Македонија
Времено вработување на 5.000 невработени за изведување јавни работи
Околу 5.000 невработени лица ќе бидат времено ангажирани од јули до декември оваа година за извршување јавни работи, во проекти изготвени од ЗЕЛС
Околу 5.000 невработени лица ќе бидат времено ангажирани од јули до декември оваа годиназа извршување јавни работи, во проекти изготвени од Единиците на локалната самоуправа.
Ова се предвидува со измените и дополнувањата на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2009. година, усвоени на владина седница на 2. јуни.
Според министерот за труд и социјална политика Џелал Бајрами, измените на Оперативниот план се дел од владиниот антикризен пакет, а со цел преку изведување на јавни работи да се ублажат последиците од глобалната економска криза.
За сите ангажирани лица до крајот на годината се обезбедени месечни примања по 7.600 денари, но од овие средства ќе се одбие данокот и здравственото осигурување, така што работниците ќе примаат по 6.300 денари.
„Целта на оваа програма е ангажирање на долгорочно невработените лица, ниско квалификувани, повозрасни и други невработени лица заради стекнување на одредени работни знаења и вештини, како и за намалување на сиромаштијата“, рече Бајрами.
Тој додаде дека за време на работното ангажирање невработените и натаму имаат право да ги користат стекнатите права по основ на невработеност.
Министерот Бајрами рече дека локалната самоуправа може да обезбеди дополнителни средства за организирање храна и превоз на работниците, доколку е потребно.
Директорката на Агенцијата за вработување Лилјана Јовановска, истакна дека временото ангажирање на невработените лица ќе им овозможи стекнување на нови практични знаења и вештини, кои подоцна може да им користат при идните вработувања.
„Овие мерки за вработување се насочени кон тоа да се зголеми подготвеноста на невработените лица активно и колку е можно за покус временски период да се вклучат на пазарот на трудот, со зголемување на нивната вработливост што води кон побрзо“, рече Јовановска.
Поддршка на проектот даде и претседателот на Заедницата на Единиците на локална самоуправа(ЗЕЛС) и скопски градоначалник Коце Трајановски.
„Во овие услови од голема важност е реализацијата на јавни работи и тоа како за невработените лица, така и за локалниот економски развој на единиците на локалната самоуправа“, рече Трајановски. /крај/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

