Македонија
Владата демантира дека води тајни преговори со ММФ
Македонската влада не води тајни преговори со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за склучување на нов аранжман
Македонската влада не води тајни преговори со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за склучување на нов аранжман.
Ова денеска за Макфакс го изјави претставник на министерството на финансии по повод наводите на аналитичарот Ден Дончев во денешната колумна за „Утрински Весник“, дека Владата води итни и тајни преговори со ММФ.
Канцеларијата на ММФ во Скопје, ниту потрди, ниту демантираше дека се водат тајни преговори. Има редовна комуникација помеѓу владата и ММФ, што е вообичаена практика за секоја земја членка на оваа финансиска институција, изјави за Макфакс, претставник на канцеларијата.
Зголемување на дефицитот на тековната сметка е алармантно, поради што со сигурност може да се претпостави нужноста од вакви преговори, пишува Дончев во „Утрински Весник“, додавајќи дека тоа, „не е ниту случајно, ниту неочекувано, барем за оние што ја следат макроекономската состојба во Македонија“.
Владата пред околу две години предвреме ги подмири сите долгови кон ММФ. /крај/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Активни забрани за камиони на патот Тетово – Попова Шапка и на преминот Маврово
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, наместа со остатоци од кашест снег на коловозот.
Активни забрани за сообраќај на тешки товарни возила има на патниот правец Тетово – Попова Шапка и на планински премин Маврово.
Забраната за движење на товарни возила на планинскиот премин Ѓавато е укината.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Битиќи: Власта нанесува удар врз системот на транспарентно управување со буџетите
„Имаме тенденција на заобиколување на клучните институции кои треба да обезбедат независност и стручност во управувањето со јавните финансии. Оваа практика е дополнително зајакната со фактот дека предложените измени се носат без официјално мислење од Министерството за финансии – институцијата што е директно одговорна за дизајнирање, спроведување и надзор на фискалната политика,“ рече пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи во однос на Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за буџети, за кој денес се расправаше на Комисијата за финансирање и буџет во Собранието.
Битиќи оцени дека изоставувањето на мислењето на министерството за финансии не е само административен пропуст, туку и отворено игнорирање на неговата стручна улога, што остава простор за импровизации и политички влијанија. Според него, ова го поткопува целиот процес на носење на измени во закон кој има системско значење.
„ Отсуството на мислење сугерира дека или предложените измени се политички наметнати без консултација со ресорното министерство, или дека министерката за финансии не го користи својот авторитет за да ја одбрани важноста на професионалниот пристап во оваа клучна реформа. Дали премолчувањето на игнорирањето на Министерството е показател дека министерката не се согласува со предложените измени, но е принудена да молчи? Или, пак, ова е сигнал дека овие измени се политички диктирани и не се базираат на стручни анализи?“, запраша пратеникот Битиќи.
Осврнувајќи се на бришењето на одредби од Законот буџети, во кои е прецизирано кои јавни субјекти се регистрираат, Битиќи појасни дека регистарот останува, но останува и недефинирана обврската за тоа кој „активно се ажурира“.
„Ова претставува чекор наназад во однос на транспарентноста. Овој регистар беше основна алатка за јавноста и институциите да ги следат активностите на буџетските корисници и јавните претпријатија. Се отвора простор за прикривање и недоследности, што директно го удира кредибилитетот на јавните институции“, рече Битиќи.
Зборувајќи за укинувањето на одредбите кои ја регулираат формата и содржината на извештаите за извршување на буџетот, како и на полугодишните извештаи за извршување на буџетот на државата и општините, Битиќи истакна дека ова станува збор за удар врз доследноста во известувањето.
„Кога ќе се отстрани обврската Министерството за финансии да пропишува унифицирана форма и содржина на извештаите, се отвора простор за непотполни, селективни и неусогласени податоци. Овие извештаи се клучни за јавниот увид во трошењето на средствата и за контролата од страна на институциите и граѓаните. Со ваквите измени, директно се намалува можноста за транспарентна контрола на јавните финансии, што претставува длабоко загрижувачки чекор наназад за демократската отчетност и довербата во јавните институции“, рече Битиќи.
Македонија
Седумте лица заглавени во Лазарополе денеска беа извлечени
Седумте лица заглавени во Лазарополе од вчера, денеска во 13:15 часот, беа извлечени и истите се упатени кон своите домови.
Со силни напори вработените од ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта од вчера работеа за отворање на патот со тешка механизација со два багери (снегофрлачи) и камион, а двајца вработени на ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта се здобиле со повреди, известуваат од ЦУК.
Од таму апелираат до сите граѓани да не патуваат во тој дел бидејќи ситуацијата е критична и денеска се уште врне обилен снег.