охрид преку Буково и на планинскиот превој Плетвар препорачлива е употреба на зимската опрема за сите видови на возила.
На Попова Шапка поради интензивни врнежи на снег кои што се уште траат има отежнато движење на автомобили и автобуси, и за сите видови на возила задолжителна е употребата на зимска опрема.
Во источна Македонија во утринските часови сообраќајот се одвива по влажни коловози поради врнежи од дожд.
Поради временските непогоди тунелите на патниот правец М-1/Е75 Катланово – Велес и новата делница Велес – Катланово се без електрична енергија (осветлување).
Поради ваквите отежнати зимски услови за сообраќај, на возачите им препорачуваме доколку е можно да го одложат патувањето, а на оние возачи кои мора да патуваат им препорачуваме, исклучително внимателно возење и прилагодување на брзината на влажните, лизгави и со остатоци од снег коловози./крај/амсм/ис
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бизнис заедницата помага во подобрување на условите во високото образование, донирана модерна индустриска опрема на Машинскиот факултет во Скопје

Машинскиот факултет во Скопје доби современа индустриска опрема наменета за Лабораторијата за производни технологии и процеси. Станува збор за металорежачки ЦНЦ машини во вредност од 72 илјади евра кои ги отстапува компанијата ЛТХ Леарница Охрид, со што значително се подобрува практичната настава за студентите.
На настанот организиран по повод отстапувањето на опремата се обрати и министерката за образование и наука Весна Јаневска, која ја повика бизнис заедницата повеќе да учествува во подобрување на условите во образовниот систем во Македонија, а особено во високото образование.
„Општеството има потреба од инженери, добро обучени, кои би можеле веднаш да се вклучат во работните процеси на компаниите. За да се создаде токму таков подготвен кадар, неопходна е соработка помеѓу високото образование и бизнис секторот. Тука таа соработка ја гледаме и можам да ја посочам како пример и да упатам јавен повик за што повеќе факултети и компании да се вмрежуваат. Тоа значи јакнење на образовниот, но и на индустрискиот систем во државата“, рече Јаневска.
Потенцираше дека синергијата помеѓу приватниот сектор и академската заедница носи придобивки за целото општество. Инвестициите во модерни образовни алатки без разлика од каде доаѓаат, не е само инвестирање во инфраструктура, туку и во иднината на младите генерации.
„Сите сме свесни дека ни се потребни подобрувања во високото образование, а со тоа и посериозни инвестиции пред сé во лабораториска опрема. Владата веќе работи на мапирање на научно-истражувачката инфраструктура на универзитетите, а потоа ќе следат инвестиции. Буџетот за наука оваа година е речиси двојно зголемен споредбено со лани и изнесува 680 милиони денари, а дел од овие средства ќе се искористат за јакнење на лабораториските ресурси“, додаде министерката.
Јаневска информираше дека во моментов се изработуваат две нови законски решенија за високото образование и за научно – истражувачката дејност. Како што рече, тие ќе поттикнат зголемена научно-истражувачка активност на наставниот кадар од високото образование, што пак, се очекува да овозможи подобра позиција на македонските универзитети на релевантните меѓународни ранг-листи.
Македонија
Работниците што не добиле покачување на платата за март од 4.000 денари може да тужат, ССМ обезбедува и бесплатна правна помош

Тужби до работодавците може да поднесат сите работници кои со мартовската плата не добиле покачување од 12,6 % колку што предвидува Општиот колективен договор. За оваа можност, која им стои на располагање на работниците, денес зборуваше претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов. Тој укажа дека право на тужби имаат сите работници кои се потписници на договорите, а не добиле околу 4.000 денари повисока плата за март. Такви се вработените во образованието, кои, место 12,6 %, добија 7 % покачување, вработените во здравството, на кои им беше ветувано 5 % зголемување на платите со онаа од март, но сè уште го немаат добиено и тоа мало покачување место покачување од 12,6 % и сите вработени во јавниот сектор што не добиле плата за март во согласност со Општиот колективен договор, односно не им е зголемена 12,6 %, туку им е зголемена само линеарно за износот на усогласувањето на минималната плата за речиси 1.800 денари.
„Работниците имаат право врз основа на колективните договори потпишани од синдикатите, пред сè, од ССМ и со гранските синдикати, а кое може да го користат во наредниот период, за тужби. Иако обезбедуваме бесплатна правна помош за сите работници, нам нè загрижува тоа што некој свесно сака да предизвика крах на јавниот буџет преку тужбите од страна на адвокатски канцеларии, адвокати. Според адвокатските тарифи, тие би зеле огромни адвокатски трошоци на сметка на една месечна плата на еден работник. Во пракса, доколку на работникот не му е исплатена плата за 12,6 % покачена или не добил приближно 4.000 денари за еден месец зголемување на платата предвидено со Општиот колективен договор, адвокатските трошоци до последната инстанција изнесуваат речиси 60.000 денари. Адвокатите ќе земат десетпати повеќе од она што им следува на работниците“, рече Трендафилов.
Отворена можност за работниците да поднесуваат тужби Трендафилов потсети дека имаше во 2008 година во Министерството за внатрешни работи.
„Тогаш министрите трчаа во полициските станици да ги спречат работниците да не тужат за тогашниот 10 % додаток на нивните плати. Она што е клучно, и денеска вработените во Министерството за внатрешни работи, наместо 12,6 % зголемени плати, добија 10 % и се остава простор некој од вработените да тужи за 2,6 % во согласност со Општиот колективен договор. Најчесто тужат оние што први се пензионираат и потоа создаваат пракса. Меѓутоа, загрижува тоа што изминатите денови, особено преку медиумите и преку некои други наши канали, слушаме дека ќе се прави притисок врз судството да се создаде судска пракса преку која ќе се отфрлаат тужбите за барањата за зголемувањата на платите во согласност со колективните договори. На таков начин ќе се обидат да го стивнат овој процес“, вели Трендафилов.
ССМ апелира да се почитуваат законските обврски и платите да одат во џебовите на работниците, кои ги заслужуваат и кои ги одработуваат, а не во џебовите на адвокатските канцеларии, адвокатите или во судовите и во државната каса за судски такси.
Македонија
Гаши со коизвесителите на ПССЕ за постмониторинг дијалогот со Македонија: во фокусот реформите во судството, борбата против корупцијата

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, се сретна со коизвесителите на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) за постмониторинг дијалогот со Северна Македонија – Сибел Арслан, од Швајцарија од Групата на социјалисти демократи и зелени и Џозеф О’Рајли, од Ирска од Групата на Европските народни партии, кои се во дводневна посета на земјата.
На средбата беше нагласено дека улогата на Советот на Европа е од суштинско значење за европскиот демократски развој, особено на полето на човековите права и владеењето на правото, како и дека механизмите и препораките на Советот на Европа во Република Северна Македонија биле секогаш сметани за израз на поддршка на демократскиот развој и на нив се посветувало големо внимание.
Коизвестителите се интересираа за актуелните случувања на политичката сцена, а во фокусот беа реформите во судството, борбата против корупцијата, односите со соседите.
На крајот беше изразена надеж дека во текот на дводневната работна посета известителите ќе имаат можност да го нотираат постигнатиот напредок од последната ваква посета во 2019 година и дека извештајот кој ќе биде претставен пред Мониторинг комисијата, а потоа и пред пратениците на Парламентарното собрание на Советот на Европа, ќе даде објективна слика за состојбите во државата.