Македонија
Македонија без визи до крајот на 2009?

Европската комисија (ЕК), на средината на мај најверојатно, ќе препорача укинување на визите за Македонија, Србија и Црна Гора, до крај на годината
Европската комисија (ЕК), на средината на мај најверојатно, ќе препорача укинување на визите за Македонија, Србија и Црна Гора, до крајот на годината.
“Конечниот Извештај на Европската комисија ќе потврди дека Македонија е најнапредната во регионот“, изјави денеска за Макфакс вицепремиерот за евроинтеграции Ивица Боцевски.
Тој додаде дека е “убеден“ оти македонските граѓани, до крајот на 2009 година, ќе може да патуваат во ЕУ без визи.
“Убеден сум дека 2009 ќе биде година кога ќе падне Шенгенскиот ѕид за македонските граѓани“, рече Боцевски.
Според извештаите, што ги пренесуваат денеска српските гласила, ЕК ќе и упати охрабрување на БиХ да продолжи со процесот, како и предупредување дека Комисијата мора да ги увери европските граѓани оти Унијата отвора врата за држава каде владеењето на правото е на врвот од приоритетите.
Извештајот ќе биде подготвен на 18 мај, и ќе ги содржи точките до кои секоја од државите стигнала во исполнување на условите за безбедност, борбата против организираниот криминал и корупцијата, контрола, лични документи, до податоци за тоа кој, кога и каде ја преминал државната граница.
Извештајот се поднесува по неколкуте средби на експертите на Европската комисија и преговарачките тимови од државите на регионот, како и врз основата на она што го забележале европските инспекции.
Извештајот, што ќе носи и препораки за укинување на визите, ќе биде тема на последниот министерски собир под чешко претседавање, на состанокот во јуни./крај/б92/ис
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.