Македонија
Владата повторно се задолжува со 42 милиони евра

Државни записи во вкупна вредност од над 42 милиони евра ќе бидат понудени од страна на Минситерството за финансии на аукцијата закажана за денеска
Државни записи во вкупна вредност од над 42 милиони евра ќе бидат понудени од страна на Минситерството за финансии на аукцијата закажана за денеска.
Според најавите, на пазарот ќе бидат понудени едномесечни записи во вредност од над 16 милиони евра и тримесечни записи во вредност околу 26 милиони евра.
Најновото емитување на државните записи уследи откако на аукцијата одржана изминатата недела беа собрани 5,5 милиони евра.
Честите аукции на Народната банка на Македонија и на
Министерството за финанси на благајнички записи и на државни записи придонесоа комерцијалните банки да ги кренат каматите на кредитите. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Министерот Муцунски се обрати на бизнис форум во Лондон: Забрзан економски раст и развој преку нови странски инвестиции

Во рамки на посетата на Лондон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се обрати на бизнис форум на кој учествуваа повеќе од 50 британски компании. На форумот, министерот Муцунски говореше за напорите и активностите на Владата за унапредување на бизнис-климата, можностите за инвестирање во нашата држава и потенцијалите за зголемување на трговската и економската соработка.
Во таа прилика тој ги покани британските компании да ги истражат можностите кои ги нудат македонскиот пазар и економија и изрази подготвеност, на ниво на Влада и Министерство, да им биде обезбедена сета неопходна поддршка за реализација на нивните инвестиции планови и цели.
За време на работниот престој во Лондон, министерот Муцунски го посети и училиштето за источноевропски јазици во рамките на University College London, каде што се изучува и се зборува македонскиот јазик. Притоа беше реализирана донација од учебници и литература, кои ќе помогнат во совладувањето на нашиот мајчин јазик.
Токму промоцијата на македонскиот јазик и создавањето услови за негово изучување се едни од најважните приоритети на Министерството, на кои активно се работи во изминатиот период.
За време на посетата, министерот Муцунски оствари и средба со членовите на Парламентарната група во британскиот Парламент за соработка со Република Северна Македонија. На средбата се разговараше за унапредување на билатералните односи, зајакнување на парламентарната соработка, како и за значењето на двата парламенти во унапредувањето на политичките односи помеѓу двете земји.
Министерот Муцунски изрази благодарност за континуираната поддршка и интерес за нашата земја, како и за придонесот во зајакнувањето на пријателството помеѓу двете држави.
Македонија
(Видео) СДСМ: Предлог-законот за верски средни училишта го крши уставниот принцип на секуларност

„Предлог-законот за установите за средно образование на верските заедници, што очигледно ВМРО-ДПМНЕ го турка со цел да исполни желба на својот политички партнер, е противуставен. Додворувањето на владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ – ВЛЕН на најголемите верски заедници, МПЦ и ИВЗ, оди директно спротивно на уставниот поредок и принципот на одвоеност на верата од државата“, кажа Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ.
„Обидот на ВМРО-ДПМНЕ да ги интегрира верските училишта во јавниот образовен систем претставува директно кршење на уставноста и на принципот на секуларност кој е длабоко загрозен од ваквиот потег на власта.
Потсетуваме дека само пред неколку месеци Уставниот суд ја укина Одлуката на Владата за давање одобрение за основање на Приватно средно училиште „Медресеја Иса Беу“во Кондово.
Сега, одејќи спротивно на одлуката на Уставниот суд и на уставниот поредок, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги озакони противуставните одлуки на Владата.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија нема да даде поддршка на Предлог-законот за установи за средно образование на верски заедници.
Нагласуваме дека, Предлог-законот е спротивен на Уставот кој јасно ја гарантира секуларноста на државата и ја одвојува верата од образованието како дејност од јавен интерес.
Овој предлог-закон директно го прекршува членот 7 од Законот за средно образование, според кој во средните училишта е забрането верско организирање, дејствување и истакнување на верски обележја.
Дополнително, предлогот создава нерамноправен третман и дискриминаторски услови со тоа што фаворизира конкретни институции, православната богословија и исламската медреса, и на тој начин отвора можност за воспоставување на паралелен образовен систем надвор од стандардите на државното образование.
Прашуваме, дали е прифатливо ученици со програма која содржи доминантен наставен план со верски содржини, да се стекнуваат со диплома еквивалентна на гимназиска, и потоа да се запишуваат на факултети за медицина, право, општествени и природни науки?
СДСМ укажува дека верските училишта веќе имаат регулиран статус преку Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група, каде е прецизирано дека тие имаат право да основаат образовни установи за школување свештени лица, но не и за општо средно образование. Овој закон е lex specialis и не може да биде дерогиран со нов закон кој би го проширил нивниот опсег надвор од првичната намена.
Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ се обидува да протурка закон кој не е во согласност со уставниот поредок и законските одредби, исполнувајќи политички желби на својот коалициски партнер, без почитување на уставните и образовните принципи, и на јавниот интерес.
Заради сите наведени причини, СДСМ нема да учествува во амандманска расправа по предложениот закон, ниту ќе прифати да даде легитимитет на содржината која се коси со Уставот, законите и демократските вредности на секуларна држава“, изјави Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ.
Македонија
(Видео) Тошковски: МВР формира нова Единица за сајбер безбедност која ќе биде клучен столб за дигиталниот суверенитет на институцијата

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски присуствуваше на промоцијата на новоформираната специјализирана Единица за сајбер безбедност на Министерството за внатрешни работи.
„Во време на брза дигитализација и се поопасни и пософистицирани сајбер закани, Министерството за внатрешни работи презема стратешки и решителен чекор, за првпат во своето постоење, формира специјализирана Единица за сајбер безбедност. Оваа единица ќе биде клучен столб во одбраната на дигиталниот суверенитет на МВР како институција која управува со најголемиот и најсензитивниот обем на лични податоци на граѓаните на државата. Безбедноста на овие системи е прашање не само на институционален капацитет, туку и на државна стабилност и доверба на граѓаните. Сите активности на новоформираната единица се насочени кон унапредување на безбедноста и отпорноста на внатрешната ИТ-инфраструктура на самото Министерство, со фокус исклучиво на заштита на неговите информациски системи. За првпат, Министерството набави современа техничка и софтверска опрема за проактивно следење, детекција и превенција на сајбер напади, со што поставува темели на системска и долгорочна заштита.“, потенцираше министерот Тошковски.
Министерот Тошковски информираше дека новата Единица за сајбер безбедност ќe биде одговорна за сеопфатна заштита и мониторинг на информациските системи на МВР, ќе врши постојана анализа и навремено детектираее на сајбер закани, ќе врши инсталација, одржување и менаџмент на безбедноста на ИТ инфраструктурата на министерството.
Со оваа иницијатива, МВР поставува нов стандард во сајбер одбраната кој подразбира модерен, одржлив и цврст безбедносен штит кој одговара на предизвиците на денешницата и обезбедува доверба кај јавноста дека податоците на граѓаните се под највисока заштита.
Исто така денеска министерот Тошковски заедно со деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), проф. д-р Боро Јакимовски, потпишаа меморандум за соработка помеѓу Министерството и Факултетот. Целта е размена на знаења, искуства и едукација, како и унапредување и доусовршување на кадарот во областите каде што двете институции имаат заеднички интереси. Ваквата соработка претставува уште еден чекор кон јакнење на техничките и човечките капацитети на МВР и поддршка на дигиталната трансформација на институцијата, со крајна цел – подобри и побрзи услуги за граѓаните.