Македонија
90 отсто од дишните органи на 29-годишниот Карадакоски биле изгорени од пламенот што го вдишал, утврдиле лекарите во Литванија

Директна причина за смртта на 29-годишниот Александар Карадакоски, кој утрово почина во Литванија, се изгореници на дишното стебло, извести попладнево Небојша Настов, директор на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, каде што Карадакоски бил згрижен пред за отпатува во Литванија. Во болницата бил примен околу 6 часот на 16 март. Во текот на денот му се влошила состојбата, па во попладневните часови бил ставен на вештачко дишење, а истовремено му ги лекувале и изгорениците.
„Вкупната површина на изгорениците е некаде околу 36 %, кои претежно се наоѓаа во пределот на главата, вратот и горните екстремитети со длабочина од втор и трет степен, што само за себе кажува за интензитетот на пламенот што го има зафатено. Поради делот од пламенот и чадот што ги вдишал, доаѓа до оштетување на внатрешните дишни органи, што е потврдено и од страна на колегите од Литванија во разговор со нашите анестезиолози при брифирањето за здравствената состојба на пациентите, што морам да кажам дека се одвиваше редовно, секој ден или на секои два дена. Утврдено е со бронхоскопско испитување дека е оштетен голем дел од дишното стебло и како последица на тоа доаѓа до влошување на состојбата, која на крајот резултирала со подлегнување на повредите на 29-годишниот Александар Карадакоски“, рече директорот Настов.
Карадакоски останал во „Св. Наум Охридски“ речиси 24 часа пред да биде транспортиран во Литванија со медицински санитетски авион.
Министерот за здравство Арбен Таравари рече дека Карадакоски бил во најкритична состојба од сите 193 лица повредени во пожарот во дискотеката.
„Тој беше најтешкиот пациент. Му откажа функцијата на бубрезите на 1 април, беше ставен на дијализа, практично имаше рани на 36 % од телото од втор и трет степен, што отвора простор за инфекции и тоа е таа компликација плус дишните патишта, изгореници на дишните патишта околу 90 %“, рече министерот Таравари.
Министерството за надворешни работи веќе го организира враќањето на телото на Карадакоски. Министерот Таравари рече дека обдукцијата ќе ја направи Судска медицина во Скопје, а сите трошоци ќе бидат покриени.
Карадакоски е еден од 116 пациенти испратени на лекување во странство по пожарот во дискотеката во Кочани. Денес, од лекување во странство треба да пристигнат уште шестмина пациенти, по двајца од Бугарија, Шпанија и Унгарија, па во странските болници ќе останат 69 пациенти. Од нив тројца се во критична состојба.
Во болниците во Скопје во овој момент се лекуваат 14 пациенти, а за петмина веќе е договорен испис.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со директорката на Агенцијата за туризам: Држава како нашата има реални шанси да биде посакувана туристичка дестинација во текот на целата година

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се сретна со Билјана Стефаноска, директорка на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
На средбата, претседателката Сиљановска-Давкова изрази став дека туризмот, како гранка, не само што носи приход, туку и го промовира македонското природно богатство и културно наследство пред светот, како наша компаративна предност.
За неа, мала држава како нашата, со исклучителни природни убавини и вредни културно-историски добра има големи и реални шанси да биде посакувана туристичка дестинација не само за време на летните месеци, туку во текот на целата година. Се разбира, останува трајната обврска на Министерството за култура и туризам, другите министерства, но и единиците на локалната самоуправа, како и на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за создавање неопходни претпоставки, се наведува во соопштението од кабинетот на Претстедателката.
Стефаноска ја информираше претседателката за работата на агенцијата којашто е формирана во 2008 година, со акцент на последните неколку месеци откако е на оваа функција, посочувајќи ги успесите и падовите, актуелните проблеми и предизвици со коишто се соочува.
Таа посочи дека е потребно да се креира стратегија за развој на туризмот, комплементарна со онаа за културата, како гаранција за успех.
Соговорничките се согласија дека поврзувањето на културата и на туризмот во едно министерство е чекор напред во стратешкиот пристап кон нивниот развој, се додава во соопштението.
Македонија
(Видео) Мециновиќ: Кандидатите за Програмскиот совет на МРТВ претендираат за трет мандат спротивно на Законот

„Во член 118 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се вели следното: мандатот на членовите на Програмскиот совет на МРТ е пет години, со право на уште еден мандат. Ова би им бил трет мандат на овие луѓе, што е директно спротивно на Законот и, автоматски, би требало да значи нивна дисквалификација. Ова, особено, важи за кандидат кој веќе, речиси, 13 години бил претседател на Програмскиот совет”, истакна пратеникот и портпарол на партијата Левица, Амар Мециновиќ, на Собраниската комисија за прашања на изборите и именувањата на која се вршеше проверка на кандидатурите доставени за именување на членови на Програмскиот совет на МРТВ.
– Во однос на нивната досегашна работа, може многу да се дискутира, затоа што постојат сериозни сомнежи и за противзаконски постапки. Но, она што е кристално јасно е дека, според член 118, сите четворица кандидати треба веднаш да бидат дисквалификувани од понатамошната постапка, образложи пратеникот Мециновиќ.
Портпаролот на Левица одржа и прес – конференција во контекст на актуелната собраниска процедура за именување нов Програмски совет на МРТ на која отвори низа прашања поврзани со легитимноста и транспарентноста во работењето на јавниот сервис.
Притоа, Мециновиќ потсети дека актуелниот генерален директор првпат е именуван во 2012 година, по што е реизбран во 2015 и 2018 година, но оттогаш нов конкурс не е распишан. Тој го нарече ова „директор со три мандати плус еден гратис“ и нагласи дека ваквата состојба е спротивна на законот.
Според Мециновиќ, уште од 2021 година постојат најави дека Програмскиот совет ќе распише нов конкурс за генерален директор, но тоа никогаш не се случило.
Македонија
ДУИ: Горчлива иронија е фотографијата од Коцевски и Тошковски кои потпишуваат меморандум за борба против корупцијата

Вчерашната фотографија на Јавниот обвинител Коцевски и министерот за внатрешни работи Тошковски, како потпишуваат меморандум за соработка во борбата против корупцијата, беше горчлива иронија за правдата и симбол на заробена држава, велат од ДУИ.
Интегративците во соопштението наведуваат дека наместо тоа ракување, таа сцена требаше да биде истражна постапка во која министерот за внатрешни работи дава отчет за неговата улога во трагедијата во Кочани.
„Повеќе од една година, ноќен клуб функционирал без лиценца, со целосно знаење на командниот синџир на локалната полиција. И покрај внатрешните предупредувања за сериозни прекршувања – вклучително и присуство на малолетници, употреба на дрога и пиротехника – не беше преземено ништо. Таа негрижа доведе до трагична загуба на над 60 животи и повредување на над 200 лица“, велат од ДУИ.
Се додава дека наместо да покаже чувствителност и да преземе одговорност, министерот Тошковски продолжува да ја избегнува секоја морална или правна одговорност. Ова однесување го зацврстува впечатокот за заробена држава, каде што правдата е селективна и политички контролирана, смета ДУИ.
Партијата го повика обвинителството да постапува независно и со интегритет, без одлагање и без политички влијанија, и да ги истражи сите кои потфрлиле во својата должност да ги заштитат граѓаните.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и Јавниот обвинител на Македонија, Љупчо Коцевски вчера потпишаа нов Протокол за соработка помеѓу МВР и Јавното обвинителство.
Министерот Тошковски образложи дека документот утврдува јасни насоки и правила за постапување на полициските службеници и јавните обвинители, во активностите што се преземаат за откривање и гонење на сторители на кривични дела, а во исто време треба да го подобри функционирањето и ефикасноста на кривичниот прогон како дел од кривично-правниот систем.