Македонија
ЕЛЕМ не се откажува од побарувањата од ЕВН
Одлуката со која ЕЛЕМ го доби спорот против ЕВН е донесена поради тоа што австриската компанија не дозволила судскиот вештак да направи увид
Одлуката со која ЕЛЕМ го доби спорот против ЕВН е донесена поради тоа што австриската компанија не дозволила судскиот вештак да направи увид во наплатените побарување.
Ова денеска беше појаснето на конференција за новинари на раководството на ЕЛЕМ, во врска со спорот, кој побуди голем публицитет во домашната, но и меѓународната јавност.
Притоа беше презентиран анекс договор, според кој двете компании со делбениот биланс се договориле 50 отсто од побарувањата што тогашно ЕСМ ги имало од потрошувачите, да му бидат префрлени на ЕЛЕМ.
Според генералниот директор на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски ЕВН ја купил тогашна ЕСМ со ненаплатени побарувања од 13,6 милијарди денари (околу 220 милиони евра), по што ниту еднаш не ја информирала ЕЛЕМ за реализација на наплатата, и покрај обврската од анекс договорот..
Согласно договорот, половината од таа сум 6,5 милијарда денари (околу 107 милиони евра), откако ќе се наплателе, требало да му бидат префрлени на ЕЛЕМ, но до денешен ден биле префрлени само 8,92 отсто од тие средства.
Основниот суд во Скопје пресудил дека ЕВН треба да ја плати целата сума предвидена со договорот, без разлика дали ги наплатил побарувањата, со оглед на тоа што не дозволиле судскиот вештак да има увид во наплата на побарувањата.
„АД ЕЛЕМ има законска обврска да го заштити компанискиот имот, а со тоа имотот и на државата“, изјави Чингоски, појаснувајќи ги причините поради кои била покрената тужбата.
Тој истакна дека ЕЛЕМ нема никакви непријателски чувства кон ЕВН, туку напротив во нив гледа партнер за заедничка соработка.
Шефот на правниот тим на ЕЛЕМ, Никола Додевски не ја исклучи можноста од конфискација на имотот на ЕВН Македонија, повикувајќи се на домашните закони.
Наплата на судски долг во Македонија се врши преку судски извршител, кој најнапред ги блокира средствата на должникот, а потоа и неговиот имот, појасни Додовски, нагласувајќи дека пресудата на основниот суд не е правосилна и е подлежна на жалба пред повисоки судски инстанци.
ЕВН претходно соопшти дека ќе ја тужи Македонија пред Арбитражен суд во Вашингтон, во врска со пресудата за наплата на побарувањата од ЕЛЕМ. /крај/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

