Македонија
Наркозависноста во Македонија е криминализирана
Употребата на дрога е силен извор на стигма и дискриминација, која што многу често е повеќеслојна, а корисниците на дрога во Македонија се третираат
Употребата на дрога е силен извор на стигма и дискриминација, која што многу често е повеќеслојна, а корисниците на дрога во Македонија се третираат како криминалци.
Ова беше истакнато во рамки на денешната трибина посветена на прашањето за статусот на корисниците на дрога во Македонија, во организацијата на невладината организација ХОПС.
Стигмата и дискриминацијата на корисниците на дрога се особено истакнати доколку корисниците на дрога се ХИВ позитивни, кога се заболени од хепатитис Ц, доколку се од друга раса или имаат поинаква сексуална ориентација.
„Покрај тоа што корисниците на дрога се дискриминирани, нивната социјална и економска моќ е намалена и тие се втурнуваат во еден малцински статус и маргинализирана група“, рече правниот советник во ХОПС, Наташа Бошкова.
Според неа исклучително висок е процентот на македонски граѓани кои имаат дискриминирачки однос кон лицата кои користат дрога. Поради дискриминацијата, на лицата кои користат дрога многу често им се ускратува правото за социјална заштита и социјални услуги, а најголема нетолеранција покажале здравствените работници.
МВР го води единствениот регистар за корисниците на дрога во Македонија, и со тоа уште повеќе се потврдува предрасудата кон оние кои користат дрога.
Законот за контрола на дроги, според Бошкова, ги стигматизира лицата кои користат дрога бидејќи истите според овој закон треба да се сузбијат, како тие лица да се криминалци.
Бошкова истакна дека во македонските затвори се повеќе расте бројот на корисници на дрога, затоа што тие лица најчесто завршуваат во затвор за многу мало количество на дрога кое што им било за лична употреба, а не за препродавање.
Извршниот директор на ХОПС, Влатко Деков истакна дека е катастрофална состојбата во Македонија со центрите за лекување од наркозависности, поради тоа што наркозависниците не можат да си го остварат правото за здравствена заштита.
Според националната стратегија за дроги во Република Македонија кај нас има меѓу 6.000 и 8.000 илјади главно опијатни зависници кои што имаат сериозни здравствени и социјални проблеми.
Во овој момент на лекување има околу 1.200 луѓе кои се ставени на супституциски третман, вклучително и во затворот Идризово и некаде уште околу стотина лица кои се лекуваат во приватни клиники и во двете тераписки заедници.
Според Деков во Македонија постои голем проблем поради неможноста да се отворат нови центри поради дискриминаричкиот однос на политичката елита, општините, но и од самите граѓани.
Според пресметките на ХОПС, многу поефикасно и поевтино е лекувањето на наркозависниците кое што би чинело околу 54.700 евра за една година за сите корисници или околу 783 евра по клиент под услов установата да не плаќа кирија.
Од друга страна еден не третиран корисник на дрога државата ја чини од 2.560 до 4.021 евра каде се вклучени трошоци за суд, притвор, затвор и сл./крај/амп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.
На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

