Македонија
Поддршка за веронауката
Поддршка за одбрана на правото за изучување на веронаука во Македонија денеска во Скопје искажаа група вероучители и една граѓанска асоцијација
Поддршка за одбрана на правото за изучување на веронаука во Македонија денеска во Скопје искажаа група вероучители и граѓанската асоцијација „Млади за здрави животни стилови“.
„Самиот збор веронаука кажува дека тоа е наука за верата. Сите луѓе на овој свет веруваат во нешто, некој верува во хуманизам иопштествени вредности и слично, но најмногу од се луѓето веруваат во Бога“, рече магистер Илија Орачки наставник по веронаука во неколку скопски училишта.
Тој посочи дека вероучителите веруваат дека правото на избор е загарантирано, а веронауката беше изборен предмет во основните училишта во Македонија.
„Ние не протестираме, ние искажуваме поддршка за изучување на веронауката“, рече Орачки.
„Сметаме дека веронауката е здрава за духот на младите и за семејствата во Македонија“, рече Милан Стефановски од граѓанската асоцијација „Млади за здрави животни стилови“.
Тие посочија дека утре во 13 часот пред Уставниот суд во Скопје ќе се одржи помасовен и поорганизиран протест од денешниот и побараа поддршка од сите граѓани во Македонија за изучување на веронауката во училиштата, која беше воведена како изборен предмет од учебната 2008 / 2009 година.
Родителите на петто одделенците можеа да избираат меѓу двата предмета – Вероучение и Историја на религии.
Вероучителот Љупчо Смилев посочи дека на часовите по веронаука на учениците им се предавале основните верски знаења и дека целата програма воопшто не била спорна затоа што била одобрена од Министерството за образование и наука,.
Вероучителите и граѓанската асоцијација не ја коментираат одлуката на Уставниот суд, која што беше донесена во средата минатата недела и со која беше укинат членот 26 од Законот за основно образование, со што беше укината веронауката како предмет во училиштата.
Пред Уставниот суд во Скопје денеска имаше паркирано и дваесетина возила, на кои имаше залепено плакати, на кои меѓу другото пишуваше и: “Имаме право на избор на веронаука“./крај/амп/ил
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Најмногу дожд наврна во Охрид
Утрово најниска температура од 2 степени Целзиусови е измерена во Крушево. Следат Берово и Маврови Анови со 5 степени, 6 во Крива Паланка и Лазарополе, 7 Прилеп, Битола, Тетово, 8 Скопје–Петровец, Претор, 9 Кавадарци, Велес Виница, Штип, 10 Куманово, Скопје–Зајчев Рид и 11 степени во Гевгелија и во Струмица, соопшти УХМР.
Согласно количината на врнежи измерени во изминатите 24 часа заклучно до утрово 7 часот најмногу дожд наврнал во Охрид. Според мерењата во Охрид до 19 часот синоќа наврнале 34 литри на метар квадратен. Сметано од утрово, 25 л/м2 наврнале во Гевгелија, 17 во Пожар-Радовиш, Претор, 14 Крушево, 13 Штип, 11 Струмица, 10 Берово, 9 Битола, Виница, 7 Велес, 6 Крива Паланка, 5 Тетово, Кавадарци, Лазарополе, Пожаране, Попова Шапка, 4 Прилеп, Куманово, Тополчани, 3 Маврови Анови, 2 Ѓуриште и 1 л/м2 во Скопје-Зајчев Рид и во Скопје кај Петровец.
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 14 до 18 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне до 17 степени.
Македонија
Левица: Наместо нови автобуси во ЈСП, нови автобуси добија приватните превозници
Партијата Левица остро реагираше на најавата на градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, дека од понеделник ќе започнат да сообраќаат 55 нови автобуси на приватните превозници, оценувајќи дека тоа е уште едно „импровизирано решение“ на штета на јавниот интерес.
„Наместо нови автобуси во ЈСП, нови автобуси за приватните превозници! Четири години ВМРО-ДПМНЕ го држеше Советот на Град Скопје во блокада и не гласаа за набавка на нови еко автобуси, поради што јавниот превоз колабираше, а градот западна во хаос. Денес, кога ја имаат целата власт, се обидуваат да изиграат спасители и најавуваат нови автобуси од приватници, наместо системско јакнење на ЈСП,“ стои во соопштението на партијата.
Левица обвинува дека ваквиот потег отвора сомнеж дека се подготвува терен за приватизација на јавните претпријатија, наместо за нивно реформирање и модернизација.
„Се поставува прашањето зошто приоритет им е набавка на автобуси за приватниците, а не за Јавното сообраќајно претпријатие? Истите тие што беа против купување нови автобуси, сега носат импровизирани решенија. Истиот двоен стандард го гледаме и со Градска хигиена – Скопје тонаше во смет поради нивните блокади, а сега се сликаат со метли како да го чистат туѓиот неред,“ порачаа од партијата.
Од Левица додаваат дека нивните советници во Советот на Град Скопје ќе се спротистават на секоја одлука што го фаворизира приватниот интерес пред јавниот и нема да дозволат, како што велат, „дополнително уништување на јавните претпријатија.“
„Ние сме за силно, јавно и модерно ЈСП, а не за приватизација и политички маркетинг,“ се наведува во соопштението на Левица.
Македонија
Во државава е поевтино да се облечеш, отколку да се храниш
Државниот завод за статистика (ДЗС) објави дека во октомври индексот на трошоците на живот забележал мала дефлација од 0,2% во споредба со септември. Тоа се должи на поевтинувањето на транспортот за 6,1%, мебелот и одржувањето на домаќинствата за 0,3%, како и на образование и култура за 0,1%. Индексот на цените на мало бележи слично благо намалување, на 98,7 поени.
Сепак, ова благо месечно намалување не го менува годишниот тренд. Во однос на октомври 2024 година, индексот на трошоците на живот пораснал за 4,5%, а индексот на цените на мало за 2,8%, што покажува дека граѓаните сè уште се соочуваат со висок инфлаторен притисок.
Највидливо поскапување е регистрирано кај храна и безалкохолни пијалаци, кои за една година се зголемиле за 7%, како и кај алкохолни пијалаци и тутун (+6,7%) и облека и обувки (+2,8%). Мали месечни зголемувања има и кај домувањето, вода, електрична енергија и гас, како и ресторани и хотели, со раст од околу 0,2%.
Минималната синдикална кошница во октомври пораснала за 467 денари, а за просечно четиричлено семејство месечните трошоци изнесувале 65.544 денари. Најмногу се зголемиле трошоците за храна и пијалоци, кои во октомври достигнале 23.772 денари, што е раст од 378 денари за еден месец.

