Македонија
Затворени гласачките места, изборите мирни

Мирен изборен процес и гласање во демократска атмосфера, со мали нерегуларности, е првата оценка за претседателските и локалните избори одржани денес
Мирен изборен процес и гласање во демократска атмосфера, со мали нерегуларности, е првата оценка за претседателските и локалните избори одржани денеска во Македонија.
Најголем број од гласачките места се затворени во 19,00 часот, а излезноста е над 50 отсто од регистрираните вкупно 1.792.082 избирачи.
Според последните податоци што ги објави Државната изборна комисија (ДИК), одзивот до 17,00 часот изнесувал 48,7 проценти, и на претседателските и на локалните избори.
Во 2.557 избирачки места или 85,92 проценти од вкупниот број, гласале 788 илјади 147 гласачи на претседателските, и 780 илјади и 187 избирачи на локалните избори, соопшти ДИК на прес конференција, два часа пред затворањето на гласачките места.
Претседателот на ДИК Александар Новаковски оцени дека претседателските и локалните избори, освен мали исклучоци, се одвиваат во добра атмосфера и изрази надеж дека ќе заврши со истите оценки.
Вкупниот број на избирачки места што денеска не се отворија поради временските неприлики изнесува 134, или не гласале вкупно 12 илјади и 556 гласачи во Македонија.
Со одлука на Државната изборна комисијана овие 103 места гласањето ќе се одржи дополнително.
Набљудувачите на МОСТ, во текот на изборниот ден, регистрираа неколку нерегуларности и нарушување на изборниот процес, како агитирања пред избирачките места, делење на инструкции и притисоци врз граѓаните како да гласаат.
Претставникот на Европската унија (ЕУ) во Македонија Ерван Фуере даде позитивна оценка во текот на изборниот процес.
„Од она што до сега го видовме, изборите поминуваат во добра атмосфера и покрај лошите временски услови“, изјави денеска евроамбасадорот во Македонија, Ерван Фуере, кој ги посети кичевските и гостиварски села.
Претседателските кандидати, по гласањето, дадоа изјави во врска со нивните очекувања од претседателските избори.
“Денешните избори се многу важни за Македонија, очекувам да бидат слободни и мирни“, изјави претседателскиот кандидат Љубомир Фрчковски по гласањето во изборната единица во скопската населба Кисела Вода
“Очекувам фер и демократски избори затоа што од нив зависи европската иднина на Македонија“, посочи претседателскиот кандидат Ѓорѓе Иванов.
Според кандидатот за претседател Агрон Буџаку, очекува изборите да поминат во коректна атмосфера.
„Денеска е многу важен ден за Македонија, испит за македонската демократија. Убеден сум дека ќе го положиме овој испит“, рече претседателскиот кандидат Љубе Бошковски.
„Очекувам да се кандидирам во вториот круг од претседателските избори и да победам“, се очекувањата на претседателскиот кандидат Нано Ружин.
“Во Македонија ќе победи демократијата“, изјави претседателскиот кандидат на партијата Нова демократија, Имер Селмани.
Според кандидатката за претседател Мируше Хоџа, “изборите треба да поминат во фер и мирна атмосфера“./крај/ег/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пожарот зафати само надворешен дел од дворот на Психијатриската болница Бардовци, нема причина за загриженост, велат од МЗ

По пожарот што вчера зафати дел од тревна површина во дворот на ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“, Министерството за здравство ја информира јавноста дека ситуацијата е целосно ставена под контрола и нема причина за загриженост.
Од безбедносни причини, во краток временски период беше спроведена превентивна евакуација на дел од пациентите и вработените. Навремената и координирана интервенција на надлежните служби спречи проширување на пожарот кон болничките објекти. Не е причинета никаква материјална штета врз објектите и не се регистрирани повредени меѓу пациентите и персоналот.
Пожарот зафати само надворешен дел од дворот, обраснат со сува трева и истиот е успешно локализиран.
Во објектите на болницата има присутен дежурен медицински и административен персонал и активно ќе ја следат состојбата.
Македонија
(Видео) Во седум налети хеликоптерот на МВР исфрли 10 тони вода

Вчера полициски службеници од Хеликоптерската единица за полициски намени при МВР, а по претходно добиено барање од ЦУК за преземање активности во врска со гаснење на пожар во реонот на Блаце, се упатија со хеликоптерот Бел 412 за извршување на задачата.
Во седум налети хеликоптерот исфрли 10 тони вода, а потоа поради ноќните услови се врати во базата, извести МВР.
Македонија
Нормализиран патниот сообраќај до граничниот премин Блаце

Ноќеска е нормализиран патниот сообраќај до граничниот премин Блаце. Укината е забраната и за товарните моторни возила и за автобусите.
Претходно поради настанатиот пожар над магистралниот пат А4 Скопје – Блаце кај тунелот кој се прошири над магистралниот пат, сообраќајот беше пренасочен за патничките возила, а во прекин беше за товарните моторни возила.
МВР воспостави посебен режим на движење на возила од Граничен премин Блаце кон Скопје.
Сообраќајот за патнички моторни возила беше пренасочен кон село горно Блаце по стариот пат кон село Бањани, Глуво и Скопје.
Воспоставен беше посебен режим на движење на возила и во правец од Скопје кон Граничен премин Блаце.
Сообраќајот од Скопје кон граничниот премин беше пренасочен по регионален пат Р 22 39 кон село Бразда, Село Глуво Горно Блаце.