Македонија
ЕУ иднината на Македонија зависи во вториот круг
ЕУ комесарот Оли Рен ги поздрави добрите избори во Македонија и предупреди дека европската иднина зависи од вториот круг
ЕУ комесарот за проширување Оли Рен го поздрави доброто спроведување на изборите во Македонија, но предупреди дека европската иднина зависи од исполнувањето на меѓународните стандарди во вториот круг.
„Го следев спроведувањето на првиот круг на изборите од близу и видов дека нашата порака е разбрана“, рече Рен и додаде дека е охрабрен од реакцијата на набљудувачите.
Меѓутоа, комесарот предупреди дека „првиот круг, секако е само полуфинале на овој изборен процес“
„Финалето ќе се одржи за две седмици и очекувам фер игра“.
„Ништо не треба да се зема ’здраво за готово’ и неопходни се голема решителност и претпазливост за да се обезбедат слободни и фер избори“, рече Рен.
„Повторувам дека патот до ЕУ води преку ова“./крај/афп/ил
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Јакимовски: Ако победев на изборите немаше да броиме 100 дена, туку завршени проекти
Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, објави видео на Фејсбук во кое вели дека доколку победел на локалните избори, немало да брои 100 дена, туку завршени проекти.
„Ако победев на локалните избори, денес немаше да броиме 100 дена. Ќе броевме завршени проекти. Градинката „Мајски Цвет“ во Тафталиџе 1 веќе ќе беше вселена. „Пролет“ кај Канела ќе беше во завршна фаза – а децата на 1 мај ќе влегуваа во нов простор, не во ветувања. Спортската сала во ООУ „Димов Хаџи Димов“? На 8 март ќе сечевме лента. Улиците Петар Чаулев, Козле 3, Софиска, Џумајска, Јуриј Гагарин, Загребска, Атинска, Бранислав Нушиќ, Трифун Бузев – ќе беа завршени. Канализациите во Бардовци и на Ловќенска ќе беа решени. Потпорниот ѕид на Загребска ќе беше безбеден, а не тема за оправдувања. Проектите за катни гаражи во Карпош 1 и Карпош 2 ќе беа готови, со распишани тендери“, вели Јакимовски.
Додава дека не е прашањето во деновите, туку прашањето е во посветеноста.
„Кој знае – прави. Кој не знае – брои. А денот се познава по утрото. Како што почнаа овие 100 дена – така ќе изгледаат и следните 1.000“, вели Јакимовски.
Македонија
Стојаноски за платите на функционерите: се намалуваат за над 10.000 денари, законското решение е согласно Устав
„Поднесовме предлог на измена на шест закони, со овој пакет на закони се опфаќаат Законот за пратениците, Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, Законот за платите на јавните обвинители, Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, Законот за платите на судиите, Законот за платите на членовите на судскиот Совет, со коешто се воспоставуваат реални висини на плати“, истакна Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница во Собранието.
Стојаноски објасни дека со овие предложени решенија се врши интервенција во коефициентите и дека ова законско решение е во согласност со Устав и не може да биде обжалено пред Уставниот суд.
„Со овие предложени решенија се врши интервенција во коефициентите, со што се обезбедува национално користење на средствата од Буџетот на Република Македонија. Ова законско решение е во согласност со Уставот, и е единствено законско решение коешто може да влезе во уставната рамка и потоа да не биде обжалено на Уставниот суд“, рече Стојаноски и додаде:
„Со овие измени одредени позиции се намалуваат коишто се во следниов правец. За пратениците и функционерите во извршната власт ги намалуваме коефициентите со што директно го кратиме буџетскиот товар, за судиите и јавните обвинители предвидуваме усогласување на коефициентите со цел нивните плати да бидат во корелација со реалните економски можности на државата, додека за градоначалниците предлагаме нова скала на коефициенти, зависно од бројот на жители во општините. Доколку овие измени денеска бидат усвоени во Собранието, платите ќе се нивелираат со што значи на сите овие функционери коишто се под овие шест закони, платата ќе се намали од 10 до 13.000 денари“.
Македонија
Бесплатен логопед за децата од Општина Аеродром
Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска потпиша меморандум за соработка со здружението „МЕГАЛОГОМЕД ГЛАС – Скопје“, со што се овозможува индивидуални логопедски и дефектолошки третмани за деца со развојни потешкотии и деца со попреченост.
Со ова, децата од Аеродром добиваат бесплатен пристап до стручна логопедска поддршка, рано препознавање на развојните предизвици и навремена интервенција — важен чекор за нивниот правилен развој, сигурност и самодоверба.
Услугата ќе биде бесплатна за лицата што ќе добијат соодветна препорака од Центарот за социјална работа на Град Скопје, а корисници ќе можат да бидат лица со валидна документација согласно со Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ).
„Обезбедуваме и поддршка за родителите преку советување и насоки, со цел секое семејство полесно да стигне до потребната стручна помош без дополнителни финансиски оптоварувања“, вели Митевски.
фото/Depositphotos

