Македонија
БиХ оствари квартален дефицит од 800 млн евра

Босна и Херцеговина (БиХ) во надворешно трговската размена со странство во првото тримесечје од годината оствари дефицит од 1,566 милијарди КM
Босна и Херцеговина (БиХ) во надворешно трговската размена со странство во првото тримесечје од годината оствари дефицит од 1,566 милијарди Конвертибилни марки, (околу 800 милиони евра).
Според Агенцијата за статистика, БиХ во наведениот период оствари извоз од 630 милиони евра, што е за 21 отсто помалку во однос на истиот период лани, додека увозот изнесува 1,43 милијарди евра, или 23 отсто помалку од лани.
Најзначајни трговски партнери на БиХ се Европската унија, Хрватска и Србија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пожарникарите се бореа со огнови на 38 места во државава, 30 се изгаснати

Во текот на изминатото деноноќие се евидентирани вкупно 38 пожари од кои три активни, пет ставени под контрола и 30 изгаснати.
Според најновиот извештај на Центарот за управување со кризи, активните пожари се во Општина Дојран – с. Николич (нискостеблеста шума), Општина Велес – с. Џидимирци (мешана шума) и Општина Македонски Брод – помеѓу с. Црешнево, с. Крапа и с. Локвица (деградирана дабова шума и грмушки).
Под контрола се пожарите во Македонски Брод – с. Слатина (мешана шума), Македонски Брод – с. Слатина, Слатински извори (нискостеблеста мешана шума), Чучер Сандево – с. Блаце – с. Горњани, м.в. Рамна шума (шумски пожар), Долнени 1 – с. Црнилиште (депонија) и Долнени 2 – с. Дебреште (депонија).
Македонија
Во Кочани нема да има концерт за Петровден, Крстевски го откажа на барање на родителите на загинатите деца во „Пулс“

Откажан е музичко забавниот дел од програмата за одбележување на Петровден, празникот на градот Кочани. Ваква одлука вчера донесе в.д. градоначалникот, Венко Крстевски, откако родителите на загинатите во трагедијата од 16 март годинава се собраа пред сцената во Паркот на Револуција, каде требаше да запчне концерт со настап на повеќе бендови. Тие поставија фотографии на своите деца и запалија свеќи.
Животот продолжува, но трагедијата во дискотеката „Пулс“ нè остави во заложништво на болката, особено за родителите кои живеат со страв и загуба. Откажувањето на музичкиот дел од денешниот и утрешниот настан не требаше да се случи – не затоа што не ја почитуваме тагата, туку затоа што нашата обврска е да се грижиме за сите, да го вратиме нормалното секојдневие и да покажеме дека заедништвото се гради со храброст и заедничка работа, а не со запирање на животот, стои во соопштението на в.д. градоначалникот Крстевски.
Претходно, родителите на загинатите во дискотеката „Пулс“ во пресрет на Петровден писмено се обратија до него со барање да се одложи музичко-забавниот дел од програмата.
Македонија
Гужви на Богородица за влез во Грција

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
На ГП Табановце за влез во државата и ГП Богородица за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 15-20 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.