Македонија
САД – Преговорите да се ограничат за името на Македонија
Преговорите меѓу Атина и Скопје ќе треба да се ограничат околу прашањето за името, изјави заменикот помошник државен секретар на САД Стјуарт Е. Џонс
Преговорите меѓу Атина и Скопје ќе треба да се ограничат околу прашањето за името, изјави вчера пред новинарите во Брисел, заменикот помошник државен секретар на САД, Стјуарт Е. Џонс.
Тој истакна дека САД имаат силен интерес за членството на Македонија во НАТО.
„Во оваа етапа од преговорите да се концентрираме на прашањето за името и да направиме напредок”, одговори Џонс на прашање на грчки „Катимерини”.
Заменикот Џонс додаде дека разговорите меѓу Атина и Скопје би можеле да донесат повеќе резултати за прашањето за името – „ако немаше некои други странични прашања“.
„Ги повикуваме двете страни да покажат најголема можна флексибилност, за да може прашањето за името да стане минато и Македонија да го заземе местото, кое го заслужува во НАТО. Атина и Скопје ќе треба да ги продолжат на отворен начин преговорите под закрила на Метју Нимиц”, посочи помошник заменикот-државен секретар и изјави дека по евроизборите „има шанса за напредок”./крај/Фокус/ил
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лимани смета дека назначувањето на владин повереник во Гостивар е незаконско
Вршителот на должност градоначалник на општина Гостивар и кандидатот кој доби најмногу гласови по првиот круг на локални избори, Ваљбон Лимани смета дека назначувањето на владин повереник е незаконско. Тој во одговор на новинарско прашање околу најавите за негова смена смета дека Уставниот суд треба да го реши прашањето кој ќе го води Гостивар до повторувањето на изборите кои пропаднаа заради слаба излезност
„Јас сум избран како в.д. градоначалник минатата година, во јули, согласно Законот за локална самоуправа, Член 54 и потоа Член 4 кој беше сменет во меѓувреме и кој вели дека имам мандат до избор на нов градоначалник“, вели Лимани и појаснува дека цврсто верува во правната држава и по правен пат ќе се спротивстави на владината намера да постави повереник во Гостивар.
Тој најави дека ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд.
„Ќе поднесеме инцијатива до Уставен суд, дали е тоа уставно или не. Јас мислам дека на крајот на денот, граѓаните го кажаа своето на изборите на 19 октомври. По закон најдоцна за шеесетина дена треба да имаме повторени избори и последниот збор пак ќе го имаат граѓаните на Гостивар. На крај, верувам дека Уставниот суд ќе каже дали е законски или незаконски“, рече Лимани.
Владата најави дека ќе назначи владини повереници во четирите општини во кои локалните избори беа неуспешни затоа што во првиот круг не беше исполнет законскиот цензус од една третина излезност на гласачите. Се работи за општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше.
Македонија
ТИТАН Усје со поддршка за болницата во Кочани
Во насока на поддршка и унапредување на услугите за граѓаните, ТИТАН Усје обезбеди генератор за Јавната здравствена установа Општа Болница Кочани. Генераторот ќе обезбеди непречено да се извршува здравствената дејност во оваа институција, што е од огромно значење. Истовремено ќе придонесе за подобрување на ефикасноста во работењето, во интерес на граѓаните од овој регион.
Донацијата беше обезбедена по претходна консултација со менаџментот на болницата во Кочани за нивните потреби согласно спецификите на работењето и за потребите на пациентите. Во Кочани донацијата ја предадоа техничкиот директор на компанијата Гоце Цветкоски и Александар Мојсовски, менаџер на погонот за одржување.
„Искрено се надеваме дека на овој начин ќе успееме да придонесеме за подобрување на состојбите, за сите граѓани кои имаат потреба од здравствена услуга да добијат соодветен третман. Ние сите заедно мора да придонесеме за подобрување на состојбите во нашето општество и да обезбедиме поддршка онаму каде што е најпотребна. Ќе продолжиме во таа насока и во иднина„, истакна Цветковски.
Покрај оваа донација, на болницата во Кочани ѝ беше дониран и респиратор, кој беше обезбеден од донации од вработените на компанијата, а беше реализирана и донација за болницата во Штип.
Македонија
Исплатите од ИПАРД програмата привремено прекинати поради проверка на законитоста
Македонија преку структурите и органите за управување на средствата од ИПА/ИПАРД донесе одлука за времен прекин на исплатите на средствата од ИПАРД програмата – инструментот на ЕУ за претпристапна помош за рурален развој, соопшти Министерството за финансии.
Оттука објаснија дека одлука следи по актуелните случувања со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
„За ваквата одлука истиот ден е известена Европската комисија и службите во Брисел, кои повратно известија и ја поздравија одлуката на Националните структури. Целта е да се обезбеди уверување дека воспоставениот систем гарантира легалност и регуларност на плаќањата од ИПАРД, како и постоење на ефективни мерки за заштита од измами и корупција“, велат од Министерството.
Во моментот Националните структури за управување на средства од ИПА/ИПАРД инструментот веќе превземаат дополнителни мерки и активности поврзани со актуелните случувања.
Се додава дека Македонија од Европската комисија уште од 2009 година го има добиено од правото за децентрализирано управување со средствата од ИПА/ИПАРД инструментот.
Пратеникот на СДСМ и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски во текот на денот на прес-конференција изјави дека одлуката за суспендирање стапила на сила веднаш, на неопределено време, се до исполнување на одредени услови и акциски планови. Оваа суспензија, како што појасни, опфаќа целосен прекин на исплатите кон земјоделците и компаниите коишто веќе имаат склучени договори и веќе реализираат инвестиции од оваа програма, потпишување на нови договори и преземање на финансиски обврски од платежната агенција, како и објавувањето на нови јавни повици. Причината, како што вели, е скандалот со барање и примање на мито од страна на директорот на платежната агенција и уште четири други лица, вклучувајќи и блиска соработничка на министерот од Министерството за земјоделство.
Попладнево министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, изјави дека Брисел нема најава за блокада на ИПАРД средствата и додаде дека ќе продолжи борбата против корупцијата Тој појасни дека веднаш по акцијата на Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, се преземени дополнителни активности за целосна проверка на работењето на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
„Ќе се преземат мерки за унапредување на контролните механизми, особено во делот на исплатата на ИПАРД средствата,“ додаде Трипуновски.
Министерот најави дека набрзо ќе има нов директор на Агенцијата, со цел тековното работење да продолжи со нормална динамика.

