Македонија
Владин став околу ЕВН
Македонската Влада попладнево на прес конференција ќе го соопшти својот став за последните случувања поврзани со ЕВН Македонија
Македонската Влада попладнево на прес конференција ќе го соопшти својот став за последните случувања поврзани со ЕВН Македонија.
Односите помеѓу македонските власти и австриските сопственици на ЕВН Македонија дополнително се заострија, по судската одлука дека компанијата треба да врати повеќе од 200 милиони евра на државните електрани ЕЛЕМ за ненаплатени побарувања од 1995 до 2004 година.
Претставници на Владата, како што јавија електронските медиуми, во четвртокот одржале средба со амбасадорите на ЕУ и на НАТО во Скопје за да им ги објаснат своите позиции во спорот со ЕВН Македонија.
Според истите извори, австрискиот амбасадор Алојз Краут на премиерот Никола Груевски му ги соопштил нерегуларностите, кои биле регистрирани во текот на судскиот процес.
„Ја нагласивме нашата заинтересираност во врска со судскиот спор на ЕЛЕМ против ЕВН Македонија. Потенциравме дека имаше забележано нерегуларности, како и писмо од шест амбасадори кои изразуваат загриженост за судската одлука”, изјави амбасадорот Краут.
Раководството на државните електрани ЕЛЕМ вчера порача дека не се откажува од побарувањата од ЕВН.
Според ЕЛЕМ, судската одлука со која државните електрани го доби спорот против ЕВН е донесена поради тоа што австриската компанија не дозволила судскиот вештак да направи увид во наплатените побарување.
Според генералниот директор на ЕЛЕМ Влатко Чинговски, ЕВН ја купил тогашна ЕСМ со ненаплатени побарувања од околу 220 милиони евра, по што воопшто не ја информирала ЕЛЕМ за реализација на наплатата, и покрај обврската од анекс договорот..
Согласно договорот, половината од таа сума, околу 107 милиони евра, откако ќе се наплателе, требало да му бидат префрлени на ЕЛЕМ, но досега биле префрлени само 8,92 отсто од тие средства.
Основниот суд во Скопје неодамна пресуди дека ЕВН треба да ја плати целата сума предвидена со договорот, без разлика дали ги наплатил побарувањата, со оглед на тоа што не дозволиле судскиот вештак да има увид во наплата на побарувањата.
ЕВН соопшти дека ќе ја тужи Македонија пред Арбитражен суд во Вашингтон, во врска со пресудата за наплата на побарувањата од ЕЛЕМ./крај/ег/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Шуто Оризари и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од улицата Македонско Косовска Бригада лоцирани спрема подвозникот кај Визбегово, како и дел од корисниците од улицата Индира Ганди, лоцирани покрај пруга кај подвозникот, општина Шуто Оризари;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од улицата Фјодор Достоевски, општина Карпош.
Македонија
Голем одрон кај село Ратево, магла на патниот правец Тетово – Гостивар
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај село Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Тетово – Гостивар до 70 метри, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без вода денеска објектите на хотел Континентал и Ист Гејт
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради промена на затворач на булеварот Александар Македонски бб (кај Континентал), прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на хотел Континентал и Ист Гејт.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

