Македонија
Османи – Македонија е подготвена да реагира
Министерството за здравство презеде мерки за да го подготви здравствениот систем за објавувањето на пандемија – евентуално заболување од новиот грип
Министерството за здравство ги презеде сите неопходни мерки за да го подготви здравствениот систем за објавувањето на пандемија, односно за евентуална појава на случај на заболен од новиот тип на грип во Македонија.
Ова се наведува во изјава на министерот за здравство д-р Бујар Османи, по повод одлуката на СЗО за прогласување пандемија на грип
Денеска, заседаваше Комисијата за пандемиски грип која меѓудругото констатираше дека здравствениот систем на Република Македонија е подготвен навремено да реагира и да го спречи ширењето на болеста, доколку таа се појави, изјави министерот.
Преземени се сите превентивни мерки за брза реакција доколку се појави случај со симптоми на болеста, спречување на нејзиното ширење и лекарски третман на евентуално заразените лица, вели Османи
Уште еднаш сакам да потенцирам дека во Република Македонија досега нема регистриран случај со новиот тип на вирус на грип од типот А(H1N1) или таканаречен „свински грип“, ниту кај луѓето, ниту кај животните, но ние се подготвуваме, согласно на препораките на СЗО, за ефикасен одговор кога тој случај ќе се појави, вели министерот.
Тој апелирам до граѓаните да се придржуваат до следниве основни упатства:
– Одржувајте ја личната хигиена преку често и темелно миење на рацете со вода и сапун
– Покривајте го носот и устата при кивање и кашлање со хартиено шамиче, кое потоа треба да го фрлите во канта за отпадоци;
– Избегнувајте да ги допирате очите, носот и устата по допирање на предмети кои би можеле да се загадени;
-Често проветрувајте ги просториите во кои престојувате,
-Внесувајте повеќе течности и витаминска храна, избегнувајте стресни состојби, бидете физички активни и најдете време за одмор и добар сон.
– Избегнувајте близок контакт со лица кои покажуваат симптоми на грип;
– Доколку почувствувате симптоми кои наликуваат на грип, како што се висока температура, кашлање и малаксаност, веднаш јавете се по телефон кај вашиот матичен лекар, во службата на итна медицинска помош или во Заводот за здравствена заштита или. Лекарите ќе одлучат за вашето понатамошно лекување./крај/с/ил
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

