Македонија
Државните обврзници значително го кренаа прометот на берзата
Прометот при денешното тргување на македонската берза за хартии од вредност изнесуваше 22.487.119,41 денари
Прометот при денешното тргување на македонската берза за хартии од вредност изнесуваше 22.487.119,41 денари.
Во вкупниот обем на тргување повторно доминираа државните хартии од вредност за денационализација чии промет изнесуваше 17.495.725,41 денари кој се реализираше преку 11 трансакции.
На официјалниот пазар прометот изнесуваше 20.007.754,41 денари, додека на редовниот пазар изнесуваше 2.479.365,00 денари.
МБИ-10 порасна за 1,14% и се искачи на ниво од 2.540,94 индексни поени. МБИД незначително се намали за 0,01%, а неговата вредност изнесуваше 2.290,10 индексни поени. ОМБ истотака минимално се намали за 0,01%, при тоа позиционирајќи се на ниво од 103,28 индексни поени.
Од хартиите од вредност кои котираат на официјалниот пазар, најмногу се тргуваше со државната обврзница за денационализација од осмата емисија при остварен промет од 9.662.332,19 денари. Остварената просечна цена од 77,01% значеше намалување од 0,77%. Вкупно се истргуваа 205.194 обврзници од оваа емисија.
Втора по ликвидност беше државната обврзница за денационализација од петтата емисија со промет од 2.847.031,94 денари. Просечната цена од 82,40% од номиналната вредност порасна за 0,49% во однос на претходниот трговски ден. Вкупно се истргуваа 56.503 обврзници.
Со државната обврзница за денационализација од седмата емисија се оствари промет од 2.797.605,94 денари, а истргувани беа 58.001 обврзници. Просечната цена изнесуваше 78,88% со што се зголеми за 1,13%.
Од акциите на редовниот пазар најтргувана беше акцијата на Стопанска Банка Скопје со која беше остварен промет од 1.826.450,00 денари. Просечната цена изнесуваше 220,05 денари по акција, а падот беше 0,46% на дневна основа. Вкупно беа истргувани 8.300 акции кои беа реализирани преку 16 трансакции.
Втора по обем на промет од редовниот пазар беше акцијата на Солун-2001 Гевгелија со промет од 257.725,00 денари. Просечната цена од 305,00 денари по акција беше без промена. Истргувани беа вкупно 845 акции.
Акционерските друштва ЕМО, Комуна, Технометал Вардар, Скопски Пазар, како и Охридска Банка, објавија неревидиран биланс на успех за период од 01.01.2009 до 30.06.2009 година.
Пет најтргувани хартии од вредност
1. Р.Македонија – Денационализација 08
2. Р.Македонија – Денационализација 05
3. Р.Македонија – Денационализација 07
4. Стопанска Банка Скопје
5. Р.Македонија – Денационализација 04
Хартии од вредност со најголем пораст
1. Раде Кончар Скопје 12,43%
2. Макстил Скопје 4,40%
3. ЗК Пелагонија 2,99%
4. Бетон Скопје 2,98%
5. Р.Македонија – Денационализација 03 1,53%
Хартии од вредност со најголем пад
1. Хотели Метропол Скопје 5,11%
2. Скопски Пазар Скопје 4,76%
3. Р.Македонија – Денационализација 08 0,77%
4. Македонски Телеком Скопје 0,61%
5. Стопанска Банка Скопје 0,46%
Copyright 2009 makfax. Сите права се задржани. Текстов не смее да
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

