Македонија
Штрајк на вработените во Маврово
Вработените во градежната компанија Маврово денеска ќе стапат во штрајк по повод отворањето на стечајната постапка на друштвото
Вработените во градежната компанија Маврово денеска ќе стапат во штрајк по повод отворањето на стечајната постапка на друштвото.
Штрајкот го организира синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Македонија, а ќе се одржи во просториите на компанијата.
Незадоволството на вработените кулминира поради неисплатените заостанати плати, нерегулирано здравствено осигурување неисплатени придонеси за ПИОМ, нерегулиран статус на вработените и незаконско упатување на принуден одмор.
Градежната компанија Маврово лани беше купена од страна на хрватска ИНГРА, чии високи претставници најверојатно нема да се сретнат со штрајкувачите.
Ингра соопшти дека откако го презела работењето во Маврово, увидела дека побарувањата во износ од 30 милиони евра не можат да се наплатат и да се покријат долговите, кои исто така изнесуваат 30 милиони евра, бидејќи од претходната управа добила лажни податоци за структурата на долговите.
Ингра решила да продолжи да работи преку Маврово инженеринг, кое лани го купила за околу три милиони евра и во оваа фирма се префрлени 700 вработени од градежната компанија Маврово, во која останале уште 400 лица.
„Никако не можеме да го разбереме работењето на „Маврово“ во последните 10 до 15 години. Да не исплаќаат платите на вработените, а државните институции тоа да го дозволат. Долговите на „Маврово“, кон работниците за плати и придонеси изнесуваат околу 3,5 милиони евра“, изјави претставникот за односи со јавноста на Ингра Данко Дебан.
Тој рече дека Ингра решила да покрене стечај бидејќи долговите на Маврово биле толку големи, сметките блокирани, а компанијата не можела да заработи пари да се исплати долгот кон вработените.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Сарај и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09:00 до 14:00 часот, дел од корисниците од село Буковиќ, горниот дел (општина Сарај);
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците на улицата Струшка (општина Карпош).
Македонија
Апасиев: Следната недела ќе закажам посебна седница за трагедијата во „Пулс“
„Како претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието на РМ, следната недела планирам да ја закажам посебната комисиска седница на која ќе се разгледува добиената Претставка од „Здружението 16 Март“ на родителите од Кочани, на која ќе се расправа за изнесените наводи поврзани страшната трагедија во дискотеката „Пулс“. На седницата официјално ќе бидат поканети и претставници на подносителите“, напиша на социјалните мережи пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев.

За време на саботниот „Марш на ангелите“ во Скопје, семејствата на загинатите во „Пулс“ побараа пратениците да иницираат надзорна расправа и посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на случајот.
Македонија
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), локално со услови за невреме со засилен ветер (над 60 km/h) и појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 13 до 18 степени.
Во Скопје, облачно со повремени врнежи од дожд, во делови од котлината повремено пообилни. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на серија влажни воздушни бранови до крајот на седмицата следува период на променливо облачно и релативно топло време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни, локално со услови за невреме со засилен ветер (над 60 km/h) и ретки грмежи. Во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m2). Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.

