Македонија
92,5 отсто помалку заболени од сезонски грип во однос на претходната година
Министерството за здравство информира дека во сезоната 2020/2021 година вкупниот број на заболени од сезонски грип изнесува 539. Ова претставува 92,5 % помалку во споредба со истиот период лани и 94,5 % помалку во однос на типичната сезонска крива.
Најголемиот број заболени се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението од 15 до 64 години (228 случаи), а највисоката инциденца се регистрира кај децата на возраст од 0 до 4 години.
Во петтата недела од 2021 година пријавени се 45 случаи на заболени од грип/заболувања слични на грип, со што се бележи намалување во споредба со минатата сезона и со типичната сезонска крива.
Во Република Северна Македонија, заклучно со петтата недела, вакцинирани се вкупно 39.488 лица против сезонски грип. Вакцинирани се вкупно 28.922 лица со бесплатна вакцина, а 10.566 лица се вакцинирани со комерцијалните вакцини.
„Мерките за заштита од Ковид-19 придонесоа за намалување на бројот на заболени и на пациенти од сезонски грип. Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасната заштита од ова заболување“, соопшти Министерстото за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Безбеден град веќе спасува животи, прекршоците намалени од 100.000 дневно во првите денови до 3.000 сега
Системот „Безбеден град“, кој официјално треба да профункционира од 1 февруари, веќе дава резултати во тест-периодот, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Бројот на сообраќајни прекршоци и незгоди е значително намален, а со тоа и бројот на повредени и загинати лица во сообраќајот.
„Во јануари имаме уште поохрабрувачки бројки од декември – тоа значи повеќе спасени животи, помалку сообраќајни незгоди, и побезбеден сообраќај“, рече Мицкоски.
Додека во првите денови биле регистрирани и повеќе од 100.000 прекршоци дневно, сега таа бројка е сведена на 2.000 до 3.000.
Мицкоски одговори и на прашањето за заштитата на личните податоци на граѓаните во рамки на проектот. Тој најави дека ќе бидат потребни дополнителни усогласувања и протоколи, особено во првите три до шест месеци од имплементацијата.
„Никој не бил перфектен при стартот на овој проект. Сосема логично е да се вршат прилагодувања во текот на првите месеци. Но, најважно е што веќе се гледаат резултати“, рече премиерот.
Македонија
Уставниот суд веќе ја потврди законитоста на одлуките за вонредната состојба, му одговори Пендаровски на премиерот Мицкоски
Поранешниот претседател Стево Пендаровски му возврати на премиерот Христијан Мицкоски поради неговата изјава дека има основани сомнежи за уставноста и законитоста на одлуките за вонредна состојба што беа донесени во времето на пандемијата.
„Навистина мислев да не му давам значење на господинот Мицкоски, затоа што ја разбирам неговата потреба катастрофалните резултати од своето досегашно владеење да ги покрива со коментари за работи кои не ги разбира“, наведува Пендаровски во писмена реакција, додавајќи дека „за жал, на експертот за енергетика претходно не му ги објасниле неговите големи правници“.
Тој потсетува дека Уставниот суд уште пред повеќе од пет години потврдил дека одлуките за вонредната состојба се во склад со Уставот и законите.
„Уредбите со законска сила ги носеше и ги имплементираше Владата. Дали таму имало злоупотреби, тоа државните институции, кои сега се под тотална контрола на Мицкоски, можат да го проверат кога сакаат, ако сакаат“, додава поранешниот претседател.
Тој истакна и дека сите одлуки за прогласување на вонредна состојба биле доставени до Собранието веднаш по завршувањето на секоја вонредна состојба.
„Мене ми е јасно дека и ова образложение нема да го спречи Мицковски да продолжи неосновано да обвинува и клевети, затоа што тоа е, за жал, единствениот начин на кој е научен да владее“, заклучува Пендаровски.
Изјавата на Пендаровски следи по денешниот коментар на премиерот Мицкоски, кој го повика Обвинителството да постапи по допрен глас поради наводите на хирургот Жан Митрев дека во времето на вонредната состојба, тогашната власт, предводена од СДСМ, односно премиерот Зоран Заев и тогашниот министер Венко Филипче сакале да ја преземат неговата приватна клиника. Мицкоски во таа пригода посочи дека „се случувале мафијашки упади“ и дека некои од уредбите што биле носени сè уште не се разгледани од страна на Собранието, со што, според него, има сомнежи и за одговорност на поранешниот претседател Пендаровски.
Македонија
„Блаже Конески“ го почнува второто полугодие со нов лик – модерно училиште со 16 училници, библиотека, сала, кујна
Општина Аеродром денеска го пушти во употреба новоизградениот дел од ООУ „Блаже Конески“ во Мичурин. На свеченоста присуствуваа градоначалникот Дејан Митески, премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
По 70 години, училиштето доби современ лик и услови за квалитетно образование. Новите училници, кабинети и заеднички простории обезбедуваат простор за развој на учениците и подобри услови за наставниците.


Проектот е капитална инвестиција на Општина Аеродром, реализирана со поддршка од Владата, вреден 200 милиони денари. Во новиот дел на училиштето се изградени 16 модерни училници и кабинети, библиотека, сала со бина, лифт, кујна и трпезарија, енергетски ефикасна фасада и целосно пристапни услови за сите ученици.
Втората фаза од овој проект веќе е започната и опфаќа изградба на спортска сала, 10 нови училници, кабинет за информатика, нова библиотека, просторен хол за активности и партерно уредување на дворот со игралишта, зеленило и нов паркинг, со вкупна вредност од 253 милиони денари.

Овој капитален проект ја потврдува посветеноста на Општина Аеродром кон развој на современо, безбедно и достапно образование за сите ученици.

